Собранието треба да расправа за изборот на народен правобранител

98

Предлог-одлуката за избор на народен правобранител е на дневен ред на 32-та седница на Собранието која треба да се одржи денеска. Насер Зибери е предложен за народен правобранител.

Неизвесно е дали собранието ќе има кворум, бидејќи владејачките партии се соочуваат отсуството на пратеници, поради ковид-19 и самоизолација.

По скратена постапка предложени се и дополнувањата на Законот за јавните набавки, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. На дневен ред се и измените и дополнувањата на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства, дополнетиот предлог-закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, дополнетиот предлог на Закон за рамномерен регионален развој, сите во второ читање.

Во прво читање се повеќе закони и тоа дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, измените на Законот за чек, измените на Законот за давање на финансиски услуги на далечина, измените на Законот за детективската дејност и други.

Предложениот дневен ред на 32-та седница е со 49 точки, меѓу кои се оние за Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, предлог на одлука за одобрување на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио телевизија за 2020 година, барања за согласности и финансиски планови и годишни извештаи на повеќе институции и комисии.