Силјановска-Давкова: Ќе ги покачиме платите 25 отсто

240

Професорката Гордана Силјановска-Давкова, носител во Изборната единица 1 од ВМРО-ДПМНЕ, денеска беше во посета на Сопиште, од каде што истакна дека СДСМ го избриша македонскиот идентитет, се откажа од правото на самоопределување, а од државата направија хибриден режим и најнепосакувана дестинација во Европа.

Силјановска потенцира дека со СДСМ во Македонија нема парламентарна демократија, нема независно судство, нема право и правда и нема функционална држава бидејќи без ефикасни политики, не може да функционира државата.

– Државата ја направија руина, а држава ако не е стабилна и без институции, не е држава, држава во која доверба во судството имаат одвај 3 отсто граѓани – не е држава, држава во која врвот на Јавното обвинителство, односно СЈО, е синоним за корупција, е држава пред пропаѓање и како таква во извештаите ја водат како хибриден режим – рече Силјановска.

Токму затоа таа посочи дека има шанса да се обнови тоа што остана, но за тоа е потребна промена на власт. Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе власта, ќе работи на обнова на Македонија за младите да останат во државата и за таа цел ќе се донесат најмалку 4 милијарди странски и домашни инвестиции, ќе се покачат платите 25 отсто, пензиите 20 отсто, а за младите до 29 години при нивното вработување бизнисот ќе биде ослободен од давачки.

– Овие луѓе се однародени, живеат во свој свет, кој не е ист со нашиот. Друг народ не се наоѓа, ама власт друга може да се најде. 15 јули, нивниот црн ден, ќе биде македонскиот светол ден – нагласи Силјановска-Давкова.