Соботка: ЕУ ќе ги награди вистинските чекори

73

Промените на Уставот што се потребни за промена на името претставуваат момент на парламентаризам и потребни се храбри чекори. Разбирам дека ова не е едноставно за пратениците од опозицијата, ова е долг процес што треба одново и одново да се отвора, но тука е и прашањето кои се алтернативите, какви се перспективите за оваа држава, ако самата не е способна да ги решава внатрешните конфликти.

Ова вчера во своето обраќање пред македонските пратеници го изјави претседателот на австрискиот национален совет, Волфганг Соботка, кој беше во официјална посета на Република Македонија.

– Македонија во изминатиов период направи одлучувачки чекори кон Европската Унија, прво со Договорот за добрососедство со Бугарија, а вториот клучен чекор е спогодбата со Грција за решавање на спорот со името. Ја гледаме Македонија на патот од статус кандидат, на крајот на 2019 година да почне со опиплива перспектива со преговори за членство во Унијата – рече Соботка.

Тој смета дека по изборите за Европскиот парламент, напролет во 2019 година, уште во текот на летото ќе почнат преговори за членство на Македонија.
– Верувам дека поглавјата брзо ќе се решаваат и оти ЕУ мора да ги награди овие чекори – наведе Соботка.

Претседателот на австрискиот национален совет додаде дека земјава е потребно да ги направи неопходните реформи во јавната администрација, правосудството, медиумите, јакнењето на граѓанското општество, апелирајќи во Собранието да се води дискусија и да се работи на големите национални планови.

Тој истакна дека Австрија, во согласност со својата структура и културна свест, има висок интерес за развој на Македонија и на други држави од Балканот на нивниот пат кон ЕУ.

Соботка изрази гаранции дека поддршката на овој пат не доаѓа само од австриската влада на чело со канцеларот Себастијан Курц, туку и од австриското собрание и од партиите што ќе ги поддржуваат обидите и трудот што го дава Македонија.

Обраќањето на претседателот на австрискиот национален совет, покрај пратениците, го следеа и премиерот Зоран Заев, министри и дипломатскиот кор во земјава.
Соботка претходно оствари средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а се сретна и со претседателот на собраниската комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски и со членовите на оваа комисија. П.Р.