Фото: Маја Јаневска-Илиева

Интервју со Јан Оберг, директор на Транснационалната фондација за мировни истражувања (ТФФ)

Ние од малите земји (и јас доаѓам од мала земја) мора да бидеме многу внимателни околу прифаќањето на начинот на однесување на големите насилници што го прекршуваат меѓународното право, зашто ние ги немаме нивните средства. Ако имаме некаква заштита како мали земји, тоа е затоа што постои меѓународното право! Тоа ни кажува дека ние сме во право, а големите сили постапуваат погрешно. Ние, малите држави, ги бараме заштитата и безбедноста преку меѓународното право, додека големите велат – не ни е грижа за законот

Колку повеќе е некој самоуверен и непоколеблив во својата визија и во својата цел, толку поголема е опасноста да западне во состојба на тунел-визија, не гледајќи ги другите можности околу себе. На таквата опасност за Македонија, предупредува професорот Јан Оберг, директор на Транснационалната фондација за мировни истражувања (ТФФ) од Шведска, познавач на состојбите во регионот сега наречен Западен Балкан, уште од времето кога државите во него беа во една држава – Југославија. Од своите студентски денови, 70-тите години на минатиот век, професорот Оберг, роден во Данска, живее во Шведска, професионално посветен на решавање конфликтни ситуации со мировни стратегии, бил активно запознаен (па и вклучен) во интелектуалните и политички процеси во Југославија…

Во едно ваше претходно интервју велите „ако ги преживееме наредните десетина години, имаше шанси да дочекаме нов и многу возбудлив свет…“ Дали има надежи тоа да биде и мирен свет, иако актуелните настани во светот не навестуваат такво нешто во толку блиска иднина?
– Советскиот Сојуз и Варшавскиот пакт исчезнаа во 1989 година. Тоа беше источниот дел од западната цивилизација. Тој дел пропадна и исчезна како цивилизација. Сега е редот на западниот дел од западната цивилизација – имено САД и НАТО. Овие две организации нема да преживеат. Не велам дека САД како држава, туку како империја. Судбината на сите империи е да пропаѓаат, како Британската Империја, Римската Империја, Отоманската Империја… Која и да е империја, почнува од некаде во историјата, има подем, доаѓа до својот врв, доминира со светот и почнува да пропаѓа. Многу јасен индикатор кога империите почнуваат да пропаѓаат е кога премногу се прошируваат и стануваат претешки за управување, кога своето влијание го шират во премногу земји. Во овој момент, САД имаат повеќе од 800 воени бази низ светот. И им станува сѐ потешко да управуваат со толку дисперзирано влијание. Порано или подоцна, ќе се појават и економските тешкотии, зашто се трошат премногу пари за вооружување и воени работи. Она што сега го гледаме по катастрофите во Авганистан, а и претходно во Ирак, Сирија, Либија (катастрофи за западниот поглед на свет, неуспех во наметнување на неговите критериуми: промена на режими, човекови права, права на жените) е очигледно фијаско, но фијаско што можеше да се предвиди. И она што го гледаме сега е дека западните империи се движат по надолна линија. Кога ќе се случи тоа, кога империите, односно империјализмот ќе падне – светот ќе биде многу подобро место. Сѐ додека САД инсистираат да доминираат со светот – нема надеж. Сериозно го велам тоа. Нема шанси за мир сѐ додека доминира империја што се одржува единствено со воена моќ. Економијата назадува, легитимноста на нивното дејствување во очите на другите народи станува спорна, САД назадуваат! Ние живееме во свет, на кој мнозинството од луѓето од преостанатиот дел од светот му се смеат. Ние во Европа можеби сакаме, но остатокот од светот не сака да биде доминиран, владеен од Вашингтон. А Вашингтон покажа дека веќе не е способен да биде добар светски лидер. Можеби во 50-тите и 60-тите години на минатиот век (во времето на Кенеди) имаше лидерски потенцијал, но веќе нема. Ако оваа империја си замине мирно, како што го направи тоа Советскиот Сојуз со Горбачов, тогаш за 5-6-10 години од сега можеби ќе дојдат подобри времиња. Но се плашам дека САД сега се подготвуваат за нова војна (можеби во Иран, со употреба дури и на тактичко нуклеарно оружје), што навестува сериозна глобална криза во наредните десетина години. Но ако ги преживееме наредните десетина години како човештво, ќе добиеме еден мултиполарен свет, свет на соработка, кој ќе се посвети на големите проблеми на човештвото, како климатските промени, сиромаштијата, проблемот со загадувањето на водите, милитаризмот, воените прашања… Сето тоа се проблеми што можеме заеднички да ги решиме. Зашто сите, освен Американците сакаат соработка. Американците сакаат конфронтација. Но не можат да продолжат да се однесуваат така, ако сакаме сериозно да ги решаваме светските проблеми. Ако прифатиме дека проблемите се решаваат со соработка, а не со конфронтации, во наредниве 10-20 години, можеме да создадеме подобар свет.

Дали се наѕира вистинското време за исчезнување на либерално-империјалистичкиот концепт?
– Да, секако. Но би сакал да додадам во тој контекст за Кина, која е во подем (како и некои други азиски земји – Индија…), но нема амбиција да биде империја. Таа нема амбиција територијално да се проширува, ниту да го наметнува своето политичко влијание – не сака да менува режими, не сака да „продава“ религиозни уверувања (конфучијанство, будизам, таоизам), не сака да му го „продава“ својот еднопартиски систем никому… Кинезите не сакаат сите да станат Кинези, зашто сакаат тие да си бидат посебни, единствено тие да бидат Кинези. Не можете да слушнете Кинезите да кажат, ако влеземе економски во Саудиска Арабија (на пример), таму мора да има еднопартиски систем или да станат будисти. Ние, од западниот свет секогаш сме им кажувале на другите дека треба да бидат христијани, да ги прифатат нашите стандарди за демократија… Западот секогаш имал мисија да му ги пренесе своите вредности некому друг. Последен пример е Авганистан… Но сето тоа доаѓа од христијанството, односно од желбата за ширење на христијанството. Кинезите не прават ништо од тоа, дури не се ни заинтересирани за такво нешто… Во нивниот начин на размислување не постои потребата да ги натераат другите да се однесуваат како Кинези. Тие сакаат да си бидат свои и единствени на светот. Тие имаат сосема поинаков пристап: сакаат да соработуваат со различните од нив, но да направат нешто што ќе биде корисно за сите. Тие не доаѓаат ниту со Библија, ниту со меч. Тие не бараат борба. Во историјата немало Кинези што се бореле надвор од Кина. Кина има само една воена база надвор од својата територија (во Џибути, но таму сите имаат бази), а САД имаат 800 низ целиот свет. Во околу 130 земји од светот, САД имаат воени инсталации што можат да ги користат. Но Кинезите не поставуваат услов дека треба да се смени Владата во некоја земја, за тие да соработуваат и да инвестираат таму. Тие посакуваат свет во кој се посебни и уникатни, и во кој можат да соработуваат. На Кина ѝ е потребна соработка со четири милијарди луѓе на светот, тие сакаат трговија и инвестиции со сите во светот. Затоа и ја создадоа иницијативата „Појас и пат“, тоа е новиот „Пат на свилата“. Таа иницијатива вклучува 140 земји. Оние земји што ја игнорираат оваа иницијатива можат само да го пропуштат возот за добра соработка. Зашто она што се случува во иницијативата „Појас и пат“ во основа е добра работа и може многу да помогне во унапредување на инфраструктурата на земјите, да се изградат патишта, пристаништа, се нудат стипендии за младите, културна соработка… И, секако, брз транспорт на луѓе и материјални добра.

Од вашата биографија може да се заклучи дека целата своја работа сте ја посветиле на изнаоѓање мирни решенија за конфликтни ситуации. Од сето ваше искуство, колку е успешна стратегијата на мирот, во свет што очекува брзо, ако треба и насилно, спроведување на проектираните интереси и цели?
– Не би рекол дека една стратегија, па и стратегијата на мирот, е секогаш решение и секогаш е успешна во сите ситуации. Тоа е како да барате еден лек за сите болести на светот. Ќе има нови конфликти и нови проблеми, а јас имам една многу едноставна идеја. Мирот е подобар од војната. Ненасилството е подобро од убивањето. Секое убиство предизвикува желба за одмазда, луѓето се трауматизираат, се создава омраза и се насочува животот на жртвите да му возвратат на сторителот на злосторството, зашто биле повредени. Омразата спрема САД е огромна низ светот, поради сѐ што сторија во име на антитероризмот. Второ и многу важно, што секогаш го потенцирам, е членот 1 од Повелбата на Обединетите нации. И Македонија е потписник на таа повелба. Секоја земја-членка на ОН е потписник на таа повелба. Членот 1 од повелбата вели: Мирот треба да се воспостави со мирољубиви средства. Тоа е закон за целиот свет. И ако употребувате мирољубиви средства, ќе добиете мир, но ако употребувате насилство – нема да добиете мир. Средствата и целите мораат да бидат во хармонија. Не можете да правите криминални дела за да постигнете чесност и вистина. Треба да изберете средства, кои самите по себе ќе ве одведат до вистинските цели. Не можете да го (ја) натепате сопругот (сопругата) и да очекувате да имате добар брак. Она што го нагласувам е дека треба да се почитува нормативниот систем на Обединетите нации воспоставен по Втората Светска војна за тоа како треба да се однесува светот за да избегне нови конфликти. На тоа работам јас! Сега се поставуваат прашањата: што да правиме со криминалците, што да правите со тие што напаѓаат други земји и ги бомбардираат. Тоа јасно е предвидено со нормативните акти на Обединетите нации. Таму се вели: Секогаш прво треба да се прават обиди за решавање на конфликтите со цивилни средства: преговори, политички притисок, дипломатија, медијација, економски санкции против некој што го прекршува меѓународното право. Кога сите овие средства и напори ќе се покажат залудни, тогаш ОН треба да организираат воени сили, под команда на ОН, земјите-членки можат да одлучат да преземат мерки против некој што е веќе прогласен за агресор. Тоа го вели здравиот разум. Но она што го гледаме денес, е дека меѓународно доминантните земји, САД, нивната империја и воените сили, првично веднаш реагираат со воени средства. Воопшто не земаат обѕир преговори, политички притисок, дипломатија. Најеклатантен доказ е неодамнешната изјава на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, дека дури сега, по 20 години воена мисија на Авганистан, ќе се свртат кон дипломатија, по повлекувањето на американските сили од таа земја. Тоа го кажува откако 20 години беа прекршувани меѓународното право и нормативите на Обединетите нации.

Има ли моќ меѓународното право да воспостави ред во светот?
– Можеби не е споредлива моќта на меѓународното право со воената моќ, но ако не постојат закони (ако ги нема во светот, или во Македонија), ќе живееме во џунгла и ќе се испоубиеме меѓу себе. Секако дека не е во ред да се убиваат луѓето по улиците, не е во ред да украдете нечии пари или да запалите нечија куќа… Законите и редот создаваат цивилизирано и пристојно општество. Но секогаш и секаде ќе има некои идиоти што ќе сакаат да се стават над законот.
Дали меѓународното право е најсилното оружје на малите држави?
– Ние од малите земји (и јас доаѓам од мала земја) мора да бидеме многу внимателни околу прифаќањето на начинот на однесување на големите насилници што го прекршуваат меѓународното право, зашто ние ги немаме нивните средства. Ако имаме некаква заштита како мали земји, тоа е затоа што постои меѓународното право. Тоа ни кажува дека ние сме во право, а големите сили постапуваат погрешно. Ние, малите држави, ги бараме заштитата и безбедноста преку меѓународното право, додека големите велат – не ни е грижа за законот. Нормативниот систем постои да ги заштити малите земји. Ниту, Македонија, ниту Данска, ниту Шведска не можат да излезат и да се борат против САД со воени средства, но можеме да се бориме со зборовите, со законите, со вистината, со светските нормативи. И САД ја имаат потпишано Повелбата на Обединетите нации, но ја прекршуваат секој ден. Како и други големи земји. Но затоа постојано треба да се потсетуваме на тоа. Ако не се потсетува секој ден за тоа што е добро, а што е лошо и употребуваме насилство, им оставаме простор на оние што сакаат да употребуваат нуклеарно оружје за да го уништат светот. Ако немаме сила да кажеме, ова не е во ред, ова не е легално – тогаш немаме иднина.

Кој би бил правилниот пристап на државите во однос на очекуваниот мигрантски бран од Авганистан: прифаќање на бегалците или префрлање на товарот на други земји, како што планира ЕУ?
– Земјите што ги создадоа мизеријата и страдањето на луѓето и направија да биде неопходно да заминуваат од земјата во која живеат, треба да бидат првите што ќе се погрижат за бегалците и да ги отворат своите порти за нив. Во ситуација кога луѓето се жртви, кога страдаат и кога документите им се во ред (ако се провлекуваат сомнителни и криминалци, би требало да се размисли двапати), сите би требале да ги отвориме нашите порти. Но тоа нема да го стори Европската Унија. А Македонија не е ни дел од ЕУ и зашто би морале вие да бидете поотворени за прием на бегалци од Авганистан? Зошто да примите повеќе бегалци од Авганистан, во однос на бројот на жители во земјата, од земјите на ЕУ? Документите на ЕУ од 2015 година, кога беше првата бегалска криза, покажуваат дека таму нема хумано чувство за хуманизам. Кога во 2015 година, 1,5 милион бегалци (од Сирија, Авганистан, кои САД и земјите на ЕУ ги уништија) дојдоа пред портите на ЕУ, беше заземен став дека во Унијата од 410 милиони жители нема место за сите бегалци. Кога не го сторија тоа во 2015, сега во 2021 година повторно ќе се најде оправдување зошто не можат да примат бегалци од Авганистан. Потоа ЕУ ѝ плати на Турција да ги прима бегалците од Сирија. Сметам дека е срамно и неморално земјите што ги уништиле земјите од каде што доаѓаат бегалците да не се погрижат за луѓето што бегаат од земјите чии општества ги уништиле. Ние, како ЕУ, мора да помогнеме, како компензација за уништувањата што сме ги направиле. Ако не го сториме тоа, тогаш да ја заклучиме Унијата, зашто е безвредна. Ако нема хуманост, ако не е добра сила во светот, зошто да постои? Би ја прашал и македонската влада – зошто сакате да ѝ се придружите на ЕУ?

Има ли намера денешниов свет да му даде шанса на мирот?
– Ако под „светот денес“ мислите на обичните граѓани низ светот, одговорот е – 110 проценти „ДА“! Владите, а не луѓето се тие што го уништуваат светот. Луѓето имаат совршено здрав разум. Не сум сретнал човек, (надвор од воените кругови), кој рекол – „сакам војна“, или „ми се допаѓа кога луѓето се убиваат“. Луѓето се многу среќни кога конечно ќе пронајдат мир. Никој не мисли дека е добра идеја да се убиваме меѓусебно, да се освојуваме, да се окупираме… Може да се прави пропаганда, да се испраќаат пораки, да се прави маркетинг дека мора да се бомбардира Сирија, или Србија, зашто „Асад е лош човек“ и „Милошевиќ планира геноцид на Косово“. Може да ги лажеш луѓето и да направиш така да мислат… Но ако се направи анкета „дали војната е добра, дали треба повеќе да се војува, дали е потребно повеќе вооружување, дали е потребно нуклеарно оружје“, – никој нема да каже „да“. Но владите, корпорациите, воените индустриски комплекси…, кои заработуваат од војните, тие се оние што сакаат повеќе војни. Без сомнение, војните не се водат за демократија, туку се водат од елитите. Зборувам за воено-индустриско-медиумско-академиски комплекс (МИМАК).

А какви се шансите на демократијата во овие светски услови?
– Најлошата работа за демократијата е молчењето (тишината). Ние ја уништивме демократијата на западниот свет, зашто има само една вистина, една стратегија и само еден пат по кој треба да се оди. Сите други се изолирани. Недостига отворена дискусија, во која ќе се бранат сопствените (различни) гледишта, владите да го објаснат тоа што го прават и зошто го прават… – тоа е демократија.


Македонија е колатерална жртва, но на Западот не му е воопшто грижа за тоа

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вашата економска криза започна во деведесеттите години на минатиот век поради санкциите против Југославија. И тогаш никој не ви рече – ќе ви помогнеме зашто вие сте жртви на таа политика. Потоа дојде бомбардирањето во вашето соседство и имавте навалица од 150.000 бегалци, кои сакаа да се заштитат од бомбардирањето. И тогаш плативте голема цена поради западната политика. И не е дека бевте невидлива жртва. Знаеја сите дека Македонија е колатерална жртва, но на Западот не му беше воопшто грижа за тоа. Од таа перспектива, особено зачудувачки за мене е што Македонија по таа војна, речиси веднаш ја сврте својата политика спрема тие што ѝ ја сторија целата штета. Тоа беше неразбирливо за мене. Не можам да разберам, како некој што те казнувал, ти ги уништувал економијата, безбедноста, воведувал санкции против тебе, одеднаш доаѓа да ја спаси Македонија? Тоа е многу чудно за мене!

Повод за вашата посета на Македонија е и промоцијата на книгата на професорката Билјана Ванковска, „Членството во НАТО: На линијата на фронтот?“ Дали НАТО во овој глобален миг е вистинската перспектива за мала земја како Македонија?
– Не би рекол дека е вистинската перспектива. НАТО денес е организација што самата не го почитува својот договор. Тоа го прави да не биде легална организација. Ако го прочитате Договорот од 1949 година, кога е формирано НАТО, во основа се вели „ние сме група луѓе што ќе си помагаат едни на други ако некој од нас биде нападнат“. На некој начин, мускетарски завет. Ако некој, на пример ја нападне Данска, другите членки на НАТО ќе ја бранат. Во основа, тоа е прекрасна одбранбена идеја. И јас сум за тоа, и до тука не сум против НАТО. Потоа, во преамбулата на Договорот од НАТО, се вели „сите конфликти… ќе се решаваат во Обединетите нации“, според членот 1 од Повелбата на ОН, за која зборував. Но што се случува денес? НАТО го одобрува нуклеарното оружје, застанува зад одлуки за интервенции и распоредување воени сили надвор од териториите на земјите-членки. Што правеше НАТО во Авганистан? Немаше никаква основа да биде таму. Тоа е повреда на сопствениот договор. Според тој договор, НАТО може да дејствува на територијата на земјите-членки што се нападнати или загрозени, но ни Авганистан, ни Косово, не се членки на НАТО… Во договорот од 1949 г., со ниту еден збор не се споменува нуклеарно оружје. Но подоцна е додадено дека НАТО е единствената организација што може прва да употреби тактичко нуклеарно оружје. Тоа, пак, е и прекршување на меѓународното право. Зашто од јануари, годинава, според меѓународното право, нуклеарното оружје е нелегално. Од јануари 2021 година постои договор во ОН, потпишан од 130 земји (но не и од постојаните членки на Советот за безбедност. САД, Кина, Русија, Велика Британија, Франција), со кој нуклеарното оружје треба да се забрани. Но тоа е меѓународна норма, која треба да се почитува. А тоа значи дека оние земји што имаа нуклеарно оружје го прекршуваат меѓународното право. НАТО е изградено врз идејата за користење нуклеарно оружје, дури и при конвенционален напад.

Политиката на Македонија, во однос на надворешната соработка, е фокусирана речиси исклучиво кон ЕУ и НАТО. Препорачлива ли е таква исклучивост во надворешната политика, односно дали членството во одредени сојузи треба да ги исклучува другите можности за соработка?
– Тоа е сосема спротивно на моите гледишта. Можеби би требало да бидам дипломатичен и да кажам нешто неутрално, но малите земји не можат да преживеат ако не застанат, ако не чекорат на двете нозе. Ако ги ставите сите јајца во една кошница, ќе паднете само во рацете на САД и НАТО. Многу подобро е да се има добри и мирољубиви односи со САД и земјите на НАТО, на ЕУ… но да се чекори на две нозе, значи еден друг дел од надворешната политика да следи што интересно постои како можност надвор од западниот дел на светот. Треба да се биде љубопитен. Ако чекорите на две нозе, го намалувате ризикот од штета, и да бидете повредени. Секоја земја што посакува повисок степен на сигурност, треба да има поширок хоризонт за некои алтернативни можности. Многу е тесногледо и речиси опасно во овој миг, (не да се биде ориентиран кон Западот) туку да се биде ориентиран исклучиво кон Западот.

Сигурно ви е познат фактот дека уште од независноста на нашата држава постои национален консензус во Македонија дека и интеграцијата во Европската Унија е нашата стратегиска цел…
– Но самата Европска Унија се има сменето за овие 30 години. Не е истата каква што беше пред 30-40 години. Потоа, ако се навратиме на ситуацијата со ковид-19, видливо е целосното фијаско што го направи ЕУ. Не можеше да се постигне договор за заеднички одговор на предизвикот на пандемијата, пред една година, кога се започна. Мојата земја, Данска, прва ги затвори границите. И сега сите имаат различни мерки за справување со пандемијата, а речиси никој на границите не ги проверува документите за имунизација. Дури во Македонија тоа се прави сосема пристојно. Ако се потсетиме на минатогодишната криза со пандемијата во Италија… Кој прв ѝ помогна? Русија и Кина! Не Европејците! Каде е таа европска солидарност на Унијата? Ако ѝ се придружите на Унијата – заборавете на солидарност! Ви посакувам да станете членка на ЕУ, но погледнете ги околу себе и другите опции, за да имате алтернатива во случај на фијаско на Унијата.

Ја познавате Македонија од времето кога беше „оаза на мирот“. Тоа беше почетокот на деведесеттите години во минатиот век, во време кога во војна се распаѓаше Југославија. Иако звучи дека тоа е многу одамна, сепак како го оценувате од денешна историска дистанца? Дали се исплатеше таа политика на мир и компромиси на наша штета, и кога по 30 години Македонија стана членка на НАТО со сменето име, а преговорите со ЕУ сѐ уште не се започнати?
– Што се однесува до менувањето на името на државата Македонија – тоа остава без коментар. Мислам дека на државите треба да им се дозволи да се нарекуваат како што се нарекувале самите. Секако, Македонија беше под силен притисок. Но моето гледиште е дека Македонија беше жртва на бомбардирањето на Југославија, т.е. на Србија и на Косово во 1999 година. Речиси 150.000 бегалци дојдоа тука, во Македонија. Плативте огромна цена во 1990-тите поради санкциите против Србија, која беше ваш најголем трговски партнер. И никој никогаш не ѝ компензираше на Македонија. Во тоа време често им повторував на вашите политичари (а имав чест да го запознаам и вашиот прв претседател Киро Глигоров) дека сте жртви на западната политика. Санкциите на САД и на ЕУ против Србија и Слободан Милошевиќ, ја чинеа Македонија милиони долари, но никој не рече – ние ќе ви компензираме, зашто ние инсистиравме да не тргувате со Србија. Вашата економска криза започна во деведесеттите години на минатиот век поради санкциите против Југославија. И тогаш никој не ви рече – ќе ви помогнеме зашто вие сте жртви на таа политика. Потоа дојде бомбардирањето во вашето соседство и имавте навалица од 150.000 бегалци, кои сакаа да се заштитат од бомбардирањето. И тогаш плативе голема цена поради западната политика. И не е дека бевте невидлива жртва. Знаеја сите дека Македонија е колатерална жртва, но на Западот не му беше воопшто грижа за тоа. Од таа перспектива, особено зачудувачки за мене е што Македонија по таа војна, речиси веднаш ја сврте својата политика спрема тие што ѝ ја сторија целата штета. Тоа беше неразбирливо за мене. Не можат да разберам, како некој што те казнувал, ти ги уништувал економијата, безбедноста, воведувал санкции против тебе, одеднаш доаѓа да ја спаси Македонија? Тоа е многу чудно за мене!

Како ги проценувате шансите на Македонија и нејзиниот просперитет во иднина како држава, со оспорувања на националниот идентитет, историјата и името на државата, од страна на соседните земји, членки на ЕУ?
– Искрено, немав можност да ги следам детално сите случувања со и околу Македонија во последниве години. Речиси 15 години не сум бил тука. Не сум експерт за внатрешните прашања во Македонија и мислењата на политичарите и интелектуалците во земјата. Можам само да говорам како човек од странство, кој видел нешто повеќе од светот и би рекол дека многу од проблемите што ги споменувате, би отишле во заднина, ако почнете да соработувате со Русија, Кина, Индија, Африка, ако ги проширите своите перспективи. Во моментов перспективите на Македонија се влезени во една тунел-визија. Сѐ додека сте во тунелот, ќе биде проблематично. Но кога ќе ги проширите своите визии, ќе сфатите дека проблемите со Бугарија, со Албанија, со ЕУ, со САД, се маргинални. Постои голем свет надвор од тунелот! Сигурен сум дека многу земји би сакале да соработуваат со Македонија. Но ако Македонија вели дека не сака да соработува со никој надвор од западната хемисфера, надвор од НАТО и ЕУ, едноставно си го губите времето. Го губите времето, не затоа што не би требало тоа да го правите, туку зашто нема што да очекувате. Ако триесет години чекате за преговори со ЕУ и присилени сте да влезете во НАТО со промена на името на државата, во некој миг треба да си го поставите прашањето – зошто да бидеме толку субмисивни? Ако сте горда нација, зошто не преземете нешто друго?