По неколкуте неуспешни обиди и блокади на патот кон ЕУ

Стратегијата на отстапки, освен што се покажува како погубно-загрозувачка за македонската автентична идентификација и при евентуалното членство во ЕУ,
очигледно се покажува како несоодветна и неуспешна за постигнување на поставената цел – почнување преговори и полноправно членство во Унијата. Соочувањето со реалноста на ваквата констатација, во услови кога и понатаму македонското општество во голема мера ја посакува и е определено за европската
иднина, се наметнува размислата за можноста за промена на концептот и стратегијата за остварување на целта – да се биде дел од ЕУ, секако, со задржување на македонските идентитетски атрибути

Познатиот резултат за македонските евроинтеграции од самитот на ЕУ, што започнува вчера во Луксембург, воопшто не го носи олеснувачкиот ефект на предвидлива извесност. Предвидливоста овој пат е втемелена на категоричните изјави на претставниците на бугарската (техничка) власт дека и понатаму нема да отстапат од ветото и условите што ѝ ги поставија на Македонија во Декларацијата на нивното собрание, во 2019 година.

И покрај низата понудени отстапки на македонските владини претставници со компромис, официјална Софија останува непопустлива во одлуката за вето. Она што уште повеќе вознемирува во оваа песимистичка предвидливост е евидентирањето на фактот дека и три години по „објавувањето“ дека на Македонија конечно ѝ се отворени портите на ЕУ со потпишување на Преспанскиот договор и дека е добиен датум за почеток на преговорите, се чини дека земјава влезе во нова маѓепсана спирала на вета и идентитетски уцени, кои се закануваат со својот капацитет за одржување на долг рок.

Од друга страна, (барем) ова тригодишно искуство на одложување на спроведувањето на ветувањата од страна на ЕУ, преку толерирање на непринципиелноста на нејзините земји-членки, треба да ѝ биде доволен предупредувачки сигнал на македонската страна дека и покрај сите отстапки и задоволување на барањата и уцените на земјите-членки, не може веќе да смета на „гаранции“ дека тие нема да се повторат од истите или од други субјекти на Унијата.

Стратегијата на отстапки, освен што се покажува како погубно-загрозувачка за македонската автентична идентификација и при евентуалното членство во ЕУ, очигледно се покажува како несоодветна и неуспешна за постигнување на поставената цел – почнување преговори и полноправно членство во Унијата. Соочувањето со реалноста на ваквата констатација, во услови кога и понатаму македонското општество во голема мера ја посакува и е определено за европската иднина, се наметнува размислата за можноста за промена на концептот и стратегијата за остварување на целта – да се биде дел од ЕУ, секако, со задржување на македонските идентитетски атрибути.

– Недвосмислено, потребен ни е подолгорочен концепт за нашата евроинтегративна стратегија. Досегашните концепти и активности како да се проектираа од еден до друг самит на ЕУ, потпирајќи се на увереноста дека навистина ќе ги започнеме преговорите со исполнување на официјалните и „неофицијалните“ критериуми. Прифаќањето на потребата за осмислување нов подолгорочен концепт на евроинтеграциите, во контекст на реалноста на нови причини за блокада, не значи дека би ја напуштиле веќе поставената траекторија за пристапување кон ЕУ. Но треба да направиме подобра процена на нашите приоритети во однос на евроинтеграциите. Со тоа мислам дека треба да се навратиме на основите на процесот на асоцијација и стабилизација и да видиме што ни се нуди со веќе постојните договори со ЕУ, како опција од административните (јавните) политики на ЕУ, при креирањето на нашите приоритети во евроинтеграциите. Од процесот за асоцијација и стабилизација, секако можеме да ги искористиме можностите за унапредување на бизнис-комуникацијата и поволностите за развој на економијата, како и можностите за имплементација на одредени административни права во ЕУ… Секако, паралелно да продолжи притисокот за отворање на процесот на преговорите, со тенденција билатералните прашања да се решаваат надвор од процесот на проширување. Премногу се насочивме и изгубивме време и енергија на решавање билатерални прашања – смета Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика – Скопје.

Универзитетскиот професор Љупчо Ристовски, и самиот активен преку политички субјект на македонската политичка сцена, смета дека неповолниот расплет на интеграциските ЕУ-процеси во ова фаза се потенцијална опасност за јакнење на внатрешните екстремизми во општеството, особено на линија со албанскиот политички латентен екстремизам. Во ваквиот евроинтеграциски вакуум, Ристовски смета дека Македонија ќе мора да се сврти самата кон себеси и да отвори нови процеси што ќе поттикнат нова творечка енергија кај нацијата за брзопотезно санирање на економските процеси, кои се во сериозно назадување.

Тој препорачува дека ваквата ситуација е можно да се пресретне со оставка на актуелната влада и формирање т.н. натпартиска татковинска влада за национален спас, со политичка поддршка од македонскиот блок-партии, со мандат една година до една и пол година да го подготви системот на доверлива основа за нови предвремени парламентарни избори. Според него, постои начин како да се откочат процесите и да се изнедрат внатрешните потенцијали на државата и нацијата, секако, со поддршка и на меѓународни пријатели, надвор од ЕУ, а се од западна просперитетна провениенција.

– Веќе подолго време предупредувам дека се сериозно погубни т.н. апизмент- политики на наведната глава и свиена кичма со силна доза комплекси на пониска вредност во однос на другите нации и држави, и дека истите тие „хранат крокодили, надевајќи се дека нас последни ќе нѐ изедат“ (Черчил). Сега се потврдува резултатот и во случајот со бугарскиот екстремизам на официјална Софија. Во оваа фаза веќе станува збор за фашизам и отворен националшовинизам со силна доза иредентизам по линија на санстефанска Бугарија. Оттука, единствено логичен заклучок, и според теоријата за решавање на конфликти и според потврдените емпириски практики во политичките науки на светско ниво, е Македонија еднострано и резолутно да се повлече од спогодбата и разговорите со Бугарија, да ја повика Европската Унија да го преиспита и промени моделот на консензуален процес на пристапување кон преговори и членство. Јас би одел и чекор понатаму, би советувал државата да се повлече еднострано и резолутно од примената и на Преспанскиот договор со Грција за внатрешна употреба веднаш, а поради неисполнување на базичните обврски на другата страна, во случајов Грција, и нератификување на протоколите со кои Преспанската спогодба ќе се стави во функција и за Грција во нивна внатрешна употреба. На тој начин ќе им пратиме силен сигнал на ЕУ и на меѓународниот фактор.

Ценам дека ваков радикален пресврт ќе ја намали внатрешната тензија во општеството, ќе придонесе за релативизација на надворешниот притисок врз македонските идентитетски одредници и ќе придонесе кон национално помирување и внатремакедонско национално единство. Но и ќе го поврати авторитетот на Македонија на меѓународен план, а ќе ги врати и националната гордост и достоинство кај македонскиот народ, кој е базичниот политички суверен на овие македонски простори, секако во партнерство и со албанската етничка заедница и преостанатите малцински етнички групи – вели професорот Љупчо Ристовски.