Случајот „Рекет“ фрла ново светло врз Преспанскиот договор

4327

Политичкото лето во Македонија потполно ќе биде одбележано со афери кои ја потресуваат законодавната, извршната и судската власт на земјата. На повидок се нови афери кои дури го вклучуваат и Преспанскиот договор. Затоа, со право се поставува прашањето дали Македонија е пред нова политичка криза, во очекување на доделување на датумот за пристапни преговори со ЕУ во октомври, анализира српска „Политика“.

Шефицата на СЈО, Катица Јанева е во истражниот затвор „Скопје” во Шуто Оризари. Таа е обвинета дека ја злоупотребила службената положба и овластување и влијаела за поповолна позиција на осомничениот Орце Камчев во предметот „Империја”.

Во меѓувреме, министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој е потписник на Преспанскиот договор, се обиде да се дистанцира од аферата „Рекет“, која ја разбранува јавноста кога беше приведен Бојан Јовановски познат како Боки 13, и кога беше обелоденето дека бизнисмени се уценувани за милионски суми во размена која би ја одобрила Катица Јанева.

Во обид да се дистанцира од случајот „Рекет“ и од Јовановски, Димитров со своја изјава предизвика реакции во јавноста, а неколку пратенци од опозицијата отворија можност за нови афери поврзани со Преспанскиот договор.

– Бојкотот на референдумот имаше иста цел. Да се факторизираат пратениците, за да се тргува со одговорноста – напиша Димитров на Фејсбук.

Една од главните полемики ја отвори поранешната министерка за култура Ганка Цветанова, која праша дали по признанието на Димитров, кој потврдил дека со пратениците се тргувало за промена на името и Уставот на Македонија, ќе биде повикан на распит и дали ќе има официјална истрага. Таа исто така праша дали ова е вовед за поништување на Преспанскиот договор, како и дали Катица Јанева се уште е на слобода, бидејќи се заканила дека ќе обелодени оти пратениците биле уценувани да гласаат за промена на името, Уставот и историјата на Македонија, пренесува српскиот весник.

– Димитров на многу дипломатски начин се огради и од сите членови на Владата кои се фотографираа со Бојан Јовановски. Како што напиша, тој не се фотографирал поради тоа што имал правилно чувство за ова крими-друштво. Тој исто така нагласи дека е потребно да се расчистат сите валканици, без разлика во која насока водат – пишува Политика.

Ставот на првиот човек на МНР се коментира и како оградување од самиот премиер Зоран Заев, бидејќи и тој се фотографираше со Боки 13 и разговараше со него околу хуманитарни проекти во неговиот кабинет. Таквото оградување на Димитров и колегите од владата укажува, како што пишуваат македонските медиуми, дека Димитров се подготвува за висока дипломатска функција во САД или за технички премиер на владата на Македонија.

Редовните парламентарни избори се планирани за декември в година, но премиерот Заев посочи дека постои можност тие се распишат некој месец порано, за граѓаните да не мора да гласаат кога температурите се многу ниски.