Сијарто се правда за азилот на Груевски

303

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто за париски „Ле Монд“ се правда за азилот кој му беше доделен на Никола Груевски, јави дописникот на МИА.

Запрашан зошто неговата земја му дала азил на поранешниот македонски премиер, осуден за корупција без тој да го поднесе неговото барање за азил како и сите други баратели, по должината на оградата на самата граница, Сијарто вели дека во Унгарија барањата за азил се разгледуваат од независни власти, и оти тој не може да ја коментира содржината на досието.

– Овие власти одлучија да му дозволат на Груевски да го поднесе барањето во седиштето во Будимпешта поради безбедносни причини, бидејќи тој беше премиер во текот на десет години. Јас го сметам тоа за нормално – вели унгарскиот министер за надворешни работи.

Во врска со тоа зошто унгарските служби го пренеле Груевски до Будимпешта во дипломатски автомобил, Сијарто појаснува дека тој се претставил во амбасадата во Тирана и оти го транспортирале поради безбедносни причини.

Во другиот дел на интервјуто Сијарто смета дека процедурата за санкции која е покрената против Унгарија, претставува реванш против земјата, бидејќи таа се спротиставила на политиката во областа на миграцијата.

Обвинувањата кои се изнесени кон Унгарија, за шефот на унгарската дипломатија се неосновани.