Скока вредноста на македонскиот денар

329
Фото: Дарко Андоновски

Монетата од еден денар, на која е изгравиран македонскиот шарпланинец и пишува Република Македонија, а е пуштена во употреба во 1997 година од страна на НБРМ, на интернет-страницата за трговија И-беј се продава за неверојатни 20 долари, па и многу повеќе. Следејќи го овој пример, слична е ситуацијата и со банкнотите од 100, 200 и 5.000 апоени на НБРМ, кои се продаваат многукратно поскапо од нивната вистинска вредност. Која е причината за оваа необична појава?

Ако културното наследство, музиката, песните, народните носии, парите и монетите, но и други обележја се доказ за постоење на еден народ, држава и територија, а тие несомнено се дел од идентитетот и културното наследство на една цивилизација, тогаш нивното отуѓување или обид за менување значи постапка за бришење или продавање на една нација и име што постојат и постоеле во светот. Следствено на оваа логика, а во екот на ратификацијата на спогодбата со Грција и прифаќањето на ново име, ерга омнес од наша страна, кое подразбира и менување на Уставот и промена на називот на сите институции што го носат префиксот македонски, деновиве е регистрирана зачудувачка појава на препродажбата на сѐ уште важечките македонски банкноти и монети испечатени од НБРМ на најпозната светска онлајн-продавница И-беј.
Имено, цената на македонскиот денар на И-беј вртоглаво расте и ги соборува сите рекорди. Изненадувачки, но, со други зборови, македонскиот денар има повисока колекционерска вредност и од доларот и од еврото.

За ваквиот феномен, кој е во подем на Интернет кај трговците со нумизматички вредности, засега сѐ уште не се јасни причините за тоа зошто е така ако се земе предвид дека банкнотите немаат некоја колекционерска вредност и не претставуваат реткост низ Европа, па и во светот. Имено, примероци од банкноти и монети што сѐ уште се актуелни, а се испечатени од Народната банка на Република Македонија, се продаваат повеќекратно над нивната означена вредност. Во превод, монетата од еден денар, на која е изгравиран македонскиот шарпланинец и пишува Република Македонија, а е пуштена во употреба во 1997 година од страна на НБРМ, на интернет-страницата за трговија И-беј се продава за неверојатни 20 долари, па и многу повеќе. Следејќи го овој пример, слична е ситуацијата и со банкнотите од 100, 200 и 5.000 апоени на НБРМ, кои се продаваат многукратно поскапо од нивната вистинска вредност. Во коментарите на еден од огласите за тргување на интернет-страницата И-беј, продавачот, кој е од Европа, меѓу другото наведува оти банкнотите и монетите се уникатни, бидејќи се тргувало во држава со име „Република Македонија“, која е во исчезнување. Иако ваквиот начин на интернет-тргување не е никаква новина и колекционерите на ретки пари вршат откуп и се подготвени да платат големи суми за ретки приморци, необичност е зошто вредноста на македонскиот денар вртоглаво расте на оваа онлајн-продавница. Дали причината е што, во согласност со спогодбата со Грција, Македонија се согласи да изврши промена во името на државата, но и интервенција во Уставот, па, оттука, се претпоставува дека во иднина по автоматизам ќе бидат сменети и имињата на државните институции што го рефлектираат уставното име како НБРМ, па оттука и сегашните македонски пари ќе бидат реткост или е нешто друго, останува мистерија.

Сепак, иако некои од политичарите нѐ убедуваа дека со спогодбата со Грција нема да имаме големи последици, кои навлегуваат во идентитетот, јазикот и нацијата, со потпишувањето на договорот со Атина, ваквите показатели всушност го тврдат спротивното, односно она што целиот изминат период го тврдеше и предупредуваше научната и академска јавност во земјава.
Дури и најобичните колекционери и нумизматичари го согледуваат она што некои од политичарите се обидуваат да го скријат од македонските граѓани, а тоа е непобитниот факт дека со промена на уставното име и менување на Уставот, директно се навлегува во идентитетот на македонскиот народ. Тоа го согледале дури и колекционерите што ги продаваат македонските пари на кои пишува Република Македонија како нешто уникатно.

Поттикнати од споменатите мотиви, како и од начинот, но и опсегот на кој се водеа преговорите, академската и стручната јавност, но и огромно мнозинство граѓани отворено, непристрасно и без политички предрасуди постојано предупредуваа на ваквите тешки последици што грчката преговарачка страна ги наметна во своите предлози. А тие грчки заложби се цел еден народ и држава да се избришат и закопаат во историјата. Од реалност да станат раритет со колекционерска вредноста, како што, впрочем, е и примерот со трговијата со македонски пари на Интернет.