Спасовски: Се утврдува како избегал Груевски и кој му помагал

192

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информира дека внатрешната контрола на МВР и обвинителството работат на утврдување на начинот на кој поранешниот премиер Никола Груевски избегал од Македонија во Унгарија.

Спасовски, кој присуствуваше на Денот на високи гости на вежба во Криволак, појасни дека токму поради тоа се отворени истраги во МВР и во Јавното обвинителство.
– Сакаме да дојдеме до конкретните информации и да ја информираме јавноста. Нам ни е важно тоа што се случило во Македонија. Контактираме со сите служби во регионот. Принципиелно би било сите институции да го заокружат тој систем и на крајот да излеземе со конечна информација дали имал помош и како се случило неговото бегство – нагласи Спасовски.

Во однос на пишувањата дека Груевски слободно излегол од Македонија со лична карта, Спасовски рече дека од јули 2017 година, по одземањето на патните исправи, е направен распис до сите гранични премини дека не може да ја напушти Македонија ниту со лична карта.

– Прво треба да се лоцира одговорноста, да ги согледаме пропустите и нефункционалноста на системот во целина и ако го согледаме тоа, ќе можеме да ги отстраниме тие недостатоци за во иднина да немаме вакви ситуации. Многу е важно органите на спроведувањето на законот да имаат координација. Потребно е сите тие институции да се реформираат по 11 години заробена држава – рече Спасовски.
Запрашан како ќе се одразат актуелните притвори врз уставните измени, тој рече дека не би ги поврзал овие две работи.

– Ниту една политичка одлука не може да терминира каква било кривична постапка што ја имаме. Очекувам дека Собранието ќе работи како и досега, пред сѐ имајќи ги предвид интересите на државата и дека ќе се заврши процесот на изгласување на уставните амандмани, а со тоа да биде гарантирано и членството во НАТО и во ЕУ. Процесот што се води во судот треба да си продолжи понатаму. Ако сакаме да напредуваме, правдата мора да ја има и да биде достапна за сите – дециден беше Спасовски.