Се стравува од повторување на бегалската криза

277

Им се заканува ли на Македонија и на регионот опасност од повторување на бегалската драма по должината на некогашната траса е прашањето што се наметна по зачестените информации дека во соседната Грција последниве месеци се бележи пораст на пристигнувањето мигранти и бегалци од Турција.

Грчкиот весник „Катимерини“ информира дека само во август нивниот број бил околу 10.000, што е најмногу за еден месец во изминативе три години. Весникот потсетува дека неодамна тамошните власти ги преместиле мигрантите и бегалците од островот Лезбос на копното за да ги растоварат прифатните центри и дека официјална Атина најавила оти ќе ги заостри граничните контроли и ќе ги забрза депортациите на одбиените баратели на азил. Паралелно со тоа медиумите пренесуваат и дека мигрантите што се затекнати во Грција во изјавите за полицијата биле упорни во тврдењата дека преку Балканот сакаат да стигнат до Германија или Франција.

За обележување е и вчерашната информација, која вели дека во Словенија се регистрирани 9.801 нелегален граничен премин во првите осум месеци од оваа година, а само во август имало 2.352, што е највисоко месечно ниво.

Според соопштението на Министерството за внатрешни работи на Словенија, бројот на регистрираните случаи на обидите за нелегално поминување на државните граници може да се спореди со она од времето на мигрантската криза 2015/2016 година.
Неодамна турската информативна агенција „Анадолија“ пренесе изјава на претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој најави дека Анкара може повторно да ја отвори маршрутата за мигрантите во Европа ако не добие соодветна меѓународна поддршка за план за преселување на бегалците во северна Сирија.

Во информацијата на „Анадолија“ се потсетува дека од 2016 година наваму Турција се справува со повеќе од три милиони сириски бегалци и на тој начин го спроведува договорот за спречување на влез на мигрантите во Грција и во Европа, што пред неколку години го постигна со Европската Унија.

Претседателот Ердоган, наведувајќи дека Унијата не ја доставува потребната помош од неколку милијарди евра, се закани дека „ќе ги отвори портите“ и ќе дозволи сириските бегалци што се во Турција да ја напуштат државата и да заминат кон западноевропските земји.
– Ќе бидеме принудени да ги отвориме портите. Ако сакате да дадете поддршка, тогаш дајте поддршка. Ако не сакате, извинете… го толериравме ова до одредена точка и ние сè уште го толерираме. Дали само ние ќе го носиме овој товар – изјави Ердоган за турските медиуми.
Во меѓувреме одредено раздвижување на состојбите на ова поле се регистрира и во Македонија.

Агрон Буџаку, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), неделава за медиумите изјави дека заедно со канцеларијата на ОБСЕ во земјава, но и со други институции, се работи на „голем резервен план“ во случај на поголем прилив на мигранти и бегалци кон Европа.

– Сега имаме научено една голема лекција, вестите се дека сѐ повеќе бегалци повторно ќе стигнат преку Турција и Грција, но ние овој пат сме поподготвени и имаме повеќе соработка со меѓународните институции и невладините организации што даваа голем придонес и се надевам дека ќе даваат и во иднина – изјави Буџаку.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, коментирајќи ги актуелните случувања, изрази уверување дека нашата земја будно ги следи случувањата на ова поле, а оние што раководат со државата се подготвени да се справат со предизвикот.

Тоа, според него, се должи на блиската соработка на земјата со меѓународните институции од оваа област, која се зголеми за време на бегалската криза и потоа.
Аналитичарот потсетува дека овој пат дополнително земјата има и практични искуства што можат навремено да се применат за да се превенираат немили и хуманитарни кризи што би можел да ги предизвика евентуалниот нов бран на бегалци.

За потсетување, во 2015 година, во екот на мигрантската криза во Европа, речиси милион бегалци и мигранти минаа преку северната граница на Грција, патувајќи низ Балканот кон побогатите европски земји. Маршрутата беше затворена во 2016 година, при што десетици илјади од нив останаа во Грција и беа принудени да наоѓаат алтернативни патишта кон Западна Европа. Според УНХЦР, околу 24.000 мигранти и бегалци се заглавени во логорите на грчките острови во „ужасни“ услови, како недостиг од доволно санитарни јазли и зголемено насилство.

[email protected]