Со предвремени избори се фаќа постпреспанскиот момент

660

Иако ставени во контекст на претседателските избори, недвосмислено е дека главниот мотив за паралелно одржување и на евентуалните предвремени парламентарни избори лежи во (не)реализацијата на спогодбата од Преспа

Барањето за предвремени парламентарни избори заедно со редовните претседателски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, според експертите, го изнесе како адут-реакција веднаш по изгласувањето на уставните измени заради имплементирање на спогодбата со Грција. Таквата најава вчера беше и конкретизирана со поднесување барање за распуштање на Собранието и за одржување предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, како и со барање за оставка на премиерот Зоран Заев и за формирање техничка влада. На ваквата одлука на ВМРО-ДПМНЕ, од владејачката СДСМ реплицираа дека „Владата што ја внесува Македонија во НАТО и во ЕУ размислува само за економија и за реформи“. Но притоа, во СДСМ рекоа и дека понатаму ќе размислуваат за овој „предизвик“ на опозицијата, иако во петокот, кога грчкиот парламент ја ратификува спогодбата од Преспа, централниот одбор на партијата одлучи конечниот став за евентуалните предвремени парламентарни избори да го соопшти во текот на неделава.

Во меѓувреме, имаше меѓупартиски јуначења и покажување сила пред македонската јавност, која сепак во овој период беше под доминантно влијание на поделените емоции околу официјализирањето на спогодбата од Преспа. Оние што ги следеа предизборните разигрувања, пак, беа исправени пред дилемата: што може да се постигне со предвремени парламентарни избори во овој, постпреспански момент. А токму моментот, според дел од политичките аналитичари, би можел да биде и единствениот логичен аргумент.

– Клучниот аргумент за вонредни парламентарни избори е прашањето за легитимноста на Преспанскиот договор. Ниту политичките партии, ниту поединечно пратениците, во нивната изборна програма, немаа наведено дека основа за решавање на спорот за името ќе биде промена на името за севкупна употреба во Северна Македонија.

Дополнителниот обид за легитимирање на договорот во Собранието беше неуспешен, каков што беше и референдумот. Донесени се исклучително важни одлуки, кои не биле легитимизирани преку изборна програма и избори ниту преку референдум и, оттука, вонредните парламентарни избори се клучна алатка за проверка на легитимноста на одлуката за промена на името – пишува политичкиот аналитичар Сашо Клековски во својата колумна за „Нова Македонија“.

Иако ставени во контекст на претседателските избори, недвосмислено е дека главниот мотив за евентуалните предвремени парламентарни избори лежи во (не)реализацијата на спогодбата од Преспа.

– Перцепцијата кај македонската јавност уште од 2008 година е дека со решавање на спорот со Грција, автоматски ќе се отворат прегратките на НАТО и на ЕУ. Притоа, таквата перцепција беше создавана токму од официјални лица од ЕУ и од НАТО. Дали случајно или намерно беше избегнувано да се нагласи дека сепак треба да се исполнат уште низа задачи и реформи за започнување преговори за членство во ЕУ, но и одредени процедури за влез во НАТО. И сега македонската јавност со право очекува, по големата жртва што ја направи со спогодбата од Преспа, веднаш и безусловно да влезе во овие сојузи. Сепак реалноста е дека пресудно за оваа влада (и за спогодбата од Преспа) е дали ќе се добие датум за почеток на преговорите за членство ЕУ. И во таков контекст, може да се направи инверзија на субјектот во прашањето – дали опозицијата бара предвремени парламентарни избори за да ги „минира“ реформите на Владата неопходни за евроинтеграциите. Па прашањето може да гласи: дали можеби власта посакува предвремени парламентарни избори зашто се плаши дека нема да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Во интерес на државата секако е да се добие датум за преговори за членство во ЕУ, а власта и опозицијата да се договорат за предвремени парламентарни избори по тој критичен датум во јуни – смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Што се однесува до расположението на граѓаните за предвремени избори, последната анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), спроведена во ноември минатата година, вели дека мнозинството граѓани, 58,9 проценти, се против вонредни избори, а за тоа се 33,5 проценти. Но на следното прашање, со три можни рока, 47 проценти од граѓаните се за избори во редовен термин, 25 проценти што побргу, а 16,1 отсто се за избори заедно со претседателските, со што таборите стануваат поизедначени.

– Логиката на опозицијата за брзи избори е веројатно во „пресметката“ дека треба да се дејствува додека мнозинството граѓани ги „држи лутината“ за Преспанскиот договор. Истовремено сметаат дека треба да се дејствува пред Македонија да биде примена во НАТО, а и пред да почнат преговорите со ЕУ, што, пак, нема да се случи во јуни како што е најавено, ако СДСМ се реши за избори во овој момент. Освен тоа, во ВМРО-ДПМНЕ можеби имаат свои понови анкети што им даваат надеж дека можат да победат, иако нашите последни анкети велеа дека ВМРО-ДПМНЕ заостанува за пет отсто зад СДСМ. И трето, „стапот“ за условување на СДСМ е цензусот за претседател. Ако нема парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ можат да ги бојкотира целосно претседателските избори, или само вториот круг – објаснува Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.