Сенаторот Рон Џонсон во посета на Македонија

184

Американскиот сенатор Рон Џонсон, кој е коспонзор на резолуцијата на Сенатот за поддршка на Договорот од Преспа, денеска пристигнува во посета на Македонија на средби со државниот врв.

Тој во земјава доаѓа во период на интензивни дипломатски активности пред претстојниот референдум, на 30 септември. Германската канцеларка Ангела Меркел денеска престојува во Скопје и изнесе јасна порака до македонските граѓани – на 30 септемри да не седат дома, туку да излезат и да се изјаснат за иднината на нивната земја.

Во пресрет на референдумот во посета на Македонија беа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, министерот за надворешни работи на Луксембур Жан Аселборн, австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Џонсон, кој е претседавач на сенатската Комисија за државна безбедност, освен Македонија, ќе ги посети и Грција, Србија и Косово.

Сенаторот Џонсон е еден од високо рангираните соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, задолжен за специјални мисии. Воедно, тој е и претседавач со Поткомитетот за европска и регионална безбедносна соработка.

Резолуцијата, чиј коспознор е Џонсон, дава јасна поддршка за Договорот од Преспа, со кој како што се наведува, се отвора патот за интегрирање на земјата во Европската унија и НАТО и се нагласува дека со него се афирмира стабилноста на регионот на ЈИЕ, што е важен национален интерес на САД.

Со резолуцијата се осудуваат напорите на руската Влада да го поткопа Договорот од Преспа и се поддржува помошта на САД до властите во Скопје и Атина да се справат со малигното руско влијание.

Со документот се бара од Македонија да продолжи со имплементирање на важните реформи на патот на зачленувањето во НАТО и ЕУ, со акцент на слободата на изразувањето, зајакнувањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Исто така се охрабруваат релеватните американски институции да ги поддржат американските компании, што се заинтересирани да инвестираат во ЈИЕ.

Републиканскиот сенатор од Висконсин, последен пат престојуваше во регионот во февруари, кога ги посети Белград и Приштина.

Џонсон во своите јавни настапи се залага за поголем ангажман на Вашингтон на Балканот и за интеграција на земјите од регонот во ЕУ и НАТО.