Сите лица на амнестијата

256
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Предлог-законот за амнестија е примен со доза на контроверзност уште од зародокот на идејата за него, почнувајќи од мотивите за негово носење, опфатот, па до искушенијата во кои е ставен правниот систем, со оглед на веќе почнатите судски процеси и постапки. Но законот цело време предизвикува и сериозни политички внатрекоалициски разногласија, како и внатрепартиски раздор. Крајно спротивставени и поделени мислења за ова прашање има и експертската јавност

Бидејќи неколкупати досега беше најавуван како „подготвен за гласање“, за потоа да биде одложено неговото ставање во собраниска процедура, секоја информација за развојот на настаните околу подготовката на законот за амнестија треба условно да се прифати и со доза на резерва. Но што е тоа што толку многу ги вжештува страстите во политичката, но и во стручната јавноста кога ќе се спомене оваа тема. Дали Законот за амнестија станува своевиден нов Гордиев јазол на нашето современие, кој предизвикува сериозни политички, но и правни разногласија, а веќе почна да ги тресе и разнишува и меѓупартиските коалиции.
Според најновите информации, меѓупартиското собраниско тело за помирување и интеграција денеска треба да ја направи конечната ревизија на нацрт-законот за амнестија за случувањата од 27 април минатата година. Веднаш потоа, уште во текот на денот, тој ќе биде доставен до Комисијата за политички систем и ќе се најде како една од точките на дневниот ред на пленарната седница. Ако добие зелено светло од мнозинството, не е исклучено неговото одобрување да биде донесено во текот на наредната седмица.

– Колку и да се трудат да ја убедат јавноста, дека овој закон за амнестија се носи за „помирување, интеграција и реформи“, во интерес на евроатлантските интеграции, на сите им е јасно дека неговото донесување е поврзано со гласањето во Собранието, за конечно усвојување на уставните измени, со што одредбите од спогодбата од Мала Преспа би се инкорпорирале во Уставот. Така што усвојувањето и калкулирањето со законот за амнестија веројатно ќе се одложат до пред конечното гласање. Евентуално, може и за понатаму (по гласањето за спогодбата од Мала Преспа) да се одложи донесувањето на овој закон, доколку гласовите на тие осуммина пратеници бидат потребни за некое друго гласање за кое ќе биде потребно двотретинско мнозинство – смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Овој предлог-закон за амнестија е контроверзен уште од зародокот на идејата за него, пред сѐ поради мотивите за негово носење, а уште во процесот на неговото креирање ги стави во искушение правниот систем и поимањето на правдата, но предизвика и внатрекоалициски разногласија (последното меѓу СДСМ и ЛДП), како и внатрепартиски раздор (поделба на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, исклучување од членство на осумтемина пратеници од партијата…).

Според премиерот Заев, членовите во предлог-законот треба да создадат услови само за помали казни, а не за избегнување на казната. Тие имплицитно треба да го преквалификуваат обвинувањето за тероризам, за што се предвидени казни повисоки од 10 години, со тоа што ќе бидат предложени помали почетни казни.

– Но казни ќе има. Со законот ќе се испрати пораката дека казнувањето мора да постои, но и најважната порака е да нема мешање во правосудството… Конечната цел е да донесе помирување, подавање рака меѓу Собранието, но со тенденција тоа да продолжи и на вертикално ниво, и кај навивачките групи, и во општините, и кај подмладоците во партиите – смета премиерот Зоран Заев.

Фросина Ременски, претседателката на меѓупартиското тело за помирување, интеграција и реформи, вели дека собраниското тело нема да ја преземе улогата на обвинителството или судот за да цени и мери вина, затоа што ниту има мандат, ниту пак ги има доказите и информациите со кои располага обвинителството. По предлогот што беше пласиран во јавноста, дека обвинетите за настаните од 27 април ќе можат сами да побараат амнестија или да продолжат со судско докажување на невиноста, Ременски вели дека всушност судот и обвинителството ќе ги разгледуваат нивните барања и ќе одлучуваат дали ќе им биде дозволена амнестијата.

– Целта беше, од една страна, да се постават рамките со опис на дејствата поврзани со 27 април што не можат да бидат амнестирани, а од друга страна да се почитуваат правото и обврската обвинителството и судот да ја водат постапката до краен резултат. Индивидуалниот пристап кон законот на обвинетите за настаните од 27 април е исто така почитуван, односно барањето што до надлежниот орган треба или може да го достави секој од обвинетите за настаните. Во таа постапка, судот и обвинителството ќе го имаат правото да ценат, врз основа на доказите, дали законот важи за лицето што се повикува на амнестија и какво решение ќе му издаде. Секако, жалбената постапка е гарантирана – изјави Ременски.

Во меѓувреме, од ЛДП, која е дел од коалицијата на СДСМ, велат дека нема да гласаат за законот за амнестија. Според претседателот на партијата, Горан Милевски, подобра варијантата е најпрво да има пресуда за случајот, а дури потоа да се размислува за амнестија. Тој смета дека законодавната и извршната власт треба да останат во свои рамки и да не влијаат на судството.

Токму ваквиот јасен став во однос на законот за амнестија на Милевски се смета дека е повод за несогласување и раздор внатре во партијата.

Пратеничката на ЛДП, Никица Корубин, веќе најави дека во иднина ќе настапува како независен пратеник во Собранието и дека ќе ги поддржи започнатите процеси, меѓу кои и законот за амнестија.

– Очигледно е дека постои разногласие во владејачката коалиција, но сѐ уште не е извесно дали тоа произлегува од несогласувањето околу законот за амнестија, или постои и друго незадоволство. Во секој случај, предлог-законот за амнестија претставува големо искушение за правосудниот систем и за правдата во Македонија.

Во принцип, амнестијата или важи за сите, или за никого. Која е разликата меѓу оние за кои ќе важи амнестијата и оние што нема да ги „исполнат условите“? Во тоа што едните ќе можат да гласаат за уставните измени во Собранието, а од другите, неамнестираните, нема потреба од такво нешто? Тоа подразбира парцијални решенија и претставува манипулација со правдата и правдината. Ако биде спроведена докрај намерата за селективна амнестија, тоа може да предизвика вознемирувачки последици во иднина, односно навестува дека нема да се прекине со практиката на правни преседани, кои, за жал, ќе можат да се користат за оправдување други неправди – вели политикологот Владимир Божиновски.

Фото: Дарко Андоновски

ОД ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ ПРЕДЛАГААТ

Прво пресуда, потоа помилување

Иако Демократскиот сојуз во целост ја поддржува имплементацијата на договорот помеѓу Македонија и Грција, како и обидите за обезбедување парламентарно мнозинство (2/3), неопходно за уставните промени, партијата на Павле Трајанов смета дека мора да се почитува принципот на пресумција на невиност и воздржување од упад на законодавната во судската власт, особено поради тоа што судскиот процес за 27 април 2017 година е во завршна фаза.
– Доколку предвреме се донесе Законот за амнестија, тешко ќе се откријат сите инволвирани во крвавиот четврток и обидот за државен удар.Демократскиот сојуз сугерира прво да се заврши судскиот процес, а потоа да се разгледа можноста за амнестија, со тоа што Законот за амнестија да стапи во сила едновремено со изгласувањето на уставните промени. Поради сето ова, Демократскиот сојуз укажува дека целокупниот процес треба да се води доста претпазливо и одговорно, за да не се сруши владеењето на правото и правната држава, како основни предуслови за продолжување на евроатлантските процеси – соопштуваат од партијата.
Инаку во опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму опстојуваат на ставот дека амнестијата треба да биде за сите обвинети во настаните за 27 април минатата година и дека селективната амнестија е неправична.