Соло или во дует на патот кон ЕУ

186

Поврзувањето во пакет на Македонија и Албанија во нивните интегративни европски процеси и натаму ја бранува стручната јавност. Какво е искуството на другите држави и што треба да направи Македонија?

Колку вроди со плод стратегијата за добивање датум за зачленувањето на Македонија во Европската Унија да се поврзува во пакет со интегративните европски процеси на соседна Албанија. Оваа дилема и понатаму е актуелна во домашната јавност и особено доби на интензитет по најновата изјава на новоизбраната претседателка на Европската комисија, германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен, која истакна дека останува посветена на започнување на преговорите за членство во ЕУ на Република Северна Македонија и Албанија.

Во одговор на пратеничкото прашање во Европскиот парламент, Фон дер Лајен посочи дека е посветена на тоа и покрај противењето на некои лидери на земји-членки на Унијата, меѓу кои се и францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте.
Претходно изјави со сличен контекст на оваа тема даваа и македонски и албански државници.

Албанскиот претседател Илир Мета, во интервју за „АЛБ УК ТВ“ изјави дека посакува почетокот на преговорите за членство во Европската Унија на Албанија да биде заедно со Македонија. Сличен став дели и македонската министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, која на една од своите последни средби со претставничката на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, констатираше дека Македонија и Албанија се подготвени за преговори со ЕУ.
Во меѓувреме, во сублимиран заклучок експертите велат дека ваквиот став на нашата дипломатија само дополнително го компликувал патот на земјата кон членство во Европската Унија.

Поранешниот македонски амбасадор во Кина, Оливер Шамбевски, е со став дека македонската дипломатија направи голема грешка што не се обиде навреме да се одвои од пакетот за зачленување во ЕУ со соседна Албанија.

Дипломатот е со став дека нашата држава треба да се стреми да се зачлени во европското семејство засебно од која било држава од Западен Балкан.
Како аргумент во оваа своја констатација дипломатот го посочува примерот на Хрватска, која во раните 2000-тити успешно се дистанцираше од другите од Западен Балкан и инсистираше Загреб да биде оценуван по сопствените заслуги во процесот на зачленување во Унијата.

– Хрватската дипломатија повеќе од 2-3 години работеше напорно да се идентификува себеси како самостоен фактор и да се дистанцира за да не биде ставена во групата на држави од Западен Балкан, а сето тоа резултираше успешно за Хрватска – вели Шамбевски.

Според него, сѐ уште не е доцна да се коригира овој пропуст на дипломатијата и постои можност со голем дипломатски осмислен чекор и силен фокус на дејствување да се промени оваа состојба.
Политичкиот аналитичар Марко Трошановски, пак, е со став дека од поширока гледна точка за регионот е подобро да одиме сите заедно на патот кон ЕУ, но како држава нам во овој момент ни одговара да имаме индивидуална процена на заслугите дали заслужуваме или не да влеземе во Унијата.

– Во таа смисла верувам дека се започнати и чекорите кон оваа цел, а одвојувањето веќе го започнаа Холанѓаните со изгласаната резолуција во нивниот парламент, која се однесува на разделување на европскиот пат на двете земји. Иако формално никаде не стои во ниту еден документ дека мораме заедно со Албанија да се обидеме да станеме членки на ЕУ, сепак наративот на нашата политика беше таков, а меѓународната заедница нас нѐ коментираше во пакет со соседот. Со одвојувањето би се отворила можноста европските партнери полесно да нѐ адресираат и поддржат, а Албанија во тој случај би почекала уште малку во исполнувањето на својата цел – вели Трошановски.

[email protected]