Сега ниту со 120 пратеници не може да се смени името ​

11831

Во Законот за референдум е пропишано дека две години по одржувањето референдум, не може да се постави истото референдумско прашање. Во практика тоа значи дека по ваквиот исход на референдумот, Република Македонија две години е заштитена од обиди за менување на уставното име. Во наредните две години не може да се постави референдумско прашање за спогодбата од Мала Преспа, тврдат правните експерти

КАКО РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ПРОМЕНА ВСУШНОСТ СТАНА РЕФЕРЕНДУМ ЗА ОДБРАНА НА ИМЕТО

Постреферендумската збунетост во врска со чекорите што треба да се преземат понатаму за имплементација на спогодбата од Мала Преспа, како што всушност препорачуваат и од меѓународната заедница, се чини дека добива дополнителни елементи што укажуваат дека процесот може да заглави во ќор-сокак. Додека Владата и премиерот Зоран Заев ги разгледуваа опциите за тајно гласање во Собранието за уставните промени, предвидени со спогодбата од Мала Преспа, односно се проценува дали да се тргне во акција за добивање на потребното двотретинско мнозинство од сегашниот парламентарен состав, или да се подготвува за предвремени избори, стручната правна јавност го изнесува фактот дека и со ново мнозинство, Собранието не може да спроведе постапка за уставни измени за промена на уставното име. Овој аспект прв го загатна професорот на Правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Димитар Апасиев, со статус на социјалните мрежи.

– Гледам сите правници станавте, па да ви речам во два збора: не 80, 120 пратеници да имате, во наредните две години не смеете име да менувате, одлуката на задолжителниот референдум од 1991 година останува во правна сила и важи за сите ерга омнес, додека не се донесе нова референдумска одлука за промена на уставното име – констатира Апасиев, иако тоа го изнесува колоквијално на социјалната мрежа Фејсбук.

Сепак, професорот Апасиев, за „Нова Македонија“ попрецизно правно ја аргументира својата теза од социјалните мрежи.

– Во согласност со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, Собранието е должно да ја усогласи законската регулатива со резултатите од задолжителниот референдум. Односно според членот 30, став 2: „Собранието е должно во рок од 60 дена по објавувањето на резултатите од референдумот да го уреди прашањето, односно законот по кој се одлучувало на референдумот, во согласност со резултатите од референдумот“. Со оглед на фактот дека референдумот на 30 септември беше консултативен, а според ДИК, не е донесена ниту одлука на него, бидејќи не е исполнет еден од двата кумулативни услови за да биде донесена одлука (неисполнетиот цензус), останува во сила одлуката од референдумот во 1991 година. Во правото функционира принципот: закон се менува само со нов закон, а одлуката од референдум се менува со донесена одлука на референдум. Покрај тоа, во Законот за референдум е пропишано дека две години по одржувањето референдум, не може да се постави истото референдумско прашање. Во практика тоа значи, дека по ваквиот исход на референдумот Република Македонија две години е заштитена од обиди за менување на уставното име. Во наредните две години не може да се постави референдумско прашање за спогодбата од Мала Преспа, односно ниту народот (гласачите) во тој период не можат да го менуваат името на државата, а уште помалку, евентуално, новиот парламентарен состав (ако Владата се одлучи за избори), не смее да расправа за ова прашање – објаснува професорот Димитар Апасиев.

Според одлуката од референдумот во 1991 година, односно Уставот на Република Македонија, кој се повикува на таа референдумска одлука (како континуитет на одлуката од АСНОМ), суверенитетот на државата произлегува од граѓаните, а не од парламентот т.е. од Собранието. Оттаму само задолжителен референдум, со резултати со повисоки вредности (одзив и оние што гласале „за“) од оние на референдумот во 1991 година, можат да бидат валидни за промена на одлуката што е донесена на тој референдум. Тоа значи дека консултативен референдум, без оглед на резултатите, не може да биде историски и со него да го менувате името на државата, појаснуваат професори по уставно право

Според одлуката од референдумот во 1991 година, односно Уставот на Република Македонија, кој се повикува на таа референдумска одлука (како континуитет на одлуката од АСНОМ), суверенитетот на државата произлегува од граѓаните, а не од парламентот т.е. од Собранието. Во одлуката на АСНОМ е вградено правото на самоопределување на граѓаните на Република Македонија, кои во 1944 година се изјасниле за влез во југословенската федерација. Исто така, со правото на самоопределување е донесена одлуката на референдумот во 1991 година за излегување од федерацијата. Според правниците, резултатите што му дадоа легитимитет на тој референдум од 1991 година (според официјалните податоци, од 1.495.807 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани, кои гласале на референдумот, позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани, односно 95,26 отсто т.е. 72,16 отсто од вкупниот број граѓани со право на глас) треба да бидат „побиени“ со поголеми резултати за да биде сменета таа одлука на граѓаните.

– Само задолжителен референдум, со резултати со повисоки вредности (одзив и оние што гласале „за“) од оние на референдумот во 1991 година, можат да бидат валидни за промена на одлуката што е донесена на тој референдум. Тоа значи дека консултативен референдум, без оглед на резултатите, не може да биде историски и со него да го менувате името на државата. Нелогично е тие 600.000 гласа „за“, колку што ги имаше на овој референдум од 30 септември 2018 години, да ги поништат резултатите на оној референдум од 1991 година. Тоа мора да го има предвид законодавниот дом – вели професорката по уставно право, Гордана Силјановска-Давкова.

Според одлуката од референдумот во 1991 година суверенитетот на државата произлегува од граѓаните, а не од парламентот