Словачка планира тринаесет милиони тестирања одеднаш

333
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Словачка набавила 13 милиони брзи тестови и планира со нив да ги тестира сите жители во земјата постари од десет години. Според словачкиот премиер Игор Матович, тестирањето ќе биде бесплатно и ако успешно го спроведе, таа ќе биде пример за целиот свет

Нови форми на превенција и борба за новиот налет на коронавирусот

Пандемијата на коронавирусот, повеќе од осум месеци по нејзиното избивање, се чини не прекинува да ги става државите, општествата, но и граѓаните пред редица нови предизвици. Најновите обиди на земјите од светот содржат и нови форми на превенција и борба против коронавирусот.

Брзите и масовни тестови повторно актуелни

Новинската агенција „Ројтерс“ викендов информира дека во Словачка се воведени нови ригидни рестриктивни мерки со кои се забранети црковните служби и сите форми на јавни собири, а училиштата се префрлени на онлајн настава. Но она што е исклучително интересно и уникатно за оваа земја е набавката на 13 милиони брзи антиген тестови со кои таа планира едновремено да ги тестира сите жители во земјата постари од десет години.
– Тестирањето ќе биде бесплатно. Ако успешно го спроведеме ова, ќе бидеме пример за целиот свет – изјави словачкиот премиер Игор Матович, не прецизирајќи дали тестирањето ќе биде задолжително или доброволно.
Тој додаде дека низ земјата од крајот на овој месец, па до почетокот на наредниот ќе бидат поставени речиси 6.000 пункта за тестирање, кое ќе се спроведе во наредните два викенда.
– Тоа ќе биде слично како кога граѓаните излегуваат да гласаат на избори – изјави Матович.
Од спротивната страна на евроазискиот континент има слична приказна и подготовки. Имено, кинеските властите во десетмилионскиот град Чингдао во наредните денови ќе спроведат масовна проверка со брзи тестови за ковид. Според „Дојче веле“, оваа реакција на Кина се должи на појавата на нови случаи на вирусот во источниот дел од земјата. Масовните и синхронизирани едновремени тестирања се покажаа како мошне ефикасни во спротивставувањето на ширењето на коронавирусот, но и за ефикасно планирање и спроведување на мерките на државите за заштита на своите граѓани.

И во Македонија недостигаат брзи и масовни тестирања со кои би се ублажиле и здравствените и економските последици

Министерот за здравство Венко Филипче неодамна информира дека државата планира да ја надгради стратегијата во борбата против коронавирусот со набавка на нови брзи тестови, кои за петнаесетина минути можат да го детектираат заболувањето кај граѓаните.
Од Министерството за здравство, за „Нова Македонија“ потврдија дека земјата е во процес на набавка на 7.500 брзи тестови, кои се очекува да пристигнат тука во наредните денови.
– Брзите тестови ќе бидат распределени во неколку здравствени институции. Оваа донација ќе претставува дополнително зајакнување на капацитетите за тестирање. Штом пристигнат брзите тестови, веднаш ќе ја информираме јавноста – велат од министерството.
Микробиологот Никола Пановски во својот осврт на случувањата вели дека државите што ги спроведуваат овие операции зад себе имаат цел да дефинираат во најголема можна точност колку лица се заразени и да ги изолираат истите тие. На тој начин, според него, се ублажуваат и здравствените и економските последици по државата.
– Ваква операција да се спроведе во Македонија доколку за тоа има согласност од сите структури на општеството би чинела меѓу 10 и 50 милиони долари, или колку едни избори или референдуми. Цената ќе се разликува од типот на тестовите што би се употребиле, антигенски тестови, кои се поевтини, или ПЦР-тестови, кои се поскапи.

Дополнително, во организациска смисла, пред да се спроведе тестирање во Собранието, за оваа намена треба да се донесе закон за задолжителен тест и да се изврши сеопфатна државна стратегија за овој чин – вели Пановски.
Според него, доколку едно вакво тестирање се изврши во Македонија би можело да дефинира колку навистина позитивни случаи имаме во земјата, а според некои негови претпоставки на активните 6.000 случаи би можеле да се прокнижат уште десет пати повеќе лица.
– Кога ќе се знае точниот број на болните и на нивните контакти, ќе може да се донесе одлука за нивна сеопфатна изолација со што ќе се стават во комплетен карантин од две седмици, а сите други и нашата економија ќе продолжат нормално да функционираат – вели Пановски.
Тој подвлекува дека тоа ќе понуди побрз начин за земјата да ги ублажи последиците од вториот бран пандемијата.

На повидок нови построги мерки и кај нас

За забележување е информацијата што вели дека Владата ги прифати новите мерки предложени од Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат носење маски на отворено, забрана за групирање на повеќе од четири лица на отворено, како и домашни посети со не повеќе од четири лица во едно домаќинство.
Според информации добиени од Владата, овие мерки веќе се во собраниска процедура и се очекува Собранието во најкраток рок да ги изгласа.
– Доколку бројот на заразени расте, Комисијата за заразни болести до Владата ќе предложи дополнителен пакет рестриктивни мерки, кои вклучуваат ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз до 50 проценти, целосна забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски оператори до 23 часот – се вели во информацијата добиена од државните власти.


Фото: Маја Јаневска-Илиева

Здравствените власти повикуваат на донирање конвалесцентна плазма

Од Институтот за трансфузиона медицина информираа дека се обезбедени вкупно 142 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со ковид-19.
Од институтот велат дека станува збор за 100 дарители што донирале плазма и досега над 120 пациенти со ковид-19 се третирани со конвалесцентна плазма, што содржи антитела против овој вирус, создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста.
Во информацијата на институцијата се потсетува дека во крвната плазма на лицето што било излекувано од вирусната инфекција ковид-19 има антитела што организмот ги создал за време на борбата против болеста и таа ги содржи антителата што се борат со инфекцијата, а тие се нарекуваат конвалесцентна плазма.
Во информацијата на институцијата се појаснува дека оние лица што сакаат да донираат крвна плазма кај себе треба да имаат документиран лабораториски доказ дека биле болни од вирусот, да имаат дијагностички тест – позитивен ПЦР-тест или позитивен тест за анти-САРС антитела, без разлика дали имале симптоми или биле асимптоматски.

Дополнително, во информацијата се подвлекува дека донаторите треба да имаат минимум 28 дена комплетно повлекување на сите симптоми пред да даруваат крв и негативни тестирања.
На информацијата од Институтот за трансфузиона медицина стои и дека постапка за дарување плазма трае од 40 до 60 минути и во неа се издвојуваат од 300 до 600 мл плазма, а другите компоненти му се враќаат на донорот.
Постои и специјален формулар за донори, кој се пополнува електронски на веб-страницата на институтот (itm.org.mk/), во него се впишуваат неопходните генералии и информации поврзани со вирусот и лицето што сака да донира крвна плазма. Сите дополнителни информации поврзани со овој процес може да се добијат и на мејл ([email protected]), како и на специјализираниот телефонски број за оваа намена 078/488-459.

[email protected]