Се стеснува кругот на лица со пристап до државни тајни

214
Фото: Игор Бансколиев

Увид во доверливи документи сега имаат голем број пратеници, полицајци, војници, дипломати… и во тој контекст ограничувањето на овој број, според експертите, е за поздравување

Со европско знаменце, предлог-законот за класифицирани информации вчера беше на второ читање во собраниската комисија за европски прашања, која ја усвои потребата за негово донесување по што тој треба да биде ставен на дневен ред на пленарна седница, а со негово конечно усвојување, како што објаснуваат експертите, треба да се постигне професионализирање на процесот за издавање безбедносни сертификати и да се овозможи побезбедна комуникација со сојузниците од НАТО.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека, судејќи по она што е публикувано во текстот на предлог-законот, тој во најголема мера ќе ги регулира релациите во однос на безбедносните информации и трасите на оваа комуникација меѓу Македонија и НАТО. Дополнително, како што подвлекува Стефаноски, ќе се изврши и своевидно филтрирање на тоа кој сѐ може да има пристап до доверливите документи и информации на нашата држава.

– Во земјава владее клима во која многу лесно и без некои особено комплицирани државни процедури, одреден солидно голем број од поединци лесно добиваат законска можност за увид во доверливите документи на нашата земја. Увид во доверливи документи имаат пратеници, полицајци, војници и дипломати и во тој контекст ограничувањето на овој број е за поздравување. Освен тоа, со самото ограничување на можноста за лесно вадење безбедносни сертификати, кои ја регулираат оваа материја, истовремено се намалува и потенцијалниот ризик од злоупотреби и протекувања на државни документации кон одредени центри на моќ, кои не ѝ мислат добро на нашата земја – вели Стефаноски.

Тој резимира дека ова што во моментот се случува во Македонија не е новост, туку е составен дел на одредена процедура на усогласување на законодавствата на државите што пристапуваат кон НАТО, а сличен пат претходно минаа Црна Гора, Албанија, Хрватска и Бугарија. Стефановски потсетува и дека измените се практично надградување на постоен закон од 2004 година.
Инаку, на вчерашната седницата пратениците на власта и на опозицијата усогласија амандман дека безбедносен сертификат со степен „државна тајна“ нема да добиваат лица со двојно државјанство. Пратениците од опозициското ВМРО-ДПМНЕ дополнително побараа за безбедносен сертификат со степен „строго доверливо“ лицето да не е државјанин на држава што не е членка на НАТО и на ЕУ, што не беше прифатено од страна на владиниот претставник.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, вчера изјави дека главен ограничувачки фактор за пристап до информации со класификација „државна тајна“ е дефинирањето на принципот „потребно е да знае“. Таа појасни дека во таа насока лицата што во иднина ќе поседуваат вакви сертификати треба да се селектираат по основа на тоа што работат и за што одлучуваат, а не по основа на државјанство.
– Погрешно е да се мисли дека со тоа што ќе воведеме построги услови ќе го намалиме бројот на иматели на пристап до класифицираните информации „строго доверливо“ и „државна тајна“. Обратно треба да биде. Не смее бројот на луѓе што имаат право на пристап до државна тајна да биде голем. Пристап до такви класифицирани документи треба да имаат мал број луѓе – рече Шекеринска.

Таа информира дека во моментот пристап до такви класифицирани документи за државна тајна во МО, без армијата, немаат повеќе од десетина лица, а во минатото, според неа, злоупотребата на класифицирани информации била инструмент на политичка, финансиска или лична пресметка.

На прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски дали ограничувањето за безбедносните сертификати со степен „строго доверливо“ за лица со второ државјанство на земји што не се членки на Алијансата, е барање на НАТО, министерката истакна дека ова е прашање што допрва треба да се реши затоа што искуствата во одделни земји се различни.

На седницата опозицијата стави забелешка на новото работно место со што во иднина Дирекцијата за класифицирани информации ќе има заменик-директор за институција со четириесетина вработени, но и најавија амандмани во делот во кој се дефинира кои лица може да имаат безбедносен сертификат.

aleksandа[email protected]