Спасовски за Денот на НАТО: Сојузници сме со најмоќните во светот

182

Премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров упатија честитки по повод 4 Април, денот на НАТО.

Премиерот Спасовски во својата порака истакна дека по децении сонување дојде денот кој и ние ќе го одбележиме како полноправна членка на НАТО.
– Денес, може да си честитаме заедно што ја остваривме нашата стратешка цел и ги исполнивме заложбите на сите изминати генерации. Благодарение на одлучната определба на вас, граѓаните, на заложбата на оваа влада, на решените спорови со соседите и тешките реформи кои ги спроведовме, денес сме дел од најсилниот политички и воен сојуз во историјата на човештвото. Со нас, НАТО брои 30 држави. Сојузници сме со најмоќните во светот, стоиме рамо до рамо, посветени на заедничкиот систем на колективна безбедност – истакна премиерот Спасовски.

Тој подвлече дека веќе ги гледаме придобивките од нашето членство во НАТО. Побезбедни сме, постабилни и НАТО ни помага во борбата со коронавирусот и додаде дека кога ќе се вратат работите во нормала, ќе дојдат и поголемите економски придобивки.

– Бидете безбедни затоа што државата е безбедна. Ние сме НАТО! Нека ни е среќен и вековит Денот на НАТО – се вели во честитката на премиерот Спасовски.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска подвлече дека изминатите години, секоја година на овој ден го подигавме знамето на НАТО како знак на нашите желби.

– Денес тоа е знак на нашиот успех – знамето на нашата земја се вее со знамињата на 29 други земји, како членка на најмоќната Алијанса. Успеавме. По 30 години говори, ветувања и надежи. На овој пат, овој успех, не бевме сами. Одевме заедно со огромно мнозинство на наши граѓани, кои не се откажаа и не потклекнаа – вели во пораката Шекеринска.

Таа додаде дека заедно со нашите стратешки сојузници САД, Турција, Велика Британија, Германија, Италија, Норвешка, и со сите останати, како и со нашите соседи и денеска сме обединети во битката против коронавирусот.

– Веќе го активиравме НАТО инструментот и ќе ја добиеме помошта која ни е потребна. Честит да ни е денот на Алијансата! Заедно сме посилни! Заедно ќе успееме – порача во честитката Шекеринска.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, по повод одбележувањето на 71-от роденден на Алијансата, во упатената честитка подвлече дека Денот на НАТО, од 27-ми март годинава, е и наш ден и го славиме заедно со 29 наши сојузници.

– Во услови кога не сите прашања на Балканот се затворени, за нашата државност и за нашите граници веќе нема ниту еден прашалник! Македонски народе, драги сограѓани Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други: Да ни е честита нашата заедничка куќа, што сега е далеку побезбедна. Ослободени од ова гајле, до нас е да си ја уредиме и да си ја направиме успешна, за сите да се гордееме – истакна во својата порака министерот Димитров.