Специјални контејнери за ковид-отпад

53
Фото: Игор Бансколиев

Европската полиција неодамна спроведе акција наречена „Ретровирус“ во 30 европски држави, меѓу кои и Македонија, при што се направени 280.000 инспекции на медицински отпад и се приведени 102 лица за криминален третман на отпадот од ковид-19. Ова е сериозен предизвик и за нашата држава, со оглед на огромното количество контаминирани и заразни материи што се продуцираат како резултат на присуството на вирусот

Животот со пандемијата на коронавирусот донесе и редица нови сериозни предизвици со кои треба да се справиме. Еден од нив е проблемот со медицинскиот отпад и отпадот од заштитната опрема против ковид-19.
Европската полиција неодамна во акцијата „Ретровирус“, која беше спроведена во 30 европски држави, меѓу кои и Македонија, спроведе речиси 280.000 инспекции на медицински отпад, при што се приведени 102 лица за криминален третман на отпадот од борбата со пандемијата на ковид-19.
Покрај приведените лица, во акцијата на европско ниво биле поднесени административни санкции за повеќе од 819 правни и физички лица, во 22 наврати бил одземен отпад, а притоа бил запленет и имот во вредност од 800.000 евра.
– Со избувнувањето на пандемијата на ковид-19 беше идентификуван потенцијален раст на незаконски третман и депонирање санитарен отпад. Како резултат на тоа беше спроведена акцијата „Ретровирус“ – се наведува во соопштението за јавноста на Европол.
Во меѓувреме, факт е дека и Македонија има реален проблем со овој тип медицински и заштитен отпад, со кој државните власти се обидуваат да се справат повеќе од девет месеци откога пандемијата натежна врз нашата земја. Тој отпад е опасен по здравјето на луѓето и животните, може да се најде измешан со другиот отпад и на дивите депонии, а превенирањето на работите во оваа област оди доста бавно.
Од аспект на легислативата во Македонија постојат закон и стратегија за третирање на отпадот чие спроведување е проектирано до 2020 година.

Дополнително, оваа проблематика во Македонија би требало да се третира и со меѓународни документи на кои нашата земја е потписничка. Имено, во документот насловен Програмата за животна средина, издаден од Обединетите нации, постои дел што е посветен на менаџирањето со отпадот од ковид-19. Во него се наведува дека при несоодветно управување, особено инфицираниот медицински отпад може да биде предмет на неконтролирано депонирање, негово горење на отворено или неконтролирано согорување во инсинератори, што доведува до ризици врз јавното здравје.
– Тоа доведува до ослободување токсични материи во животната средина и до секундарно пренесување на болести на луѓето – стои во програмата за животна средина на ОН.
Познавачите на проблематиката објаснуваат дека животот со пандемијата треба да биде лекција како да ја издигнеме свеста на нашето општество и сите заедно со државните институции и власти да помогнеме да го заштитиме животниот простор во и онака тешките времиња на живот предизвикан од пандемијата.
Кирил Ристовски од центарот за еколошка демократија „Флорозон“, вели дека имајќи предвид дека граѓаните веќе масовно користат, особено заштитни маски, воочен е пропуст во делот на обезбедување соодветна инфраструктура за фрлање на истите тие.
Според изработеното упатство на организацијата за начинот на фрлање на отпадот од заштитната опрема од ковид-19, вели Ристовски, граѓаните треба овој отпад да го фрлаат прво во посебно обележано ќесе и потоа во контејнерите за комунален отпад.
– Овде првенствено на најголем ризик се изложени самите работници од „Комунална хигиена“, со оглед на тоа што може да дојдат непосредно во контакт со контаминирана маска или ракавица. Земајќи го предвид фактот што имаме мошне голем број асимптоматски случаи, на тој начин можат да станат и преносители на самата зараза. Исто така како потенцијален ризик ја посочивме и изложеноста на неформалните собирачи на отпад, кои често знаеме да ги видиме како претураат во контејнерите и притоа доаѓаат во непосреден контакт со самите маски и ракавици – вели Ристовски.

Микробиологот Никола Пановски вели дека кога се говори за терминот на медицински отпад, особено во време кога живееме со пандемијата на коронавирусот, треба да се знае дека во него влегуваат сите оние работи што се веќе употребени од болниците за третирање на пациентите, но и заштитната опрема што е за еднократна употреба.
Пановски вели дека за сите во моментов е разбирливо зошто во земјава имаме зголемени количества од овој отпад.
– Медицинската опрема и заштитната опрема откога ќе бидат употребени се складираат во посебни жолти вреќи, кои потоа се складираат во пластични контејнери. Со нив се спречува ширењето на штетните последици и на оваа зараза, но и на многу други опасни болести со кои секојдневно во работата се соочуваат докторите, во салите за операции, во лабораториите и слично – вели Пановски.
Тој објаснува дека натаму овие специјални контејнери што содржат ваква материја се доставуваат до „Дрисла“, која за своите услуги на болниците и другите медицински институции им наплаќа за услугата, заклучно по одредена цена врз килограм медицински отпад.

Пановски вели дека пандемијата на вирусот не е првиот случај со опасна болест со кој се соочиле нашите установи, па оттука и складирањето и уништувањето на овој отпад е веќе добро утврдена процедура што се извршува во специјални печки со согорување на овие материјали.
– Досега докторите, научниците и лаборантите успешно заштитувајќи си го своето здравје се справувале со медицински отпад од многу опасни болести што се пренесуваат преку крв, во оваа група, за среќа, не влегува ковид-19. Но процедурата за уништување е целосно иста и со строги упаства – вели тој.
Микробиологот додава дека во моментов е евидентно дека некогаш несовесни граѓани ги фрлаат медицинските маски и заштитната опрема, но додава дека сам по себе овој дел од медицинскиот отпад не е опасен за здравјето на луѓето како оној што произлегува од лабораториите и болниците.

[email protected]