Фото: Игор Бансколиев

Интелектуалците, но и пошироката јавност во земјава, не се откажуваат од барањето дека освен нив, на бугарските услови за зачленување на Македонија во ЕУ,
артикулирани во т.н. „Рамковна позиција“ што ја изгласа тамошниот парламент, треба да реагира и македонскиот државен врв

Договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија потпишан пред две години, наместо во име на споделување на европските вредности да ги надмине антагонизмите за националните прашања, се чини ја реактуализира на дневно ниво. Иако Бугарија формално ја поддржува Македонија во нејзините евроинтегративни аспирации, сепак посредно пред неодамнешниот самит на ЕУ, бугарскиот парламент изгласа декларација, односно „Рамковна позиција“, во која ги наведе условите за одржување на континуитетот на својата поддршка и при евентуално започнување на процесот на преговори. Меѓу дваесетината точки на бугарската декларација, најконтроверзно е барањето дека во контекст на ЕУ во документите не смее да се споменува македонскиот јазик, а во македонските историски учебници и споменици да не се употребува синтагмата „бугарски фашистички окупатор“… Ваквата декларација на бугарската политичка елита во Македонија беше оценета како уценувачка, а на неа реагираа дури и дел од бугарските интелектуалци. Македонскиот државен врв, пак, и покрај првичната најава дека ќе има соодветна реакција, сѐ уште молчи.

– Бугарија го фрли камчето. Тоа се вика „Рамковна позиција“. Мислев дека инаетењето е во суштина поради коските на Гоце Делчев, но работата се покажа далеку полоша… Најбезумен ми изгледа пасусот за јазикот. Во него се посочува следното: „Во однос на јазикот да се користи фразата ’официјален јазик на Република Северна Македонија’. При апсолутна неопходност да се користи терминот ’македонски јазик’ во документи и ставови на ЕУ, со ѕвездичка во фуснота да се појаснува дека тоа е ’ во согласност со Уставот на Република Северна Македонија‘“. Затоа што македонскиот бил поврзан со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година. Што претпоставува ваквиот лупинг? Во нашиве популистички времиња, оние што ќе признаат постоење на македонски јазик ќе бидат остро напаѓани од медиумската полиција. Претставете си сличен ултиматум од Италија кон Шпанија: при споменување на изразот шпански јазик да се стави ѕвездичка со која ќе се објасни дека тој произлегува од латинскиот, сопственост на нашата татковина – пишува бугарскиот професор по културна антропологија, Ивајло Дичев, во една своја колумна по официјалното изгласување на бугарската декларација.

Во македонската јавност и меѓу интелектуалците оваа бугарска декларација беше дочекана со остри реакции, иако политичарите, особено оние од власта, се обидуваа да го одмолчат овој соседски „непристоен предлог“, веројатно поради совпаѓање со моментот на очекување датум за почеток на преговори со ЕУ.

Имено, по фијаското со датумот за ЕУ, на лидерската средба кај шефот на државата Стево Пендаровски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побарал од другите лидери да се реагира на декларацијата што по предлог од бугарската влада беше изгласана во бугарскиот парламент. Иако на овој предлог на лидерот на опозицијата, начелна поддршка дале и лидерите на другите партии присутни на средбата, десетина дена подоцна сѐ уште нема сигнали дека се спроведуваат некакви активности во насока барем на подготовка на документот. На средбата, меѓу другото, било договорено одговорот да биде спроведен на идентично институционално ниво, односно преку македонското собрание. Но и од Собранието, досега, нема информации за подготовка на каков било документ со кој би се истакнала македонската позиција во однос на бугарските барања, па дури и во партијата предлагач ВМРО-ДПМНЕ не се запознаени што се случува со таа иницијатива.

Од друга страна, македонските интелектуалци и научници не се откажуваат од барањето дека освен нив, на бугарските т.н. услови за ЕУ, треба да реагира и македонскиот државен врв. Историчарот Петар Тодоров, кој е член на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, вели дека барањата од Бугарија се неприфатливи и дрски за Македонците и дека македонските политичари се тие што треба да најдат начин како да одговорат.

– Треба да има одреден одговор на тие барања што се неприфатливи, дрски, безобразни и навредливи за чувствата на етничките Македонци. Особено прашањата за јазикот и за етничкиот идентитет! Но политичарите треба да одлучат како и на кој начин ќе одговорат на таа „Рамковна позиција“ на бугарската влада – вели во интервјуто историчарот Тодоров.

И како што констатира Тодоров, предлогот за донесување декларација што ќе биде реакција на таа од бугарскиот парламент, а околу кој се обединија политичките лидери на последната средба кај претседателот Пендаровски, сѐ уште е само идеја.