Седум чекори до влезот во НАТО

2265

Процедурата за членство на Македонија во Aлијансата, која, според најавите во изјавите на политичарите, би требало да заврши за една година, формално подразбира седум чекори. Од овие чекори, еден што е поврзан со уставните измени заврши викендов, а следуваат уште шест до комплетирањето на македонското членство во НАТО.

Уште колку чекори се потребни за Македонија да стигне до посакуваното членство во НАТО. Оваа дилема е актуелна во домашната јавност по големите политички превирања и промената на Уставот, која се случи деновиве како дел од процесот предвиден со спогодбата со Грција.
Во тој правец, министерот за надворешни работи Никола Димитров истакна дека на самитот на Алијансата во јули во Брисел ќе биде официјализирана поканата за членство во НАТО. Потоа, според него, ќе помине приближно една година додека да станеме полноправен член на воениот сојуз. Шефот на дипломатијата истакна дека со ова решение ќе го направивме она што одамна ни следуваше, а тоа е да обезбедиме членство во НАТО.

– Деновиве, во согласност со процедурите, ќе испратам писмо до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а земјите-членки интензивно работат за пристапниот протокол во однос на нас, изменување на Вашингтонскиот договор со 30-та членка – изјави Димитров.

Се огласи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која, пак, истакна дека сега нѐ очекува многу работа и за членството во НАТО, при што се очекува и брза и амбициозна агенда за пристапувањето на земјава и од страна на нашите сојузници.
– Оваа година, кога е 70-от роденден на Алијансата, нашата земја успева да седне на масата на НАТО како една од 30-те нејзини членки – заклучи Шекеринска.

Во меѓувреме, процедурата за македонско членство во Алијансата, која, според најавите во изјавите на политичарите, би требало да заврши за една година, формално подразбира седум чекори. Од овие чекори, еден што е поврзан со уставните измени заврши викендов, а следуваат уште шест до комплетирањето на македонското членство во НАТО.

Од викендов Преспанската спогодба се пресели во Грција. Сега е ред на властите во Атина да ја ратификуваат спогодбата, со што ќе се комплетира условот што се темели на членот 10 од Вашингтонскиот договор, со кој е основан НАТО, според кој новите членки се примаат единствено со едногласна одлука на сите членки. Во македонскиот случај, Преспанскиот договор беше услов за грчката согласност во овој наш процес.
По ова, доколку Грција го стави својот параф на спогодбата во тамошниот парламент, процедурата за македонското членство се сели во рацете на Северноатлантскиот сојуз.

Натаму, НАТО подготвува протокол на Вашингтонскиот договор за пристапување на новата членка. Тоа е всушност амандман на оригиналниот договор за Северноатлантскиот сојуз, склучен во 1949 година за пристапување на нови членки, кој се разгледува од министрите за надворешни работи на сојузот. Веднаш потоа започнува процесот на ратификација на протоколот, во кој секоја од 29-те членки на НАТО треба да го ратификува протоколот посебно, според националните процедури на секоја држава. Додека трае ратификацијата, Македонија до одредено ниво учествува во процесите во Алијансата. На пример, може да учествува на сите форуми и средби, но без право на глас. Или, како што најавуваат македонските функционери, „ќе добие столче во НАТО“.

Натаму, следен чекор е поканата за пристапување, која до Македонија ќе ја упати генералниот секретар на НАТО откога сите членки ќе ги известат САД, кои се инаку депонент на договорот за членство.

Претпоследната процедура е пак на домашен терен, тогаш Македонија сама формално треба да го прифати пристапувањето во НАТО, кое може да се спроведе со референдум или со гласање во Собранието. Последниот чин е одлуката за пристап да му се достави на Стејт департментот на САД, кој е „заштитник“ на Вашингтонскиот договор и негов депонент, и со тоа Македонија формално ќе стане членка на НАТО.

Графиката е преземена од „Мета“