Спасовски: Чекањето заврши, патот кон ЕУ е отворен

117

Денеска, можеме да се гордееме зашто чекањето заврши, истакна премиерот Оливер Спасовски по повод почетокот на преговорите со Европската Унија.

– Успешните реформи ја кренаа бариерата. Патот ни е отворен и единствената насока на тој пат е – само напред – истакна Спасовски.

Како што оцени, овој успех е крај на нашето чекање од 15 годни по добивањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ.

Тој на прес-конференција посочи дека Владата ги спроведува реформите во четирите поглавја – судство и владеење на правото, реформа на разузнавачките служби, јавната администрација и борбата против криминалот и корупцијата.

– Постигнавме резултати и тоа беше верификувано од ЕУ. Од денеска тоа го верификуваа едногласно и државите членки на Унијата. Денешниот резултат е за тешките политички одлуки, за решавање на споровите со Грција и Бугарија. Без договорот од Преспа и без договорот за добрососедство немаше да биде постигнат овој успех – рече Спасовски.

Во обраќањето претседателот на Владата, Спасовски, упати благодарност до институциите на Европската Унија и на нејзините држави членки за исправната одлука посакувајќи да ги завршиме преговорите колку е можно побргу.

Осврнувајќи се на проблемот со пандемијата на коронавирусот, Спасовски истакна дека заедно ќе победиме и во оваа борба.

– Сега, како никогаш до сега, ни треба сплотеност и дисциплина. Да го победиме невидливиот, а толку присутен непријател, за да се вратиме побргу на нашата политичка битка. На еден долг и тежок преговарачки процес за кој ќе ни требаат многубројни промени и приспособувања на европските стандарди, но и на европскиот квалитет на живот. Се посветивме на процесот на почнување на преговорите иако нашите институции се во одмината фаза на подготовки за почетокот на преговорите – нагласи премиерот Спасовски.

Toj повика на смиреност и мудрост со цел да се избере најдоброто во оваа ситуација.