СДСМ бара одржување на изборите во првиот можен рок, а ВМРО-ДПМНЕ го исклучува јуни

81

Изборите се решение и треба да се одржат во првиот можен рок, секако по завршување на вонредната состојба и согласно состојбата со епидемијата, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

– Избори се потребни за да обезбедиме целосно функционални институции коишто ќе бидат целосно посветени на заштита на здравјето на граѓаните, но потребни ни се функционални институции коишто ќе бидат посветени и за рестарт на македонската економија. Рековме дека договор е можен до завршување на вонредната состојба, согласно законите се знае дека избори треба да се одржат 22 дена по завршување на вонредната состојба – рече Костадинов.

Тој денеска на прес-конференција рече дека лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски останува запаметен како неодговорен политичар кој за време на оваа криза цело време се однесувал незрело, несериозно и неодговорно.

– Денес, Мицкоски прави сè да нема избори, прави сè да ја држи земјата во неизвесност и да создаде политичка криза, само затоа што се плаши од изборно соочување и извесниот пораз од граѓаните. Однесувањето на Мицкоски и кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во техничката Вада се уште еден доказ зошто се потребни избори и нова политичка влада – рече Костадинов.

Тој додаде дека со ново Собрание и со нова политичка Влада со целосен легитимитет институциите целосно ќе бидат посветени на обезбедување на законите во државата и заштита на здравјето на граѓание, особено во период кога се олеснуваат мерките и кога сите треба да се подготвуваат за новиот бран на коронавирусот наесен.


Арсовски: Избори во јуни не се можни

Избори во јуни не се можни, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски. Одговарајќи на новинарски прашања тој ја отфрли можноста ВМРО-ДПМНЕ да учествува на избори во јуни, образложувајќи дека има зголемен број на новозаразени од коронавирус.

– Од она што можам да кажам дека за датум за избори ќе мора да се разговара консензуално односно во моментот кога ќе се оцени дека е можно да се одржат изборите бидејќи најважно во моментов ни е здравјето на граѓаните, а не спас на нечија кариера на некој функционер од СДСМ – рече Арсовски.

Запрашан за предлогот на Комисијата за заразни болести за олабавување на сите мерки, како и отворање на границите од 1 јуни, Арсовски рече дека ќе мора да ги согледаат сите аргументи што Комисијата ќе ги изложи.

– Еве гледаме дека сите оние бројки кои што јавните здравствени установи ги излагаат со нив во медиумите, значат дека наместо да стишува корона заразата гледаме дека бројките се зголемуваат и напротив се шири во период додека дел од државите во регионот прогласуваат победа врз корона вирусот, ние гледаме дека кај нас во моментов се зголемува бројката на ново заразени. Се уште за нас е несфатливо како е можно до вчера да имаме 58-часовен карантин, а од денеска Комисијата за заразни болести да предлага олабавување на мерките и практично како ништо да не се случило, но како што реков ќе мора уште еднаш да ги погледнеме аргументите, а во однос на притисокот за избори како што реков избори во јуни не се можни бидејќи сите бројки кои што ги гледаме на ново заразени упатуваат на тоа дека во моментов здравјето на граѓаните е најважно, а не спас на нечија политичка кариера – рече Арсовски.