Се бришат починати лица од избирачкиот список

75
Фото: Дарко Андоновски

Педесет и девет лица од општините Кисела Вода, Студеничани, Сопиште и Зелениково ќе бидат избришани од избирачкиот список. Според информациите од подрачната канцеларија на Државната изборна комисија (ДИК) во Кисела Вода, станува збор за починати лица за кои не биле навреме доставени изводи од умрените.
Според прегледот од јавниот увид на избирачкиот список на ДИК од 9 до 12 август, решенија за бришење на починатите во четирите општини се донесени за 47 лица, додека вчера таму се доставени уште изводи за умрени лица. Освен во овие четири општини, барања за бришење седум лица од избирачкиот список до 12 август има и во канцеларијата на ДИК во Демир Капија.

ДИК има подрачни канцеларии во 18 поголеми општини во земјата, кои ја покриваат целата територија на Македонија. Во подрачната канцеларија на ДИК во Кисела Вода секојдневно доаѓаат граѓани за да ги проверат своите податоци во избирачкиот список. За три дена податоците ги провериле 42 лица, но по едно барање за упис и за промена на податоци имаше и пред почетокот на јавниот увидот за референдумот.
Освен по основа на смрт, бришење од избирачкиот список може да има и по основа на државјанство. Но во првите три дена од увидот во избирачкиот список, барање за бришење од избирачкиот список по основа на државјанство немало во ниту една канцеларија на ДИК. Лани, велат од подрачната во Кисела Вода, кај нив имало само едно такво барање.

Оттаму велат дека, освен по службена должност, граѓаните можат да појдат сами во подрачните канцеларии на комисијата и со уверение од матичната книга за умрени да побараат бришење на починато лица во избирачкиот список. По основа на државјанство, граѓаните може да го побараат тоа со потврда од Министерството за внатрешни работи. Тие појаснуваат и дека доколку граѓани сакаат да променат податоци во избирачкиот список, може да го направат тоа со нова лична карта или нова патна исправа.

Во прегледот на ДИК за јавниот увид за референдумот е предвидена и графа за лица што се провериле во избирачкиот список, а се со поништено живеалиште. До 12 август имало само три вакви лица, и тоа во Штип. Подрачните канцеларии на ДИК редовно од МВР добиваат информации за тоа колку лица има со поништено живеалиште во општините што ги покриваат. Во четирите општини што ги покрива подрачната канцеларија на ДИК во Кисела Вода во изминатиот период, според податоците на МВР има 650 лица со поништено живеалиште, но досега ниту едно од нив не се обратило во канцеларијата. Увидот во избирачкиот список трае до 23 август на полноќ. Проверката од 9 до 19 часот секој ден може да се направи во подрачните канцеларии на ДИК, а во текот на 24 часа електронски на веб-страницата на ДИК www.sec.mk. За референдумот за името ДИК треба да го заклучи избирачкиот список на 7 септември.
Паралелно со јавниот увид тече и пријавувањето на иселениците за изјаснување на референдумот, кое исто така завршува на 23 август. П.Р.