Случајот „Груевски“ како игри без граници

786
Фото: Игор Бансколиев

Контроверзни и спротивставени информации пристигнаа вчера, по обелоденувањето на веста дека поранешниот македонски премиер добил азил во Унгарија. Европската комисија истакна дека унгарските власти засега не потврдиле дека одобриле азил, додека од нашето министерство за правда велат дека ќе бараат отповикување и преиспитување на одлуката на унгарските власти

Одлуката на Унгарија да му додели политички азил на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски, ја вжешти политичката клима. Најразлични реакции и коментари пристигнуваат од сите страни, и во земјава и надвор од неа.
Во јавноста и на социјалните мрежи веќе се појавија и коментари дека експресното завчерашно приведување на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, осомничен за случајот за масовно прислушување е всушност брза реакција на власта за да ја смири критичната јавност поради разочараноста поврзана со случајот „Груевски“. Дополнителен притисок на целава состојба даде и изјавата на унгарскиот министер за правда Лазло Трошани, кој рече дека македонските власти попусто бараат екстрадиција на бившиот премиер Никола Груевски, бидејќи тој веќе не може да биде вратен во Македонија, откако доби азил во Унгарија. Трошани во интервју за унгарската телевизија Ехо ТВ рече дека со тоа што му е одобрен азил, Унгарија признава дека Груевски е жртва на прогон и не може да биде екстрадиран.

Трошани појасни дека сега Груевски може да добие патни документи и слободно да ја напушти Унгарија ако сака. На ваквата изјава веднаш реагира македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, кој рече дека е голем парадокс и иронија земја-членка на ЕУ да му дава заштита на еден осуденик. Димитров појасни дека Македонија во решавањето на случајот со унгарските власти ќе инсистира на почитување на владеењето на правото и ќе ги земе предвид сите национални интереси вклучувајќи го и интересот за добри односи со Унгарија.

– Мислам дека во речниците случајот за Груевски може да се води под иронија и парадокс, бидејќи се работи за човек под чие владеење Европската комисија ја дефинираше Македонија како заробена држава и имаме заклучок од Советот за општи работи, од јуни годинава, каде што се бара правна разврска и одговорност за индициите за кривични дела што произлегуваат од прислушуваните разговори поддржан и од Европскиот совет. И сега Македонија како земја-кандидат прави сѐ во Македонија да владее правото и навистина е иронија и парадоксално што човек што има пресуда, осуденик што се соочува и со четири други обвиненија и со пет истраги да најде заштита и да добие азил во земја-членка. Ова е проблем за Македонија, меѓутоа е проблем и за ЕУ и за кредибилноста на принципот на владеењето на правото во ЕУ – рече Димитров.

Со своја реакција излегоа и Министерството за правда и министерката Рената Дескоска, која посочи дека таа од Унгарија ќе бара отповикување и преиспитување на одлуката за азил на Никола Груевски. Таа вели дека со новите измени на Законот за азил во Унгарија е предвидена оваа можност – отповикување азил. Ако Груевски не добие унгарско државјанство, неговата дозвола за азил повторно ќе биде ставена на разгледување по истекот на три години, посочила Дескоска. Во контекст на случајот вчера реагираше и Владата на РМ.

– Наводите во барањето за азил се целосно лажни и очекуваме дека унгарските власти ќе ја отповикаат одлуката за азил и дека Груевски ќе биде екстрадиран – изјави портпаролот на Владата Миле Бошњаковски. На прес-конференција Бошњаковски рече дека постапката за екстрадиција е почната, документацијата е пратена во Владата на Унгарија и дека таа е одделна од постапката за азил, односно двете постапки воопшто не се во корелација.

По веста за добивање азил на поранешниот премиер Груевски, од страна на властите во Будимпешта, Европската комисија истакна дека унгарските власти засега не потврдиле дека одобриле азил за поранешниот премиер Никола Груевски.

– Поради тоа, ЕК сѐ уште не дава различни коментари од оние што ги дава последните денови, а тоа е дека процесот не треба да се политизира и дека сите треба да ги почитуваат принципите на владеењето на правото, земјите-членки како земјите-кандидати. Правилото е дека земјите индивидуално одлучуваат за одобрување азил, но ЕК потсетува и дека по години назадување Македонија остварила „добар прогрес“ во оваа област, што е потврдено од страна на земјите-членки во јуни. Еврокомесарот Јоханес Хан за ова се надоврза на Твитер и порача дека од Виктор Орбан ќе бара објаснувања доколку извештаите дека е одобрен азил за Груевски бидат потврдени.

– Владеењето на правото останува темелен принцип за земјите-членки и за земјите-кандидати на ист начин. Клучно е за кредибилитетот на Европа. Изненадувачки е што Унгарија поддржува членство во ЕУ за Македонија, но, не ја смета за безбедна – напиша Хан.

Сепак, Европската комисија сѐ уште не се изјаснила јавно за овој случај. Што се однесува до Европскиот парламент, само политичките партии на зелените и на социјалдемократите излегоа со реакции. Земјите-членки на ЕУ исто така не коментирале за случајот.

Инаку, претходно поранешниот премиер Никола Груевски завчера попладне преку Фејсбук се огласи дека Унгарија одговорила позитивно на неговото барање за добивање политички азил. Речиси истовремено, македонското министерство за правда соопшти дека го испратило до Унгарија барањето за екстрадиција на Груевски.


Одбраната на Мијалков најавува жалба

Одбраната на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој завчера беше притворен, најави дека во текот на денов ќе поднесе жалба, бидејќи смета дека без да се повика и сослуша обвинетиот е недозволиво да му се одреди мерка притвор.
– Законот за кривична постапка наведува дека секое лице мора да биде повикано и сослушано и по неговата изјава да биде одредена мерка притвор – изјави Антонио Апостолски, еден од адвокатите што го бранат Мијалков. Од специјалното обвинителство вчера одбија да одговорат, од која причина е побарано апсењето на Сашо Мијалков, кој завчера попладне беше приведен од хотелот „Мериот“ во затворот „Шутка“.


Реакција и од германскиот Бундестаг

Случајот „Груевски“ станува лакмус-тест за веродостојноста на правната држава во Унгарија, се реагира од Бундестагот на бегството на бившиот премиер. Се вели и дека Орбан го поставил личното пријателство над правосилна одлука, Унгарија да не се претвора во продолжена рака на автократот Груевски, а Македонија да разјасни дали бегството следувало по дозвола од тамошните власти, бараат пратениците во Бундестагот, како што пренесе „Дојче веле“.


Лавина коментари на Фејсбук

Лавина реакции има на најновата објава на Фејсбук на избеганиот бивш премиер Никола Груевски во Унгарија. Откако на социјалната мрежа Груевски го објави својот најнов статус, за еден час веќе има над 600 коментари и над 400 споделувања. Најголемиот дел од нив го поздравува потегот на Унгарија да му додели азил на Груевски. Во мноштвото коментари, под објавата пишува: „Господинот Груевски и политички азил доби, а хунтата и зајакот уште го бараат по гаражи и подруми!“; „Напред војводо и Господ да е со тебе“. Помал дел коментари се иронични и со сарказам за азилантскиот статус и бегството на Груевски: „Голема чест е што најбогатиот азилант потекнува од Македонија. Денов ќе го земеме како куќна слава“. „Ова ли е примерот што треба да го следиме ние Македонците? Срам, беда, мизерија…“