Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонското знаме поради својот дизајн е препознатливо во морето тробојки. Дури и на црно-бели фотографии, кога другите знамиња се губат. Од вексилографска гледна точка, знамето на Република Македонија често се смета за едно од најубавите знамиња во светот

Петти октомври 1995 година, денот кога се
роди актуелното македонско државно знаме

Државни симболи, според Уставот, се грбот, знамето и химната. Додека употребата на грбот е резервирана за државната администрација, знамето има широка употреба и народот може да го употребува како народно знаме во широка употреба.
Поимот за национално знаме кај нас се поврзува со алов, црвен бајрак, на кој има некој симбол, најчесто златен. Од она на Разловечкото востание од 1876 г. со златножолт правоаголник со црвен разгневен лав и натпис МАКЕДОНЇЯ, преку илинденските знамиња на црвена коприна, до петрогратското со златножолто сонце со натпис „Едина независима Македониіа“ од 1914 г.
И во летото 1942 година, командантот Михајло Апостолски, кој го подготвувал идејното решение на македонското партизанско знаме, немал дилема дека тоа треба да биде црвено, со партизанската петокрака, со златножолто обрабување. Во прогласот до македонскиот народ од 19.11.1944 год. пишува „високо се дига црвеното македонско знаме“.
Македонија целосно се осамостои под тоа црвено знаме со црвена петокрака и со златножолто обрабување. И новото знаме во 1992 година го следеше тој концепт, црвено знаме со златножолт симбол, овој пат повторно со сонце, како и пред осум децении во Петербург, но овој пат со цело сонце, сонцето на Филип и Александар од нивниот престолен град Ајга.
Дизајнот на ова сонце е откриен во 1977 година и ќе помине речиси деценија пред Македонците од Австралија првпат да го стават на црвено знаме во 1986 година. Повторно црвено знаме со златножолт симбол. Ова знаме во Македонија првпат јавно ќе се развее на блокадите на границата со Грција во април во 1990 г., организирани од Светскиот македонски конгрес. Знамето со шеснаесетзрачното „сонце од Кутлеш“ ќе се озакони две години подоцна, на 11 август 1992 г., но никогаш нема да се развее заедно со другитe знамиња на суверени држави пред зградата на Обединетите нации во Њујорк.

На 5 октомври 1995 г. над Македонија се роди ново сонце. Се смени типот на сонцето на знамето на Република Македонија. Во основа, симболот не се смени, повторно остана црвено знаме со златножолто сонце. Од сонце со конвергентни зраци, стана сонце со дивергентни зраци. Симболот на сонце повторно ги имаше истите атрибути – слобода и креативен развој, дефинирано во грбот уште од 1946 година. Истото сонце од химната, кое е поставено на црвеното знаме на Крушевската Република, исто така опеано во химната.
Професорот Мирослав Грчев го создаде новото сонце за знамето, преку стилизации што не се новина во вексилологијата, за со минимални промени да се обиде да го намали очекуван отпор. Знамето со сонце претставува симболички и идентитетски континуитет на „ѕвездата од Кутлеш“ и на ѕвездата „петокрака“ од претходните државни знамиња. Костадин Танчев-Динката го растегна златниот пресек на страните на Грчевото знаме од сооднос 8:5 на 1:2 и ги одвои зраците од сончевиот диск.
„Новото сонце на слободата“ што се роди над Македонија беше пречекано „на нож“… Но по дваесет и шест години, под тоа знаме се извојуваа големи спортски победи, тоа знаме покри многу ковчези на оние што ги дадоа животите за Македонија.
Како одминуваат годините, растат популарноста и почитта кон државното знаме. Граѓаните сѐ повеќе се идентификуваат со него и гордо го веат и истакнуваат. Ова е особено забележително кај помладите генерации, кои не го паметат старото славно знаме. За нив, тоа не е „новото“, туку „единственото“ знаме на Република Македонија. (Коста Стаматовски, „Дваесет години ново сонце“, Македонски хералд 9, 2015 год.)
Државата презеде низа активности да го забрза и зајакне овој процес. Тука се поставувањето на 30-метарските јарболи, на кои на над 50 локации низ државата се вее знамето, и церемонијалните промени на знамињата пред Собранието, Владата и пред резиденцијата на претседателот на Република Македонија, почнувајќи од 15 мај 2010 година. Припадниците на баталјонот за почести (гардата) и на воениот оркестар на Армијата на Република Македонија ја спроведуваат церемонијалната промена на знамињата.

Односот кон знамето е пресликување на односот на поединецот или некоја група кон државата. Тоа може да се види на празници, на спортски и културни настани, на политички митинзи, но и на свадби и семејни веселби. Република Македонија во своето 30-годишно постоење како суверена и самостојна држава надвор од југословенската федерација користеше три знамиња: на почеток знамето со петокраката (11 месеци), со сонцето од Кутлеш (три години и два месеца) и сегашното знаме (26 години досега). И првите две знамиња треба да се негуваат, и тие се дел од државотворноста на Македонија. Но сонцето со осум дивергентни зраци ја претставува Македонија речиси 90 проценти од времето на својата независност.
Македонското знаме поради својот дизајн е препознатливо во морето тробојки. Дури и на црно-бели фотографии, кога другите знамиња се губат. Од вексилографска гледна точка, знамето на Република Македонија често се смета за едно од најубавите знамиња во светот.

д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво