Се претера со законот за двојазичност

744
Фото: Игор Бансколиев

Венецијанска комисија, по стручното разгледување на текстот на Законот за употреба на јазиците, како и теренското согледување на неговата примена, излезе со серија забелешки во однос на законот. Во една од нив се наведува и дека многу одредби од законот ги надминуваат европските стандарди, особено дефинирани во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици

Две години по започнување на процесот за имплементација на Законот за употреба на јазиците (т.е. откако влезе во собраниска процедура со европско знаменце), Венецијанската комисија прелиминарно оцени дека „во одредени области законот оди премногу далеку, наметнувајќи нереални правни обврски на јавните институции“. Оваа оцена е дел од нацрт-верзијата на извештајот на Европската комисија за демократија преку правото – Венецијанска комисија, по стручното разгледување на текстот на законот, како и теренско согледување, во текот на изминатиот месец, кога членовите на комисијата беа во Македонија. Главната насока на забелешките на комисијата во однос на Законот за употреба на јазиците се однесува на неговите одредби во судската практика.

– Според мислењето на Венецијанската комисија, во одредени области законот оди премногу далеку наметнувајќи нереални правни обврски на јавните институции. Ова е особено случајот со одредбите со кои се предвидува употреба на албанскиот јазик во судските постапки, кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка да биде целосно спроведена. Високо огромни и скапи обврски што законот ги наметнува особено на судските органи се придружени со тешки парични санкции во случај на непочитување (член 23). Покрај тоа, неуспехот да се обезбеди превод и толкување што се бара со закон во текот на постапката претставува основа за враќање на судската одлука (членот 9 (5)). Под сегашните околности, доколку се применува целосно законот, тој значително ќе го забави функционирањето на целиот судски систем, со што ќе се доведе во опасност сериозно нарушување на правото на фер судење загарантирано со Европската конвенција за човекови права – е запишано како еден од заклучоците во извештајот, во насока на несоодветно големите привилегии што му ги овозможува овој закон на албанскиот јазик.

Овој заклучок понатаму е поткрепен со согледувањето во извештајот дека „законот содржи неколку неизвесности во однос на неговото значење и обемот. Не е секогаш јасно кои одредби од законот се применуваат само на албанскиот јазик, кои се применуваат и на други јазици што не се мнозинство (турски, српски, босански, влашки, ромски, итн.) и кои правни лица се опфатени со законот. Оваа текстуална двосмисленост ќе го олесни спроведувањето на законот“.
Покрај сево ова, Венецијанската комисија препорачува властите да се потрудат да најдат начин за спроведување на Законот за јазици од 2008 и да го проценат влијанието врз буџетот и човечките ресурси со доследно спроведување на новиот закон за употреба на јазиците.

Иако за овој извештај треба официјално да се расправа на пленарна седница на Венецијанската комисија на 11 октомври, во македонската јавност веќе е објавена неговата нацрт-верзијата и за него се изјаснија политички и правни субјекти, кои учествуваа во процесот на усвојување на Законот за употреба на јазиците. Од Министерството за правда, кое беше и предлагач на законот, велат дека ќе почнат со измените веднаш штом ќе го добијат официјалното мислење на Венецијанската комисија.
– Мислењето на експертите на Венецијанската комисија е класифицирано до неговото усвојување од комисијата, кога станува официјално. До неговото официјализирање нема да коментираме, а штом ќе биде усвоено ќе го почнеме процесот на имплементирање на препораките содржани во него – велат од Министерството за правда.
Од страна на албанската партија ДУИ, која всушност беше носител на проектот, неофицијално именуван како закон за двојазичност, велат дека ќе ја почитуваат одлуката на комисијата, но и понатаму имплицитно потсетуваат дека тој закон е „цената на мирот и добрите меѓуетнички односи“.

– Во оваа нацрт-верзија, комисијата ги поздравува унапредените јазични права, но и изразува загриженост само во делот на цената на чинење на неговата имплементација. Цената на мирот, на еднаквоста и меѓуетничките односи е неспроведлива со симболичната цена на имплементација на еден закон со кој всушност се заокружува Охридскиот договор. Комисијата го поздравува и дава позитивно мислење за употреба на албанскиот јазик кај партиите и униформите – вели пратеникот на ДУИ, Артан Груби, кој смета дека законот е сосема применлив во практика.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека нацрт-извештајот на Венецијанската комисија е „правна шлаканица за целата влада“, треба да биде прифатена од премиерот и да го исполни своето ветување дека забелешките на Венецијанската комисија ќе бидат преточени во амандмани.
– Бараме веднаш да се повлече и Законот за инспекторат за употреба на јазиците, кој е во собраниска процедура. Ние сметаме дека законот од 2008 година е применлив, и може треба да се приспособи уште малку. Но на тој закон немало вакви ригидни забелешки и правни недостатоци, кои беа посочени од Венецијанската комисија за овој закон за кој предупредувавме дека е неефикасен и е повеќе политички, а не подобрува јазични стандарди или права – вели пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Законот за јазици беше донесен во тешка и долга процедура во парламентот во јануари 2018 година со противење на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Поранешниот претседател Ѓорге Иванов токму за овој закон употреби т.н. „џебно вето“ и речиси една година не го потпишуваше указот за негово објавување во „Службен весник“. Поради тоа законот во службеното гласило беше објавен само со потпис на собранискиот спикер Талат Џафери. Под притисок на јавноста беше испратен на мислење во Венецијанската комисија.


Кои се забелешките и насоките на Венецијанската комисија

Во рамките на својот извештај, Венецијанска комисија дава и сосема конкретни насоки за ревидирање на Законот за употреба на јазиците.
– Да се откажат од одредбите на законот во врска со двојазичноста во судските постапки и да се преземат неопходните мерки за да се обезбеди ефикасно спроведување на јазичните барања на Законот за јазици за 2008 година во судските постапки.
– Или да се ревидира членот 3 од законот – предвидување употреба на албански јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација, на пример со ограничување на обемот на писмената службена комуникација или одложување на неговото влегување во сила сè додека правилното спроведување на оваа одредба не стане реална.
– Да се разгледа и ревидира законот, за да се обезбеди доволно правна јасност во смисла на коментарите дадени во сегашното мислење и да се разгледа на кое лице му е дозволено да користи немнозински јазици наместо да се однесува во законот само на лицата што припаѓаат заедници.
– Да размислат за отстранување на упатувањето кон државјанството во законот со цел да се овозможи секое лице да ги ужива јазичните права признаени со закон.
– Да се одложи извршувањето на паричните санкции сѐ додека не се измени законот за да се обезбеди правна сигурност и да се измени и дополнува членот 22, со цел да се намалат износите на казните, да се прошири разликата помеѓу минималните и максималните износи, да се воведе елементот на грешка и принцип на пропорционалност во него.


Експертите ги поздравуваат препораките

Професорката од Институтот за македонски јазик, Александра Ѓуркова, која беше една од првите што заедно со професорската Симона Грујовска-Маџовска, реагираше на Законот за употреба на јазиците, уште кога беше во нацрт-верзија, ги поздравува препораките на Венецијанската комисија. Во отвореното писмо со забелешки што го испратија во 2017 година до Министерството за правда, укажаа дека со тој закон всушност македонскиот јазик ќе биде ставен во дискриминирана позиција.
– Би било соодветно да се почитуваат препораките на Венецијанската комисија. Со овој Закон за употреба на јазиците, односно со воведувањето на инспекторат и казнена регулатива за негово (не)спроведување, се дадоа несоодветно големи привилегии на албанскиот јазик. Наспроти тоа, за неспроведување на Законот за употреба на македонскиот јазик, не се предвидени никакви санкции, а дури и нема доволно екипирана инспекциска служба. Но тоа е само еден од недостатоците на тој закон, кој сега стручно-правно ги наведува и Венецијанската комисија. Сметам дека треба да се применат препораките на Венецијанската комисија во однос на Законот за употреба на јазиците – вели професорката Александра Ѓуркова.