Северна е само збор, но…

1335

Северна. Тоа е само збор, но во Македонија поттикна дебати, дискусии во кафулињата и бројни навреди на Интернет, во последните неколку недели, пишува Шон Вокер, известувачот на британски „Гардијан“ од Скопје, во написот насловен „Не станува збор за тоа што е фер: Македонците се подготвуваат да гласаат за прашањето за промена на името“.

Референдумот на крајот на месецов ќе ги праша граѓаните дали се за додавање на зборот северна на официјалното име на државата, која во тој случај ќе се вика Република Северна Македонија. Промената е главниот дел од договорот помеѓу Македонија и Грција потпишан од страна на нивните премиери во јуни. 

За многумина во Македонија, менувањето на името е деликатно прашање. Малкумина имаат позитивен став за промената, но голем дел од граѓаните зборуваат за неа со неволно прифаќање, со оглед дека можеби станува збор за непријатна, но неопходна „медицинска“ процедура.

На договорот се противат националистите од двете страни. Во саботата, грчките демонстранти се судрија со полицијата, но анкетите покажуваат оти тенкото мнозинство во Грција се изјаснува во полза на договорот, како и дека има голема поддршка меѓу албанското малцинство во Македонија.

Западните дипломати сугерираат дека гласањето „за“, дури и со одзив под 50 отсто, ќе донесе мандат за промена. Владејачката коалиција ќе треба да убеди барем 10 пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да има двотретинско мнозинство во парламентот, потребно за уставна промена.

– ВМРО-ДПМНЕ е под силен меѓународен притисок за да не го подрива договорот и тие допрва треба да соопштат дали ќе повикаат на бојкот на референдумот – пишува „Гардијан“.

Покрај обидите да ја придобијат опозицијата, македонските челници внимаваат и на Москва во текот на кампањата, додека западните сили притискаат за договорот да успее. 

Британскиот весник наведува дека во договорот постои клаузула според која „двете страни прифаќаат оти нивното сфаќање на поимите „Македонија“ и „македонски“ се однесуваат на различни историски контексти и културно наследство.