Спорот со Грција не е рационален

2709

Прашањата на националниот идентитет се многу чувствителни и решливи само во рамките на конкретни историско-културни и политички услови. Спорот со Грција околу името Македонија не е рационален. Во неговото решавање би морале да имаат активна улога и институциите на ЕУ, ако навистина сакаат во својата средина да ја видат Македонија и на своето југоисточно крило да имаат безбедна ситуација, чиј гарант ќе бидат и Грција и Македонија

Дејан Азаски

Првиот претседател на самостојна Република Словенија, Милан Кучан, е во посета на Република Македонија и денеска треба да одржи предавање на годишната меѓународна конференција за европски интеграции на темата „Европа и Балканот“, во организација на универзитетот „Американ колеџ“ од Скопје.
Посетата на Кучан ќе биде исполнета со повеќе средби со македонскиот политички врв, меѓу кои и со претседателот Ѓорге Иванов и со парламентарниот спикер Талат Џафери.
Претседателот Кучан е осведочен пријател на Македонија, за што говори и фактот дека тој е првиот државник што дошол во официјална посета на земјава по нејзиното осамостојување. Покрај тоа, во време на неговиот мандат, Словенија стана првата земја што ја отвори својата амбасада во независна Македонија, поради што и денес на регистарските таблички на возилата на словенечкото дипломатско претставништво во Скопје, стои дипломатската ознака 01 CD. Меѓусебното пријателство и поддршката што Словенија и Македонија ги имаат градено уште од сопствените осамостојување, токму во времето на претседателствувањето на Кучан и на првиот македонски претседател Киро Глигоров, се одржува до денес. Тој факт, во неодамнешно интервју за „Нова Македонија“, го потврди и амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Милан Јазбец, кој констатира дека во Македонија многу ѝ се верува на Словенија. И покрај неговата респектабилна возраст (77 години) и сопственото тврдење дека веќе не е толку политички ангажиран, Кучан сѐ уште се придржува до професионалноста и одговорноста на политичар од висок ранг, па поканата за интервју од „Нова Македонија“ беше реализира за неполни 24 часа, или еден ден пред неговото пристигнување во Македонија.

Се наоѓаме во Скопје, 2018 година. Дали тоа што го гледате тука на економски и на политички план е подобро од состојбите во 1988 година? Поконкретно, дали мислите дека Македонија доби или изгуби со распадот на Југославија?
– Милитантната великосрпска политика на ниту еден народ од некогашна Југославија не му ветуваше добра перспектива. Македонија како самостојна држава доби можност во целост да ја преземе одговорноста за својата судбина и за иднината на своите граѓани, како и за припадниците на сите свои народи. Го изгуби, како што всушност го изгубивме сите, чувството на заедништво, кое не успеавме досега повторно да го воспоставиме на нови основи.

Вие ја предводевте делегацијата што го напушти 14-от конгрес на СКЈ, што де факто значеше распад на партијата. Вие бевте прв претседател на независна Словенија, што де факто водеше кон распад на државата Југославија. Три децении подоцна дали сметате дека можеше нешто да се направи за да се спасат барем позитивните елементи од заедничката држава: како заеднички пазар, респектабилна надворешна политика, респектабилен заеднички спорт и култура? Дали доколку се вратите назад низ историјата би постапиле поинаку?
– Можеше да биде поинаку! Словенија силно се залагаше да биде поинаку. Во кризата на политичките односи во кои се најде Југославија, предлагавме преуредување на државата во асиметрична федерација, па дури и конфедерација. На крајот, кога сите предлози беа одбиени, им предложивме на сите републики спогодба за мирно договорено разидување. За жал, на предлогот одговори само хрватското собрание, а последиците беа трагични. Најмногу страдаше Босна и Херцеговина, која сѐ до денес не успеа докрај да ги санира последиците на војната што се водеше против неа. Патем, да напоменам, словенечката делегација, на 14-от конгрес на СКЈ ја предводеше д-р Цирил Рибичич. И точно е, како што велите, тој настан стави крај на СКЈ и го навести распадот на Југославија.

Какво е денес, а какво беше тогаш доминантното јавно мислење на словенечкиот народ во однос на СФРЈ?
– Ние Словенците, и првата, и втората Југославија ги сметавме за своја држава. Во тогашните историски услови, тие се создадени со наша согласност и за нивната судбина го презедовме својот дел од одговорноста. Бевме уверени дека животот во демократска повеќенационална заедница ќе обезбеди рамноправност, како и национален опстанок и развој. Во периодот на кризата, во која беше загрозено ефикасното функционирање на државата и беше нарушена националната рамноправност, својата иднина ја врзавме за создавање сопствена држава, со остварување на правото за самоопределување, но на начин со кој не посегнавме во еднаквото право на другите народи.

Бевте голем пријател со првиот македонски претседател Киро Глигоров. Како би ја оцениле неговата историска улога за Македонија и за целиот Балкан во сите тие преломни моменти?
– Многу го почитував покојниот претседател Глигоров. Нашето познанство и соработка беа долговечни. Многу го ценев тоа што тој, како искусен човек, ме прифати мене, како млад човек и политичар, за свој соработник. Беше човек со големо економско и политичко знаење, хуманист, чија аргументација честопати надвладуваше во донесувањето на одлуките на југословенските форуми. Беше многу влијателна личност во политичкиот живот на Југославија, но секогаш беше и Македонец. Неговите ставови јасно разоткриваа дека води сметка за заедницата, но и за тоа што одредено решение би значело за неговата Македонија. Со својата мудрост и знаење одлучно влијаеше на мирниот пат на Македонија во самостојна држава. Со право често се споменува како татко на нацијата. Ми останува во траен спомен, пред сѐ, како пријател и голем човек.

Македонија во многу работи се угледува на Словенија. Но најмногу ѝ завидува поради успешно изведената приватизација и транзиција. Според вас, каде Словенија успеа, а Македонија погреши во овој клучен процес за економската иднина?
– Навистина, Словенија особено успешно го мина најголемиот дел од транзицискиот период, пред сѐ на економски план, иако нѐ погоди загубата на југословенскиот пазар.
И тоа траеше многу долго, додека успешно преминавме на западните пазари. Меѓутоа, нашиот концепт на приватизација не е оптимален и не е завршен. Имаше и појави на тајкунизација, па и на евтина распродажба на државниот имот на странци. И не најдовме најдобри решенија за управување со државните претпријатија, не само во производствените дејности, туку и во инфраструктурата – енергетската, сообраќајната и финансиската.

Словенија прва од регионот пристапи кон Европската Унија. Во вашата јавност често има дебати околу позитивните или негативните ефекти од ваквата интеграција. Кој е вашиот став? Дали ЕУ ѝ беше неопходна на Словенија и како официјална Љубљана треба да се постави во однос на сѐ понесигурната иднина на Унијата каква што ја познаваме?
– Приемот на Словенија во ЕУ, по исполнувањето на многу сложени услови, за нас значеше потврда дека Словенија во секој поглед е држава што успешно живее во заедницата на европските земји во согласност со критериумите, односите, процедурите и одговорностите, кои важат во неа. Тоа беше наша цел и голема мотивација.
Се трудевме да докажеме дека сме демократска земја со висока промоција на човековите права, владеењето на правото и стремеж кон социјална праведност. Со зачленувањето ги добивме сите права во одлучувањето и сета одговорност во спроведувањето на заеднички донесените одлуки. Од нас, нашата способност, а понекогаш и храброст, зависи колку влијаеме во донесувањето одлуки, колку настојуваме во заедничките одлуки да се остваруваат и нашите интереси. Проблемите со кои сега се соочува ЕУ како меѓудржавна или повеќенационална заедница, донекаде се слични на оние со кои се соочуваше Југославија, и не беше во состојба да ги реши. Мислам дека Словенија, заедно со Хрватска, со своите искуства, какви што немаат другите членки, би можела повеќе да се ангажира во барањето заеднички решенија.

Македонија овие денови е најблиску до влез во НАТО. Сепак, пред да го направиме завршниот чекор ни се поставуваат многу сериозни услови, кои директно се поврзани со нашиот национален идентитет. Што би им советувал Милан Кучан на властите во Скопје? Дали да ги прифатиме грчките барања веднаш, или да ги продолжиме 25-годишните преговори?
– Прашањата на националниот идентитет се многу чувствителни и решливи само во рамките на конкретни историско-културни и политички услови. Спорот со Грција околу името Македонија не е рационален. Уверен сум во тоа дека Македонија нема територијални аспирации спрема својот јужен сосед. Но, за да се докаже тоа треба да се избегнуваат дејства што можат да предизвикаат такво чувство и да им се даваат такви непожелни аргументи на грчките националисти. Сепак, мислам дека тоа не е исклучиво билатерален проблем на две држави. Во неговото решавање би морале да имаат активна улога и институциите на ЕУ, ако навистина сакаат во својата средина да ја видат Македонија и на своето југоисточно крило да имаат безбедна ситуација, чиј гарант ќе бидат и Грција, и Македонија. Во екот на бегалската криза се покажа многу јасно колку е тоа неопходно и колку е тоа во интерес на целата Европска Унија.

Дали и колку во Словенија има интерес и се следи македонската политичка сцена? Како словенечката политичка елита и општо словенечката јавност ја доживеа последната транзиција на власта во Македонија?
– Македонија во Словенија сѐ уште се доживува како некогашна југословенска република. Вистина, сега интересот е поставен пред сѐ на подрачјето на економската соработка, но зачуван е и интересот за многу богатата македонска култура. Секако, спорот со Грција се доживува како ирационален и со неразбирање за грчкото инсистирање за одрекување од името, што значи од националниот идентитет. Концилијантноста (подготвеноста на соработка) што ја покажува сегашната водечка политичка елита во Скопје, примена е со внимание и со симпатии.

Какво е вашето лично мислење за новата влада и за премиерот Заев? И што ѝ предвидувате на Македонија со вакво раководство?
– Немам доволно увид во активностите што ги спроведува Владата на премиерот Заев. Имав можност да се сретнам со премиерот во Будва, на Економскиот форум на Стопанската комора на Црна Гора и бев импресиониран од одлучните и принципиелните ставови со кои ги претстави габаритите на политиката што има намера да ја спроведе. Секако, посакувам да биде успешен во таквите настојувања.

Милан Кучан има 77 години и продолжува понатаму да биде активен не само во Словенија туку и во целиот регион. Дали постојат возрасни граници за занимавање со политика, ако се знае дека Винстон Черчил беше политички активен сѐ до својата 96-та година?
– Моите политички активности сега не се баш големи. Повеќе политиката се занимава со мене, отколку јас со неа. Секако, следам што се случува во словенечката политика, непосредно сме пред парламентарни избори.
Ги следам и настаните и процесите во меѓународната заедница. На крајот на краиштата, целиот живот го минав во политиката. Но веќе немам амбиција активно да се ангажирам.
Дојдоа нови генерации, нови луѓе. Многу нешта се менуваа во светот, проблемите се нови… Нормално е и нужно одговорноста да ја преземат млади, витални и добро образовани луѓе, во Словенија, во ЕУ и во светот.