Спасовски: Развиореното знаме во НАТО е симбол на просперитетна иднина

80

Како дел од свечената и церемонијална завршница на стапување на нашата земја во полноправно членство во НАТО, денеска истовремено беа подигнати три знамиња на Република Македонија – две во Белгија, во седиштето на НАТО во Брисел и пред Сојузничката команда за операции во Монс, и едно во САД, во Сојузничката команда во Норфолк, Вирџинија.

Свечената церемонија на подигањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видеоврска во Скопје ја следеше Владата на седница со која претседаваше техничкиот премиер Оливер Спасовски и кој на крајот на свечената церемонија имаше кусо обраќање.
– Денеска го остваривме најголемиот успех на нашата земја од нејзината независност до денес. Знамето на Република Северна Македонија денеска гордо се развиори во кругот на знамињата на семејството сојузници на НАТО. Патот беше долг, но наградата што пристигна денеска, со погледот на знамето на нашата земја во седиштето на НАТО во Брисел – ја заслуживме.

Бидете горди, почитувани мои сограѓани. Знамето на Република Северна Македонија е симбол на сигурна, безбедна и просперитетна иднина на нашата земја.Навистина, ние денеска водиме една друга битка, битката со короната, но, за момент ќе си дозволиме да се израдуваме. Да се запише дека денеска е ден за паметење. Ден историја.Ден кога нашето знаме се развиори заедно и рамноправно со другите од семејството на Северно-атлантската алијанса. Најмоќниот воено-безбедносен сојуз во историјата на човештвото.

Многу бргу по независноста на нашата земја, тргнавме во остварување на оваа наша стратешка цел. Се соочувавме и ги совладувавме сите предизвици. Во последните три години ги направивме клучните реформи и ги донесовме историските одлуки што го помрднаа силно напред нашиот евро-атлантски процес кој беше сериозно загрозен.Со големите одлуки станавме подобра држава и подобро општество, и наградата стигна заслужено.Бидете уверени дека ќе ја совладаме битката со коронавирусот и ќе го продолжиме нашиот пат на кој си поставивме остварување на другата стратешка цел – успешна завршница на процесот на преговори и членство во Европската Унија.
Ќе продолжиме да работиме на успешно спроведување на процесите за уште подобро општество и за уште подобра државна заедница на сите наши граѓани. Држава која ќе остане искрен и добар сосед со сите земји во нашиот регион. Држава која што ќе ги зајакне своите капацитети и која ќе биде партнер на сите наши НАТО сојузници во глобалните предизвици за чување на мирот.
Сојузник од кој ќе може сите останати партнери во НАТО да очекуваат поддршка, и сојузник кој секогаш ќе може да смета на сите останати земји членки – рече тој.

Формалната постапка за полноправното членство на Македонија во НАТО официјално се затвори на 27 март по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави во Вашингтон, откако претходно сојузниците во НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување во Македонија во февруари 2019 година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на нашата земја во алијансата.