Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уште од осамостојувањето на државата судството беше и остана рак-рана на ова општество, корупцијата и натаму е длабоко вкоренета во сите сфери на државата, енергетиката се користи како алатка за сомнително работење со продажба на струја и разни набавки, животната средина речиси воопшто и не се третира, образованието тоне од година на година, на мноштво полиња се импровизира со ад хок решенија… Останува нејасно зошто досега државата не направи нешто посериозно „за да ја донесе Европа во Македонија“, односно системски и систематски да се реструктурира спроведувајќи длабоки општествени реформи без притоа да се навлегува во карактерот на државата. Спротивно на тоа, со децении се полнеа институциите со некомпетентен партиски кадар што се користеше само како гласачка машина. Сега бумерангот на политичките импровизации се врати

Како беа протолкувани во јавноста најновите најави за политички реформи

Судството, корупцијата, справувањето со ковид-19, образованието, енергетиката, животната средина, како и легализацијата на марихуаната се во фокусот на амбициозниот владин план за идната година, наречен „Акција 21 – за европски стандарди дома“, што доаѓа во време кога земјава повторно е блокирана на патот кон Европската Унија и кога не е извесно кога ќе ги започне преговорите за членство поради блокадата од страна на Бугарија.

Има ли потенцијал кај институциите да се изнесат реформите?

Токму „носењето на европски стандарди дома“ е сентенцијата што македонските граѓани ја слушаат речиси триесеттина години, а во практика „европеизацијата“ на Македонија реално никогаш и не започнала најмногу поради девастираните државни институции што требаше да ги спроведат реформите.
Уште од осамостојувањето на државата судството беше и остана рак-рана на ова општество, корупцијата и натаму е длабоко вкоренета во сите сфери, енергетиката продолжува да се користи за сомнително работење преку продажба на струја и разни набавки, животната средина речиси воопшто и не се третира, образованието тоне од година на година, така што останува нејасно зошто досега државата не направи нешто посериозно за да ја донесе Европа во Македонија, туку со години ги полнеше институциите со некомпетентен партиски кадар од султан-партиите што се користеше само како гласачка машина.
Од тие причини веќе жолчно во јавноста се дискутира прашањето дали државата го исцрпи потенцијалот за да ги спроведе реформите што ги најавува, ако се земат предвид забелешките на Европската комисија токму за слабите капацитети на партизираните институции и на администрацијата.

Наместо согласност за длабоки реформи и воспоставување вредносен систем, власта и опозицијата се опструираат кочејќи ја државата

Власта и опозицијата се со спротивставени ставови за споменатите планови. За едните ова е добра можност државата да тргне напред, за другите само празни ветувања. Иако и едните и другите се длабоко уверени дека реформи мора да има, но совпаѓање на обостраната волја – нема.
– Нема да дозволиме неуспехот на ЕУ со неодобрувањето на преговарачката рамка да предизвика застој во внатрешните реформи. Напротив, со уште повеќе верба, посветеност и единство ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома – истакна премиерот Зоран Заев, промовирајќи го владиниот план наречен „Акција 21 – за европски стандарди дома“.
За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, планот на Заев личи на претходниот 3-6-9, притоа истакнувајќи дека на земјава не ѝ се потребни теории, туку реализација на проекти и реформи.
– Ова ме потсетува многу на оној план 3-6-9, кој се прошири на 18 и кој никој во државава не знае до каде е – нагласи Мицкоски.

Конците на реформската мрежа треба да се поврзат

Некои од аналитичарите во земјава ги ставаат под лупа институционалните капацитети за спроведување на реформите, но и политичката волја што мора да е заеднички именител за тие ефикасно да се реализираат.
– Мислам дека капацитет за реформи во земјава моментално нема. Евентуално во правосудството со мерките што се најавени би можело да се направат некакви реформи. Работата е во тоа што сè уште не гледаме дека ресурсите на институциите се задоволени. Ниту има доволно обвинители, ниту има доволно компјутери, ниту Државната комисија за спречување корупција има простории, ниту им се обезбедени пари за нови истражувачи во рамките на комисијата, ниту, пак, Владата ги слуша кога им кажуваат дека има конфликт на интереси – вели Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.
Според него, постојните закони во земјава во голем дел се добри, но дека клучни се човечкиот кадар и политичката волја за нивна примена.

Интегритетот на институциите треба да биде главна цел на реформите

– Законите во голем дел се усогласени со европските и не треба сега секоја нова гарнитура да прави нови реформи и нови закони. Тоа беше наведено уште како генерален заклучок во извештајот на Прибе, дека законската рамка е солидна и дека политичката волја и интегритетот на институциите треба да бидат главната цел на реформите. Под интегритет се подразбира непартизација на институциите и вработување според МЕРИТ-системот – истакнува Трошановски.
Тој додава дека сè додека се држат институциите без луѓе и средства, не може да се очекува реформски напредок.
Сличен став има и Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика, која вели дека во домашниот политички вокабулар малку ги гледа институциите.
– Доколку не се вратиме на градење на институциите, институции што ќе бидат независни и на кои постепено ќе им се гради капацитетот бидејќи сега навистина немаат капацитет, нема напредок. Но она што е основно е тие да бидат заштитени, односно врз нив да нема политички влијанија. Ние зборуваме за независно судство, но потребна е една администрација што ги врши работите врз основа на закон, без политичко мешање. Без тоа немаме некаква перспектива – појаснува Малинка Ристевска-Јорданова.