Со што ќе се пофалиме пред високиот европски гостин

144

Според аналитичарите, зачестениот престој на европските челници во земјава е добра работа во однос на нашето конечно добивање датум за преговори, но, од друга страна, многу е важно и какви резултати испорачува државата во областите што ѝ се посочуваат како примарни. Најновите извештаи на „Економист“ за владеењето на правото и на „Транспаренси интернешнел“ за индексот на корупција, сепак, не влеваат оптимизам дека состојбите се подобрени

Денеска во Македонија ќе допатува претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Според најавите, високиот европски челник ќе оствари средби со македонскиот државен врв на кои се очекува да се разговара за новата методологија на преговарање со ЕУ, како и за текот на реформскиот процес во земјава. Ден претходно во јавноста беа обелоденети низа меѓународни извештаи што се однесуваат на состојбите во земјава, од кои, пак, ни зависи и идното членство во Унијата. Меѓу нив е и најновиот индекс за перцепцијата на корупцијата во светот за 2019 година на „Транспаренси интернешнел“. Во извештајот, иако Македонија се најде на 106-то место и бележи напредок од 13 места во однос на претходното рангирање од 2018 година, сепак заостанува во борбата со корупција зад другите земји од Балканот.

Имајќи го ова на ум, но и податоците од извештаите на меѓународните организации, каде што постојано ни се посочуваат како проблематични судството, корупцијата и владеењето на правото, кои во исто време се услови за почнување на преговорите со Брисел, се поставува дилемата во каков амбиент ќе го пречекаме високиот европски гостин, кој треба да ја потврди европската перспектива за Западен Балкан. Некои од експертите со кои се консултиравме велат дека сега, кога земјата е пред прагот на нови избори, а политичарите се растрчани по партиските карвани, не останува многу со што ќе го убедиме претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, да го забрза процесот на интеграција за земјава. Сепак, во исто време, нашите соговорници истакнуваат дека зачестениот престој на европските челници во земјава е добра работа во однос на нашето конечно добивање датум за преговори.

За поранешниот амбасадор Огнен Малески, најавената посета на првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, во Скопје е заокружување на поддршката што во изминатиов период ја испратија безмалку сите европски челници од новиот состав на Европската Унија. Според Малески, клучниот збор за македонските преговори ќе биде токму напредокот во нашите реформи и борбата со корупцијата, како и условите што многу веројатно ќе ни се презентираат наскоро за новата методологија на преговорите. Во однос на тоа кои се очекувањата од денешната визита, но и со што суштински можеме да се пофалиме пред првиот човек на Европскиот совет, Мишел, во поглед на сработеното во делот на реформите, Малески кратко посочува дека нема многу со што.

– Повеќе од јасно е дека на дневен ред од наша страна на високиот европски гостин ќе му бидат презентирани резултатите во Македонија на планот на борбата со корупцијата, владеењето на демократија и состојбите во судството. Со сигурност можам да кажам дека за сегашната состојба во овие сфери пред сѐ виновни сме и самите ние, но во исто време тука вината треба да ја бараме и кај ЕУ. Тоа е така бидејќи одложувањето на преговорите за членство сиве овие години директно го направи овој проблем. Сите земји од регионот што влегоа пред нас во ЕУ својот суштински напредок во земјите го направија токму откако ги започнаа преговорите за полноправно членство. Тој процес е дополнителен мотив и аргумент кога парламентите и владите на овие држави најдоа заеднички јазик и кај опозицијата и позицијата, притоа обединувајќи се кога станува збор за агендата на ЕУ. Затоа многу е важно да го добиеме датумот, бидејќи токму тој момент ќе ни даде дополнителен ветар во грбот за да се справиме подобро со проблематичните области, како корупцијата, проблемите во демократијата и судството – вели поранешниот дипломат Малевски.

Како што дообјаснува тој, единствено наше охрабрување на гостинот што можеме да му го дадеме тој да агитира за нас што поскоро да добиеме датум е само одржување демократски избори напролет и испорачување реформски резултати дотогаш.
Од друга страна, коментирајќи го најновиот извештај на „Транспаренси интернешнел“, во пресрет на доаѓањето на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, поранешната шефица на антикорупциската комисија Мирјана Димовска вели дека немаме со што конкретно да се пофалиме пред високиот европски гостин. Според неа, поради состојбите со степенот на корупција во земјава, лошото судство, но и сѐ уште недонесениот закон за јавно обвинителство, можеме единствено да му кажеме дека сме напреднале во лошо и ништо повеќе.

– Во принцип, 106-то место во најновиот индекс за перцепција на корупцијата во светот во 2019 година на „Транспаренси интернешнел“ не е никаков напредок. Напротив, паметиме земјава, пред повеќе од десетина години, кога беше рангирана на истата листа некаде помеѓу 40-тото место, а како одминуваа годините, ние бележевме пад. Тоа е така бидејќи ние имаме системска корупција, која всушност е и најтешкиот проблем во нашата држава. Таа е навлезена во психологијата на луѓето, но и во највисоките структури и оттаму влијае на другите во општеството да имаат коруптивно однесување – вели Димовска.

Според некогашната прва антикорупционерка, корупцијата не смее да биде нашиот единствен проблем за кој ќе мислиме дека ако го подобриме ќе влеземе во ЕУ.
Инаку, посетата на првиот човек на Европскиот совет доаѓа десетина дена откако во Скопје допатува еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархели, кој ја потврди европската перспектива за Западен Балкан и најави дека повторно ќе биде побаран почеток на преговори за Македонија, за што ќе одлучува советот во март. Вархели при посетата во Скопје исто така истакна дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.


Македонија на 106-то место во индексот за корупција

Во најновиот индекс за перцепција на корупцијата во светот во 2019 година на „Транспаренси интернешнел“, Македонија се најде на 106-то место. На листата од 180 земји на првите места, каде што нивото на корупција е најниско или воопшто го нема се Данска и Нов Зеланд, додека на последните места, со највисоко ниво на корупција, се Јужен Судан и Сомалија. Што се однесува до регионот, Хрватска е на 63-то, Црна Гора на 66-то, Босна и Херцеговина и Косово на 101-то место. Повеќе од две третини од земјите, заедно со многу од најнапредните светски економии, стагнираат или покажуваат знаци на заобиколување во своите антикорупциски напори. Едно од подобрите наши рангирања од оваа организација е во 2014-та, кога Македонија беше на 64-то место.

Какви вести ни носи Шарл Мишел

[email protected]