Се помири, се покори, прифати, се навикна на нешто…

199
Фото: Дарко Андоновски

Како синоними на зборот „помирување“ во македонскиот стандарден јазик се прифатени и зборовите: прифати, покори, потклекне, свикне на нешто… Дали токму синонимите на помирувањето се поблиски до отсликувањето на битието на политичкото помирување? Или, пак, напротив, помирувањето и смирувањето на страстите треба да донесат политичко, национално помирување заради конструктивен дијалог, кој е основа за извлекување политички став како позитивна резултанта од различни политички мислења и ставови што, сепак, на нашиот народ и држава им нудат одржливост и просперитет? Токму иницијативите за политичко помирување предизвикаа контрадикторни реакции во јавноста

Процесот за т.н. политичко помирување во Собранието на Р Македонија доби конкретни контури на вчерашната координација кај спикерот Талат Џафери. Формирано е интерпартиско парламентарно тело за помирување и интеграција, по барање на новата пратеничка група, независна од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Определен е форматот на телото, а во него ќе учествуваат координаторите на пратеничките групи, потпретседатели на Собранието, пратеници без пратеничка група. Колкава бројка на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе учествуваат во телото ќе се одреди на наредниот состанок. Со ова тело ќе претседаваат Фросина Ташевска-Ременски од СДСМ и Емилија Александрова од новата пратеничка група, независна од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, иако првично беше предложено со него да раководи претседателот на Собранието, Талат Џафери.

– Подобро е да не раководам јас, зашто може да има мешање на надлежности. Не е соодветно јас да го водам – предложи спикерот Џафери.
Формирањето на телото за помирување беше еден од условите на осумте опозициски пратеници да гласаат за отворање на Уставот, а кои за таа точка од своите барања се повикаа на предлогот за помирување на премиерот Зоран Заев, кој го искажа на собраниската говорница. Нивните очекувања се дека сите пратенички групи ќе се вклучат во работата на оваа интерпартиска комисија, која првенствено ќе се фокусира на настаните од 27 април, а не ја исклучуваат можноста да се продолжи мандатот и истото работно тело да функционира и во иднина за други политички прашања.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред координацијата во Собранието го повторија ставот дека нема да учествуваат во работата на ова тело, а како причина сега го наведоа изборот на спикерот Џафери да раководи со него. Од партијата, сепак, оставија можност дека ќе ги почитуваат одлуките на телото ако се во насока на неселективно помирување. По повлекувањето на Џафери од улогата што му беше предложена, да раководи со собраниското тело за помирување, останува прашањето за можноста пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во работата на телото за помирување, но бидејќи не присуствуваа на координацијата, не е познат нивниот понатамошен став за нивното учество. Ставот на партијата е дека, сепак, не отстапуваат од нивното барање на закон за целосна амнестија на обвинетите од 27 април, кој го доставија до Собранието.

Покрај неучеството на ВМРО-ДПМНЕ, координацијата кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, на која се договараше формирањето на собраниското тело за помирување и интеграција, уште на почетокот ја напушти пратеникот Сурија Рашиди од Алијансата за Албанците.

– Не е јасно кој со кого треба да се помири. Се добива впечаток дека се работи за дневнополитичка потреба или отворање мала врата за амнестијата. Ние сега сме во постапка на усогласување на уставните измени и таму ја гледаме вистинската смисла на координативното тело за помирување околу стратегиските цели на државата – рече Рашиди по напуштањето на координацијата.

Овој процес на т.н. политичко помирување, за кој постојат две иницијативи во Собранието (од новата независна пратеничка група и законот за амнестија на ВМРО-ДПМНЕ), предизвика контрадикторни реакции во јавноста, пред сѐ во поглед на потребата за селективност во неговото спроведување. Едни сметаат дека не може да се зборува за помирување за случувањата на 27 април сѐ додека не заврши судската постапка, а изјавата на премиерот Заев за помирување, дадена од собраниската говорница, ја толкуваат како амнестија. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека помирувањето, односно амнестијата не смее да биде селективна и да се однесува само на оние опозициски пратеници што неколку часа пред гласањето на 19 октомври беа ослободени од притвор, а обвинети за учество во настаните на 27 април минатата година. Затоа, нивниот предлог за амнестија се однесува на сите обвинети учесници во тој настан.

За да се дојде со вистинско општествено помирување, професорот на Правниот факултет при УКИМ, Денко Малески, смета дека во политичките сфери што би се прелеало и во функционирањето на општеството прво треба да се научи да се води дијалог.

– Во ниедна политичка ситуација досега не сме го постигнале она ниво на дијалог во кое едната страна ќе се обиде да ја разбере туѓата позиција (притоа се претпоставува дека секој ја знае сопствената позиција). Дијалог треба да се води за најсуштествените општествени интереси и да можеме да се помируваме врз основа на нешто што е заедничко, а тоа се демократските принципи. Во демократијата никој од никого не бара да се откаже од својата идеологија, и помирувањето може да се постигне со почитување на демократските правила на функционирање, имајќи го предвид општествениот интерес и да не се оди дотаму да се уништи државата. Во спротивно ќе ја имаме истата ситуација како порано: политичките елити ќе се борат за власт, ќе крадат и ќе лажат, па потоа ќе си простуваат едни на други – вели професорот Денко Малевски.

Професорката Најчевска, пак, вели дека за помирување во моментов нема основа, ниту, пак, може да придонесе за воспоставување и владеење на правото.

– Самиот акт на помирување, според мене, во моментов нема ниту основа, ниту пак може да доведе до релаксација на односите во Македонија, или воспоставување на владеење на правото што во моментов ни е насушно потребно – смета професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.
Професорката Гордана Силјановска-Давкова има сличен став и вели дека тоа е несоодветно ако притоа не се почитуваат Уставот и законите.

– Ако под помирување се подразбира простување е несоодветно ако притоа се прекршуваат законите, Уставот и се користи селективно за дневнополитички цели – истакнува таа.