Симулација на ДИК: СДСМ ќе има 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ 44, а ДУИ 15

1680
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Симулацијата на Државната изборна комисија (ДИК) врз основа на првичните неофицијални резултати од вчерашните предвремени парламентарни избори (од обработени 3.421 од вкупно 3.480 избирачки места) покажува дека коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ во новиот собраниски состав ќе има 46 пратеници, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден. Останатите девет партии и коалиции учесници на изборите не освоиле пратенички мандат.

Коалицијата на СДСМ има најмногу гласови 324.084 или 36,12 отсто, пред коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 312.745 гласа или 34,85 отсто, ДУИ 101.432 или 11,3 отсто, Алијанса за Албанците и Алтернатива 76.425 или 8,57, Левица 37.057 или 4,16, а ДПА 13.553 или 1,52 отсто.

ДИК најави дека денеска ќе ги соопшти првичните резултати од изборите и распределбата на пратеничките мандати, по прибирањето и обработката на сите пристигнати материјали. Првичните резултати од изборите се само повремено видливи на веб-страницата на ДИК, која синоќа падна поради, како што кажа првиот човек на комисијата Оливер Деркоски, надворешни хакерски напади. 

Околу 923 илјади граѓани или приближно 51 отсто од запишаните гласачи во Избирачкиот список, го искористија правото на глас на десеттите парламентарни избори, кои првпат во актуелните услови на пандемија на коронавирусот траеја три дена.