Собранието финишира со спринт

49
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изминативе денови за овие законски решенија се водеше долга дебата со партиски расправии. Дополнителна тензија предизвика и разрешувањето на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи

Тензична атмосфера владееше последниот викенд во Собранието, пред неговото најавено распуштање, за одржување избори на 12 април годинава, во согласност со политичкиот договор од октомври минатата година.

Власта обезбеди двотретинско мнозинство за гласање на законот за јавно обвинителство, кој вчера беше изгласан со 80 пратеници. На гласањето за овој закон му претходеа бурни реакции и второ гласање, откако на првото гласање гласаа само 74 пратеници, по што претседателот на Собранието, Талат Џафери, го поништи гласањето. Потоа, опозицијата обвини за криминално однесување на мнозинството.
Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, го повикува претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува законот за ЈО донесен на нелегален начин.

– Бевме сведоци на погазување на демократијата, Деловникот, законите. Откако законот не го доби потребниот број гласови и не помина со 74, без срам, спротивно на Деловникот, бидејќи резултатот не им се допадна, се поништи. Оваа одлука е неделовничка и незаконска. Претседателот Пендаровски не смее да ги потпише, го повикуваме да не го стори тоа, затоа што ќе биде огромен скандал. Брз процедура се поништува и се носи закон. Ова ли се европски стандарди, повикуваме реакција и на меѓународната заедница. Нелегалното гласање е дел од криминалното владеење на оваа власт, кршење закон, процедури. Оваа лакрдија мора да заврши, мора веднаш да се распишат изборите. Ќе бидеме присутни во Собранието, но во сала ќе влеземе само за распуштање на Собранието – порача Мицевски.

Инаку, законот за јавно обвинителство беше камен на сопнување меѓу власта и опозицијата. Работни групи од двете партии во изминатиот период одржуваа повеќе состаноци, но немаше заеднички решенија. Беше организирана и јавна расправа, на која учествуваа и правни експерти. Се одржуваа и состаноци со повеќе парламентарни партии, кои дадоа свои забелешки. Дури потоа овој закон беше ставен на собраниска седница. Собранието ги донесе и другите два закона предвидени за седницата. Законот за Совет на јавни обвинители беше донесен со 74 гласа за, а за него беа потребни 60 гласа. Овие закони беа донесени без присуство на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во салата.

Изминативе денови за овие законски решенија се водеше долга дебата со партиски расправии. Дополнителна тензија предизвика и разрешувањето на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи. Од ВМРО-ДПМНЕ засега немаа одговор дали ќе предложат нејзин наследник, иако таа постапка треба да се заврши пред распуштањето на парламентот. Ако не биде избран друг министер, со Министерството за труд и социјална политика ќе раководи дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ, која е предлог на СДСМ.
По барање од координаторите на пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ, беше донесен и законот за аудио и аудиовизуелни услуги, по што пратениците ја изгласаа одлуката за распуштање на Собранието. 

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Заев: Продолжуваме со реформите

ВМРО-ДПМНЕ со негласањето на законот за јавно обвинителство јасно покажа дека не е за правна држава и за европска иднина на земјата. Ова вчера го порача Зоран Заев, лидерот на СДСМ, во насока на поддршка за носењето на законот за јавно обвинителство. Посочи и дека ќе продолжат со реформите и повика денеска во 18 часот пред Собранието сите граѓани да се приклучат кон маршот на правдата.
– Праќаме јасна порака колку ни е важна европската иднина. Продолжуваме со реформите. Сега Европската Унија е на потег. Таа мора да го види и препознае овој балкански потенцијал. Нашата земја ги исполнува и реализира своите обврски – порача Заев.