Села не прифаќа помирување

114

Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, вчера изјави дека за нив не е прифатливо да се формира комисија за помирување и оти поединците што ги направиле злоделата на 27 април во Собранието треба да преземат одговорност. Села кажа и дека сега, кога се отвораат евроинтегративните процеси, треба да се направи договор за помилување на сите етнички заедници, без конкретно објаснување што, всушност, значи тоа.

– Помирување за што? Што би помирувале? Бидете јасни, бидејќи и Заев не е јасен. Никој што предлага вакви предлози не е јасен – рече Села, кој продолжи да зборува за помилување наместо за помирување.

Според него, помилување се прави преку правниот систем, преку судовите.

– Ако се работи за општ национален консензус, сега кога се отвора страната на евроинтеграции и зачленување на земјата во НАТО, нашиот одговор е дека тоа треба да помине преку договор и помилување помеѓу сите етнички заедници што живеат тука, во Република Македонија. Ако се работи за отворање на темата договор меѓу Албанците и Македонците за еднаш засекогаш да ги затвориме отворените прашања, по принцип на тоа што значи вистинска консензуална демократија, тогаш би било некое помилување. Ако е за помилување на поединци што треба да одговараат за злоделата во оваа сала каде што зборуваме, мислам дека Алијансата на Албанците нема да учествува во такво нешто – рече Села.