Станишев: Силна поддршка за позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври

283

Премиерот Зоран Заев се сретна со европратеникот Сергеј Станишев, претседател на Партијата на европски социјалисти и поранешен бугарски премиер, а на средбата е пренесена силна поддршка од ПЕС за донесување позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври, кога Република Македонија очекува да го добие најавениот датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Станишев ги поздрави договорите на нашата држава со Бугарија и Грција и демократската зрелост што ја покажува нашата држава, низ политиките на премиерот Заев и на Владата, за носење на реформите во соработка со опозицијата. Тој исто така охрабри да се изнајде решение и за Законот за јавно обвинителство.

Премиерот Заев се заблагодари за континуираната поддршка од ПЕС за демократските процеси во државава, што денес резултираат со процес на интеграција во НАТО и напредок во евроинтеграциите.

-Ги затворивме сите прашања со соседите низ искрени политики на изнаоѓање решенија, ги донесовме низ консензус со опозицијата законите за потребните реформи во државата и сега сме посветени на ефективна имплементација на тие реформи. Посебно сме фокусирани на владеењето на правото и правната држава и за обезбедување еднаквост пред законите за сите. Очекувам одговорно однесување во Парламентот и да го донесеме и Законот за јавно обвинителство со повеќе од двотретинско мнозинство. Сите поранешни предмети поврзани со криминал и корупција, или евентуално нови, како и во секоја европска држава, и кај нас, мора да добијат разврска низ независен и професионален правосуден систем – рече премиерот Заев.

На средбата е изразена поддршка и за одлучноста на Владата за независно функционирање на правосудниот систем. Исто така, заеднички е констатирано дека евро-атлантските перспективи на нашата држава веќе придонесоа кон развој на економската соработка со земјите во регионот и пошироко, нови инвестиции, со тоа и повисоки плати и подобар животен стандард на граѓаните, како и дека сето ова ќе дојде многу повеќе до израз со заокружувањето на интеграциите, како што е случај со сите држави коишто станале членки на ЕУ и на НАТО.