Се вжешти расправата за Изборниот законик

170

Пратениците од владејачките партии и од опозицијата во собраниската комисија за европски прашања вчера во тензична атмосфера изнесоа различни ставови за тоа дали амандманската расправа за Изборниот законик почнала или не.
Претседателот на комисијата Артан Груби рече дека со повлекување на првиот амандман од технички причини, од страна на Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ, расправата е почната. Данев го негираше тоа и побара проверка на стенограмите. Висок тон имаше и меѓу пратениците Петар Атанасов од СДСМ и Невена Стаменкова од ВМРО-ДПМНЕ.
Атанасов рече дека единствената мисија на ВМРО-ДПМНЕ и на лидерот Христијан Мицкоски е амнестија на криминалот на нивната партија и судбината на Никола Груевски.

– СДСМ како одговорна и државотворна партија има обврска да ја обезбеди иднината на Македонија. Никој не смее и нема да им го ускрати правото на референдум на граѓаните слободно да одлучуваат за својата иднина. Им се допаѓало тоа или не на ВМРО-ДПМНЕ. Македонија нема да остане заложник на нивниот криминал. Граѓаните ќе го кажат последниот збор на референдум. Ќе кажат „да“ за европската иднина и за влез во ЕУ и НАТО. ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека договорот ја носи Македонија напред, но нив ги интересираат само личен интерес и амнестија и затоа се трудат да ја лажат јавноста – рече Атанасов.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Стаменковска одговори дека на СДСМ му се брза да се избере ДИК, а на Атанасов да стане заменик-министер за образование.
– Но жално е вие да бидете човекот што ќе носи образовани програми за идните генерации во Македонија… Ние сме тие што се обидуваат да ја зачуваат унитарноста на РМ. Нашето име да остане Република Македонија. Нѐ нарекувате предавници, но предавници се оние што се обидуваат да го сменат името на Македонија – кажа Стаменковска и побара законот да се води од, според нив, надлежната комисија.
Расправата требаше да продолжи во попладневните часови. П.Р.