СДСМ нема да се јавува за збор за да заштеди време, ДУИ нема никакви условувања

258

По барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, собранискиот спикер Талат Џафери даде пауза од еден час на седницата на која треба да се расправа за законот за Јавното обвинителство.

Мицевски побара министерката за правда, Рената Десковска, пред пратениците да го образложи законот за Јавно обвинителство.

Дескоска се огласи со коментар на Фејсбук и напиша дека за да се заштеди на време, одлучиле таа и пратениците од СДСМ и коалицијата да не се јавуваат за збор.

– Очигледно е дека дел од стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ е меѓу другото триесеттина од нив да се јават за реплики на мојот говор и тоа би значело дополнителни два и пол до три часа со реплики и контрареплики. Затоа одлучивме ниту јас, ниту другите пријавени пратеници од СДСМ и коалицијата да не се јавуваме за збор, со што заштедуваме најмалку осум часа дебата по нашите говори.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ самиот од говорницата свесно или несвесно призна дека најмалку месец дена веќе го објаснувам и бранам законот во јавност. Значи на сите им е јасно кои се последиците од овој закон, а најмногу на осомничените и обвинетите за криминал и корупција, па затоа е паниката и ваквите бурни реакции на одредени политички партии. Кога не им успеа планот да го трошат времето со реплики на мојот говор и говорот на пратениците на власта, пробуваат да купат време со еден час пауза“, напиша Дескоска на Фејсбук.

Ставот на ДУИ е дека даваме недвосмислена поддршка за сите договорени закони, истакна претставникот на оваа политичка партија Артан Груби, кој нагласи дека од таму очекуваат законите да се усвојат и Собранието да се распушти најдоцна до недела.

– Ако треба ќе работиме деноноќно да се завршат овие постапки и да одиме на избори – нагласи Груби.

Тој кажа дека ДУИ нема никаков проблем со СДСМ, односно дека неговата партија била клучниот партнер во владата за најважните одлуки за државата.

– Настапот вчера беше таков, поради некоординираност. Стојам зад кажано, ДУИ недвосмислено го поддржува законот за ЈО. Ќе гласаат сите пратеници почнувајќи од Али Ахмети. Нека закажат седница за половина час, ќе дојде и тој и сите од прв до последен ќе гласаме за законите за ЈО. Со ништо не го условуваме СДСМ, нема такво нешто – порача Груби.

Воедно додаде дека партијата целосно го поддржува преспанскиот договор, а со тоа и разрешувањето на техничката министерка Рашела Мизрахи.