Се чека потегот на Иванов за „27 април“

328

Сé уште е неизвесно дали претседателот Ѓорге Иванов ќе ги аболицира осудените за „27 април“, кои до неговиот кабинетот доставиле барања за помилување. Од „Вила Водно“ не посочуваат кои од осудените лица побарале помилување и како ќе постапат.

Во очекување на потегот на Иванов, премиерот Зоран Заев вчера повтори дека не очекува претседателот на државата да ги помилува лицата осудени за случајот „27 април“, бидејќи не постои таква можност во законот, но и затоа што вакви постапки се забранети за време на изборни кампањи.

-Јасно е како бел ден. Членот 11 од Законот за помилување не постои, тој е укинат и не може да се делува по него. Постапките се водат преку Министерството за правда и тие може да стигнат до претседателот на РСМ, но не може да се водат за време на избори. Тие се забранети постапки, влијаат на изборниот процес затоа што влијаат на самите гласачи. Може да се водат откако ќе завршат претседателските избори. Тие завршуваат на 5 мај, официјалното завршување го прогласува ДИК согласно роковите за жалби и завршните извештаи, а мандатот на претседателот Иванов е до 12 мај, така што не очекувам никаква аболиција од негова страна- рече премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање по оддавањето признание на олимпијците од Спортската параолимпијада во Владата.

Првиот човек на скопскиот Кривичен суд, Иван Џолев вчера на брифинг со новинарите информира дека Судот досега нема добиено никакво барање за аболиција, ниту од обвинет, ниту од осудено лице.

Џолев, во однос на пишувањата во медиумите за можна аболиција од претседателот на државата, рече дека не е добро Судот однапред да се произнесува и да зазема став по нешто.

– Претседателот на државата има право да донесе аболиција и тоа е факт. Ако биде донесена аболиција, Судот тогаш ќе се произнесе и ќе проценува по неа- изјави Џолев.

Според министерката за правда Рената Дескоска постапка за помилување може да се води единствено преку Министерството за правда, а до нив досега не се стигнати барања за помилувања на осудени лица за настаните во Собранието од 27-ми април 2017 година.

Дескоска посочува дека нема законска можност да се води постапка за помилување од страна на претседателот на државата.

-Избришан е членот 11 од Законот за помилување кој претходно предвидуваше таква постапка од страна на претседателот, а и со укинувачка одлука на Уставниот суд во 2016 година тој член не е „оживеан“, односно не постои во правниот систем на државава- објаснува министерката.

Втората пречка, како што додава Дескоска, произлегува од фактот што се распишани претседателски избори, а во тој период не може да се даваат помилувања.

– Министерството за правда откако се распишани изборите не препраќа никакви предмети за помилување до Кабинетот на пртседателот на државата. Во оној момент кога Државната изборна комисија официјално ќе прогласи дека изборите се завршени ќе може да бидат препратени барања за помилување до Кабинетот на претседателот- вели министерката за правда.

За насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, на 15 март годинава на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица.

Највисока казна од 18 години доби поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ, Митко Чавков.

Мандатот на актуелниот претседател Ѓорге Иванов истекува на 12 мај годинава. Неговиот наследник треба да се добие по претседателските избори што ќе се одржат на 21 април и 5 мај.