Спасовски: Избираме сигурна иднина за јавното здравје

29

Пред нас се многу сериозни избори, на кои избираме сигурна иднина во интерес на заштитата на јавното здравје, брза развојна економија и европски перспективи, истакна Оливер Спасовски.

– Видовте дека претставничката од ВМРО-ДПМНЕ во Владата блокира 30 милиони евра, пари од Светската банка, што требаше да бидат вложени директно во здравството, во време кога целиот свет наоѓа начини да се справи со последиците од корона-кризата. А ги слушаме деновиве како ќе го обновеле здравството, што го урнисаа во децениското владеење со криминалните политики, и продолжуваат да се однесуваат неодговорно. Ние за три години обновивме 30 јавноздравствени установи во земјата – рече Спасовски.

Тој нагласи дека Куманово добило нов Ургентен центар со можност за опслужување 200.000 пациенти од Североисточниот Регион на државата, инвестиција од 900.000 евра, работи новиот Ургентен центар и во Прилеп, иницијатива што постоеше цели 15 години, вели Спасовски. Додаде дека Струмица, по 33 години, добила нова општа болница, а по 50 години, целосно се реновирал Институтот за трансфузиона медицина.

– Ги покачивме платите на лекарите и медицинскиот персонал. И ќе продолжиме со вработувања лекари и медицински сестри во јавното здравство, кое веќе го зајакнавме со 780 лекари и 1.000 медицински сестри. Со нашиот развоен концепт обезбедуваме трипати повеќе специјализации. Скопје добива нов клинички центар. Охрид, Тетово и Струмица добиваат модерни регионални здравствени центри. Воведуваме и целосно електронско здавство, без користење хартиени форми на документи. Замислете како ќе беше во оваа здравствена криза да не ги имавме направено вложувањата во здравството за само три години?! Како ќе беше да не ги имавме помошта и поддршката од нашите НАТО и ЕУ-партнери, што ги обновивме во изминатите 3 години?! Обнова на режимот е опасност што нема да ја дозволиме. Мораме да излеземе на гласањето на 15 јули во што поголем број за да продолжиме по правиот пат – додаде тој.