Силјановска: Мора да почнеме од право и правда, а тоа од нас го бара и ЕУ

86

Гордана Силјановска-Давкова, носител на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 1 на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, денеска посочи дека правото и правдата се клучни елементи и затоа мора да се почне со нив и да се стави акцентот во оваа област.

Говорејќи за актуелната политичка ситуација, Силјановска рече дека е крајно време со политика да се занимаваат луѓе кои се реализирани, кои не се корумпирани, кои не се криминализирани.
– Првото нешто што ни го бара Европската Унија е владеење на правото, затоа мора сè да почне оттука. Тоа е клучно. Сè ќе биде поинаку ако во Собранието седнат луѓе со знаење, ќе можеме со аргументи да правиме консензус за политики – кажа Силјановска.

Професорката се осврна и за тоа кога еден јазик станува официјален во ЕУ.

– Тоа е редовна процедура. Во ЕУ постои рамка за употреба на јазиците, што значи тоа – кога ќе завршат преговорите се пристапува кон склучување договор, тоа е прво ниво, второ ниво е регулатива број 1 од 1958 година и на таа регулатива се поднесува амандман за јазикот на државата која влегува во ЕУ. И со овој последен чекор или со амандман јазикот на државата која станува полноправна членка во ЕУ станува и официјален јазик во ЕУ – рече Силјановска, која укажа дека мултилингвализмот е главно во Европскиот парламент, а оти другите институции на ЕУ секоја има различно утврдени официјални јазици.

Силјановска говорејќи за договорите со Грција и Бугарија рече дека добрососедство може да има кога има заемна почит.

– Добрососедство може да има по прошка, а прошка може да има по извинување. Почит и разбирање не може да има без извинување. И самата ЕУ треба да тргне од суштината на добрососедството. Мислам дека ЕУ мора да се насочи на суштината на филозофијата на своето постоење бидејќи за да биде унијата, заедница мора да е втемелена на вредности. Во барање на решенијата треба да тргнеме од суштината, значи не може да зборуваме за добрососедство ако нема заемно почитување – рече Силјановска пред споменикот на децата бегалци во Скопје.