Собраниска „златна треска“ околу референдумската кампања

381
Фотомонтажа: „Нова Македонија“

Сѐ уште е неизвесно која пратеничка група колку средства ќе добие за кампањата за претстојниот референдум околу спогодбата од Нивици со Грција, кој треба да се одржи на крајот од идниот месец. Иако до вчера завршуваше пролонгираното време за пратеничките групи да се изјаснат дали ќе учествуваат во кампањата и дали се „за“ или „против“, до затворањето на весникот Собранието сѐ уште не ги соопшти податоците кои пратенички групи официјално се пријавиле во законодавниот дом и по колку средства треба тие да добијат во одредениот рок што спикерот Талат Џафери минатата недела го достави до пратеничките групи за да одговорат. Засега единствено извесно од информациите во медиумите е дека во кампањата „за“ референдумското прашање ќе учествуваат пратениците од СДСМ, нивните коалициски партнери и ДУИ, а поддршка за референдумот и вклучување во кампањата најавија и пратениците од ДПА и Алијансата на Албанците, или вкупно 71 пратеник.

Иако беше најавено дека ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ официјално треба да ѝ биде соопштен на јавноста до вчера, до пладнето сѐ уште немаше никаква информација од најголемата опозициска партија за ова прашање.
Во меѓувреме пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се откажа од дел од 80-те милиони долари наменети за неа, за кампањата за референдумот, и побара тие да бидат пренасочени за доградба на средно училиште во Тетово. Ова меѓу другото во саботата преку Фејсбук го соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и побара и сите други другите пратенички групи да се откажат од парите за кампањата за референдумот и да ги пренаменат за други потреби. Мицкоски кажа дека партијата е против договорот со Грција и оти тие одејќи од врата на врата на граѓаните ќе им го објаснуваат својот став.

Од друга страна, за владејачката партија СДСМ ваквиот чекор на Мицковски и на ВМРО-ДПМНЕ е лицемерство.
– ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски претходно го условуваа формирањето на Државната изборна комисија со барањето да се донесе закон за финансирање на партиите со пари од буџетот. Зошто тогаш Мицкоски не се откажа од буџетски пари – одговорија од СДСМ на прозивката од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку во петокот, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, со писмо побара од претседателот на Собранието пари за кампања за бојкот на референдумот, како пратеник од опозицијата со свој став за референдумот. Од парламентот му одговорија дека водењето јавна кампања не подразбира дека Собранието, како овластен предлагач, ќе му дели средства поединечно на секој од 120-те пратеници за нивно водење кампања за референдумот на државно ниво. Во соопштението од собраниските служби што беше лиферувано во јавноста се наведува ставот дека пратеничките групи и пратениците поединечно нема да добијат средства на рака, туку кампањата ќе биде реализирана преку закуп на простор во соодветни медиуми пропорционално според бројот на пратеници во пратеничката група.

Владата претходно, пак, донесе одлука да му се обезбедат средства на парламентот во висина од 80 милиони денари за кампањата за референдумот. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, минатата недела упати известување до пратеничките групи и до пратениците што не се организирани во пратенички групи во рок од три дена да го известат дали ќе учествуваат во јавната кампања и каков ќе биде нивниот став по референдумското прашање „за“ или „против“. Врз основа на добиените податоци, пропорционално, Собранието треба да закупи медиумски простор за учество на дебатни емисии, печатени медиуми и интернет-портали за кампањата за референдумот, која се очекува официјално да започне на 10 септември.

Во контекст на случувањата, премиерот Зоран Заев во вторникот, при чествување на празникот Успение на Пресвета Богородица во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, изјави дека кампањата за референдумот ќе ја чини најмногу 400.000 евра државата, а резултатите од него ќе бидат гаранција дека подоцна во парламентот ќе биде обезбедено потребното двотретинско мнозинство за да се ратификува договорот со Грција. Тој најави дека неговата партија ќе се обиде да влезе во коалиција со повеќе политички партии и оттука ќе зависи и буџетот на коалицијата со која ќе настапат пред граѓаните.

– Но не верувам дека ќе бидат потребни повеќе од 300-400 илјади евра, бидејќи самиот референдум не е како парламентарните избори и не бара многу трошоци за кампања. Нашите намери се референдумот да мине во што попријатна и попривлечна атмосфера за граѓаните, различна од какви било други изборни процеси. И затоа верувам дека граѓаните во таква пријатна атмосфера ќе излезат и ќе гласаат „за“ – изјави Заев. 


ДИК ќе ги разгледува барањата за набљудување на референдумот

Државната изборна комисија, според најавите, вчера требаше да одржи седница на која ќе ги разгледа и одобри барањата за добивање овластување за набљудување на претстојниот референдум, поднесени од Комитетот за отворена демократија, Фондацијата за спасување на земјата и Набљудувачката мисија за референдумот на ОБСЕ/ОДИХР.
Според најавите, членовите на комисијата ќе ги утврдуваат и објават описите на избирачките места и ќе ја разгледаат и конечната информација за текот на пријавувањето на граѓаните за гласање во странство. Како што беше најавено, на дневен ред на седницата е и предлог-заклучокот за усвојување на извештајот во врска со поднесените пријави на граѓаните за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларни канцеларии на Македонија во странство, како и предлог-заклучокот за примена на правилникот од 2014 година за начинот на постапување на полицијата за време на спроведување на изборите, за референдумот 2018, како и барањата за неприфаќање на извршување на должноста претседател, заменик-претседател, член и заменик-член на општинските изборни комисии.