Средба на Пендаровски со Ан Линде

200

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Шведска, кои во континуитет градат пријателски и партнерски односи. Во тој контекст претседателот Пендаровски посочи на интересот на Македонија за интензивирање на соработката со Шведска во сферата на економијата.

Претседателот се заблагодари за континуираната поддршка од Шведската меѓународна агенција за развој за земјава.

Во контекст на европските аспирации на нашата држава, претседателот Пендаровски ја истакна важноста на поддршката што Шведска ја дава за интеграцијата на Северна Македонија и за државите од Западен Балкан во Европската Унија.

На средбата претседателот Пендаровски истакна дека и покрај отсуството на одлука за почеток на пристапните преговори со ЕУ, европската интеграција останува стратешка цел за нас.

За Македонија, рече претседателот Пендаровски на средбата, не постои друга прифатлива алтернатива, освен полноправно членство во ЕУ.