Слогани за глас, слогани за спас

741
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во целина повеќето слогани, кои јавноста имаше можност да ги слушне и види, наводно нудат спас за Македонија, но од сосема различна перспектива

Неинвентивни, истрошени, контрадикторни на моменти и збунувачки слогани и пароли го обележаа почетокот на политичката кампања пред претстојниот референдум што треба да се одржи на 30 септември на кој граѓаните ќе одговорат на прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Од една страна се претставниците на власта, кои настапуваат под заеднички слоган „Излези за европска Македонија“, каде што во потконтекс на билбордите, рекламните паноа ќе ги сретнете уште и пораките од типот: Интеграцијата во НАТО за цврсти државни граници, безбедност и сигурност за идните генерации; Со ЕУ до повисоки плати, бесплатни здравствени услуги, зголемен извоз, почист воздух итн. Со еден збор сѐ што граѓаните очекуваат дома да се случи и подобри се става во контекст на ЕУ, без споменување на промената на името на државата и уставните промени. Тука се и граѓанските здруженија и невладини организации, кои отворено го поддржуваат референдумот преку слоганите: „Зачекори напред! Изборот е твој“.

Но, има и такви што јасно повикуваат на бојкот. Мрежата „Бојкотирам“ и Координативното тело против референдумот во својата кампања во пораките до граѓаните, кои се шират преку социјалните мрежи и преку интернет-страниците, ги користат следните слогани: Стоп за Северна, напред за Република Македонија; Во ЕУ и во НАТО со достоинство и Република Македонија ерга омнес; Никогаш Северна, секогаш Република Македонија; Името е идентитетот; Македонија има свое име; Не за самоукинување итн.

Во целина сите слогани, кои јавноста имаше можност да ги слушне и види што нудат спас за Македонија, но од сосема различна перспектива. Едните наводно ја спасуваат од калта во која се наоѓа и ја носат на европскиот пат, додека другите слогани, кои се против референдумот, наводно ја спасуваат државата од себеликвидација, самоукинување и од бришење на сѐ што е македонско.

Според аналитичарите, кампањите и на политичарите и на граѓанскиот сектор околу референдумот ни малку не се инвентивни и личат на копија од многуте претходни избори што ги имаше во државата.

Во сублимиран заклучок експертите со кои се консултиравме тврдат дека во првите неколку дена од кампањата за референдумот може да се забележат митинзи на политичарите, кои личат на оние што се одржуваат за време на трка за гласачи на класични избори, а истовремено може да се видат постери и билборди што личат на пораки, кои граѓаните веќе се навикнати да ги читаат за време на избори, а не за референдуми.

Политикологот Милан Стефаноски смета дека ваквата неинвенитвност се должи на реално малата традиција на спроведување референдуми во земјата. Според него, логично од тој заклучок е сите субјекти во оваа политичка трка да се однесуваат како да се на избори бидејќи не знаат да го прават тоа поинаку.

Тој оценува дека во кампањата се испраќаат пораки што веќе беа кажани на сите избори, од едната страна агитаторите велат дека на граѓаните им треба подобар живот во состав на евроатлантските структури и од другата страна нивните противници тврдат дека грчевито треба да се бориме да ја спасиме земјата од распаѓање.

– Ние овие тези ги слушаме и читаме секои избори без разлика дали тоа се парламентарни, локални или, пак, претседателски. Па ете оваа состојба се пренесе и на ниво на референдумска кампања. Мислам дека сите играчи во оваа политичка агенда, без разлика на нивниот став по одреденото актуелно прашање, требало многу покреативно да се активираат од досега приложеното, бидејќи јас имам впечаток дека ќе гласам на избори, а не на референдум за одредено прашање – вели политикологот.
Слично размислува и политичкиот аналитичарот Димитар Димов, кој, пак, додава дека мотивирањето за гласање кон одредена агенда е цела наука во политиката, а во Македонија таа е клише што нема многу иновации.

Тој вели дека иако е рано сето тоа да се констатира, бидејќи кампањата тукушто официјално почна, од досега приложеното може да се увиди дека со своето однесување сите фактори во оваа, условно кажано, трка за референдумот во Македонија не внеле новитети во својата работа.

Аналитичарот се надева дека во иднина сите оние што ги предводат кампањите во сите сфери од политиката ќе се надградат во работата и наголемо ќе воведат новитети во својата работа.