Сезона на одмори или на преговори

80
Фото: Игор Бансколиев

КЛУЧНИТЕ ЗАКОНИ ЧЕКААТ ДА ЗАЛАДИ

Експертите сметаат дека одморот на пратениците ќе биде искористен за да им се даде доволно време на партиите да се договорат околу носењето на клучните закони

Пратениците во македонското собрание, за некој ден, односно од почетокот на август заминуваат на годишен одмор, така што донесувањето на клучните закони важни за евроинтеграциите на земјата остануваат да бидат донесени по одморите.
Со долготрајните политички надмудрувања и калкулации се загуби драгоцено време, така што е нејасно дали до крајот на август, кога се очекува Собранието повторно да почне со работа нешто ќе може да се направи, или повторно ќе следуваат лидерски средби, интервенции на странски дипломати и слично.

Од друга страна, времето до октомври, кога ЕУ повторно би се навратила да ја разгледа препораката на ЕК за почнување пристапни преговори со нашата земја, е многу кратко, а речиси ништо не е направено во делот на реформите. Во шпицот на одморите тешко дека и нешто ќе се случи.
А пред пратениците треба да се најдат предлог-законот за Јавното обвинителство, како и оној за пописот, два закона што се сметаат за клучни и важни за евроинтегративните процеси на земјата.

За важноста на првиот говореше и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, за време на неодамнешната посета на земјата.
– Сите партии и државни тела ќе мора да продолжат да покажуваат одлучност да му дозволат на владеењето на правото да преовладее. Мора да продолжат напорите во оваа област и да се покаже нула толеранција кон корупцијата и организираниот криминал. Земјите-членки го следат овој процес одблиску, но пред сè тоа е за доброто на граѓаните – порача Хан.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, беше категоричен дека пратениците за новиот владин предлог-закон за Јавното обвинителство ќе расправаат откако ќе се вратат од одмор, па седницата ја закажа за 27 август.
Во Собранието останува заглавен уште еден важен закон, а тоа е Законот за попис на населението и домаќинствата, кој е со европско знаменце, а кој вчера требаше да се најде на дневен ред во прво читање пред собраниската комисија за европски прашања, но расправата повторно се одложи.

Првично расправата по овој закон требаше да започне уште пред еден месец, но точката без некое посебно образложение тогаш беше тргната од дневен ред на седницата на комисијата. Опозицијата уште тогаш забележуваше дека власта сака овој закон да го донесе без поширока дебата и токму затоа го вметнува европското знаменце.

Носењето на овој закон можеби не е толку директно врзано за евроинтегративните процеси на земјата, но повторно е врзано со роковите што треба да се испочитуваат за да се овозможи одржување на пописот во април 2020 година. Згора на тоа, пописот е важен и заради утврдување подолгорочни стратегии во повеќе области, што би овозможило напредок на земјата. Последен попис во земјава е спроведен пред 17 години.

Експертите сметаат дека одморот на пратениците ќе биде искористен за да им се даде доволно време на партиите да се договорат околу носењето на клучните закони.
– Во оваа држава каде што ништо не е нормално, не би ме зачудило доколку се постигне договор околу клучните закони. Факт е дека со доаѓањето на Филип Рикер и на Јоханес Хан е извршен притисок за еден месец да се надминат и усогласат разликите – смета политичкиот аналитичар Јове Кекеновски.

Тој додава дека рокот од 27 август, за кога е закажана собраниската седница на која треба да се расправа за предлог-законот за ЈО, не е одбран случајно.
– Намерно е даден еден месец за да се постигне договор. Тие ќе се испазарат за да се спасат самите од криминалите што ги направиле, а не за да издејствуваат некаква полза за граѓаните – вели Кекеновски.

Како и да е, агендата на пратениците, освен за 27 август, за сè друго е празна, односно ќе се утврдува по враќањето од одмор. Дотогаш, предлог-законите „ќе одмораат“ по собраниските фиоки.


И истрагите на годишен одмор?

Во пресрет на националниот празник 2 Август, Илинден, но и почетокот на месецот во кој во ек се годишните одмори, нема посериозен судски расплет и на големиот број афери што изминатите месеци ѝ се случија на државата.

Истрагата за последната афера „Рекет“ остана во делот на вештачењето на мобилните телефони на главната обвинителка на СЈО Катица Јанева и на притворот на Бојан Јовановски попознат во јавноста како Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец. И покрај тоа што Обвинителството споменуваше дека во аудиодоказите со кои располагале се слушал глас на обвинител, некаков конкретен напредок на истрагата во таа насока засега не се гледа.

Покрај „Рекет“, сѐ уште останува неразјаснето и бегството на поранешниот премиер Никола Груевски. И за овој случај истрагата е во тек, иако повеќепати беше најавувано дека за кратко време ќе се излезе со конкретни информации.
Токму неефикасноста во борбата со корупцијата и високиот криминал, како и немањето судска разврска за повеќе случаи, се главните забелешки во секој извештај на ЕК, но и главна пречка за секоја земја што има намера да стане дел од европското семејство.