Само Ципрас ли да добива пари од наградите за Преспанскиoт договор

970

Според пишувањето на грчките медиуми, фондовите во грчкото МНР биле наменети за поткупување учесници и поддржувачи за постигнување договор меѓу Грција и Македонија. Пред новинарите, претседателот на парламентот, Никос Вуцис, потврди дека таков фонд навистина имало во Министерството за надворешни работи, но одби да го прифати предлогот да се спроведе истрага за „лошо менаџирање со тие тајни фондови“. Беа спомнувани суми меѓу 45 и 50 милиони евра, пари наменети за спонзорирање на спогодбата и давани на лица што ја пропагирале, поддржувале и се залагале да се потпише. За некои дадени евра имало список на организации, медиуми и личности, но тој список е класифициран како државна тајна

По веста дека поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, ќе донира пари што ги добил заедно со наградите за договорот од Преспа

Пред неколку дена, државната МИА (Медиумска информативна агенција – порано го носеше името македонска) објави информација дека лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас, ќе им донира пари на неколку универзитети во својата земја. Тоа биле пари што ги добил заедно со наградите за договорот од Преспа. Одлуката ја соопшти самиот Ципрас преку Фејсбук, објаснувајќи дека веќе испратил допис до шест грчки универзитети од Солун, Атина и од Крит. Ќе бидат поддржувани катедрите за политички студии, политички науки, меѓународни и европски економски студии, балкански, словенски и ориентални студии, меѓународни и европски студии и политичка наука и историја. Поконкретно, предлага да бидат наменети за награда што би се викала „награда за мир и соработка на балканските народи“, а би се добивала за најдобар дипломски труд на студент на таа тема.

Ципрас фаворизиран, наспроти Заев, од оние што наградуваат?

Во писмото што го испратил, Ципрас истакнува дека договорот од Преспа го привлече вниманието на неколку странски институции и институти, кои избраа да го персонифицираат ова признание, оддавајќи им чест на премиерите на Грција и на Северна Македонија, кои работеа за спроведување на договорот.
– Од овие награди, и во делот што се однесува на мене, досега е собран износ и мојата намера е да го отстапам како донација за универзитетска настава и истражување – соопшти Ципрас.
Во своето обраќање, Ципрас ја посочува и сумата што ќе ја донира. Имено, неговата желба би била да се даде износ од 6.000 евра за секоја катедра преку специјалната сметка на секој универзитет, за да се искористи за годишна награда за најдобар дипломски труд со индикативна награда од 1.000 евра годишно. Со проста математика ќе се пресмета дека за шесте катедри претседателот на СИРИЗА ќе донира вкупно 36 илјади евра. Сепак, од информацијата на МИА не е јасно дали е тоа вкупен износ што го добил или е само дел од поголеми парични суми.
Ова е прва транспарентна вест, прва информација појавена во јавноста во која се соопштува дека некои од признанијата што ги добиле тој и претседателот на Владата на Македонија за постигнатата спогодба од Преспа не биле изразени само низ форма на пофални зборови, врачување плакети, благодарници или статуетки туку дека наградите биле проследени и со парични средства. Износите што ги добиле истовремено двајцата премиери не беа соопштени од организаторите, ниту од оние што ги добиле ниту се појавиле во медиумите. Ципрас е првиот што јавно објави дека се работи и за добиени пари. Зоран Заев, се разбира, ако навистина ги добил и доколку е вистинито тврдењето на неговиот грчки колега, не покажал досега практична иницијатива, барем не јавно, нив да ги донира.

Добиени две германски меѓународни награди

Колку што е познато, претседателот на Владата на Северна Република Македонија, Зоран Заев, и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас добија две германски награди. Едната го носи името „Евалд фон Клајст“. Неа двајцата премиери ја примија на 16 февруари 2019 година во Минхен, во рамките на Минхенската конференција за безбедност. Ова значајно признание им се доделува на личности што дале голем придонес за меѓународно разбирање и надминување на конфликтите. Добитници на наградата, меѓу другите, се и Хенри Кисинџер, Хелмут Шмит, Валери Жискар д’Естен и Јоахим Гаук, поранешен претседател на Сојузна Германија. Инаку, Евалд фон Клајст е германски фелдмаршал што при крајот на Втората светска војна му се спротивставил на Хитлер, но паднал во руско заробеништво и умрел во руски затвор. Во денешна Германија му се оддава голема почит.
Наградата на Заев и на Ципрас им беше доделена за нивниот придонес за мирот и стабилноста во светот, преку договорот од Преспа. При примањето на наградата, Заев порача дека успехот на пријателството со Ципрас е врз основа на три култни збора – надеж, дијалог и заедништво. Тој нагласи и дека наградата ја споделува со неговиот, како што рече, драг пријател, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, и со сите други лидери од балканските земји. Наградата, според неговите зборови, им ја посвети на сите млади од Балканот.

Има ли пари во Преспанскиот договор

Другата е Меѓународната награда за мир на Вестфалија за 2020 година, исто за заслугите за Преспанскиот договор потпишан на 17 јуни 2018 година. Таа им беше свечено врачена на 28 август годинава, една година подоцна поради пандемијата на коронавирусот и мерките за заштита од неа. Наградата, која ја доделува Асоцијацијата на претприемачи на Вестфалија и Липе, им ја врачи претседателот на Летонија, Егилс Левиц, како претставник на трите балтички земји што оваа награда ја добија за 2019 година. Добитници на оваа награда се Вацлав Хавел, Хелмут Кол, Курт Масур, Карла дел Понте, Кофи Анан, екипажот на Меѓународната вселенска станица.
Прашањето дали имало некакви дадени пари за организаторите и потписниците на спогодбата од Преспа со која се промени уставното име на Република Македонија и преку која Македонија ги изгуби речиси сите национални – македонски атрибути остана неразјаснето. Неколкуте обиди да се разјасни тоа, направени пред сѐ во Грција, набрзо беа спречувани и попретувани. Мистеријата остана закопана во заклучени фиоки на владините кабинети на јужниот сосед. Дилемите дали имало или немало пари се потпираат на две претпоставки. Првата се согледува низ прашањето зошто се скараа министрите Каменос и Коѕијас и зошто овој вториот набрзо по потпишувањето на спогодбата поднесе неотповиклива оставка, напишана на девет страници, што никогаш не е објавена. Втората претпоставка се влече од разликата околу тоа што подразбира спогодба со медијација, а што е договор.

Фото: Игор Бансколиев

Каменос обвинува – Коѕијас зел 50 милиони од Сорос

Грчката афера за парите дадени за договорот изби во средината на декември 2018 година, рамно шест месеци по потпишувањето на спогодбата на 17 јуни во 2018 г. во селото Псарадес (Нивици на македонски) во Мала Преспа, од грчката страна на границата, блиску до македонските села Љубојно и Долно Дупени. Тогаш грчкиот министер за одбрана и претседател на партијата Независни Грци, Панос Каменoс, го обвини својот колега, министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, за злоупотреба на тајните фондови основани за реализација на спогодбата со кои располагало министерството. Каменос прашуваше – од каде на сметките на Коѕијас има толку многу пари? Каменос, иако беше коалициски партнер на владејачката СИРИЗА, се вбројуваше меѓу жестоките противници на спогодбата и директен противник на Коѕијас.
Според пишувањето на грчките медиуми што ја следеа беспоштедната борба меѓу двајцата министри, фондовите во нивното МНР биле наменети за поткупување учесници и поддржувачи за постигнување договор меѓу Грција и Македонија. Каменос истураше остри критики и обвинувања кон Коѕијас, прашањето за парите го отвори и во грчкиот парламент. Претседателот на парламентот, Никос Вуцис, одби да го прифати предлогот да се спроведе истрага за наводното лошо менаџирање со тие тајни фондови. Пред новинарите, Вуцис рече дека не знае дали други министерствата располагале со такви пари, но призна и потврди дека таков фонд навистина имало во Министерството за надворешни работи. При оваа полемика беа спомнувани суми меѓу 45 и 50 милиони евра, пари наменети за спонзорирање на спогодбата и давани на лица што ја пропагирале, поддржувале и се залагале да се потпише. За некои дадени евра имало список на организации, медиуми и личности, но тој список е класифициран како државна тајна. Од друга страна, во смисла на злоупотреба, се спомнувани давани суми на рака или преку други полулегални или нелегални патишта.
Неколку месеци подоцна, во февруари наредната година, Коѕијас го тужеше на суд Каменос за клевета, поттикнување закани дури и по живот, за ширење лажни вести, за нарушување на честа, угледот и достоинството. Во тужбата, поранешниот шеф на грчката дипломатија истакнува дека постојат уценувачи што му се заканувале, кои го клеветеле, со цел да ја оцрнат и самата политика што тој ја водел за спогодбата од Преспа. Коѕијас пишува дека уценувачите ширеле три лаги за да го принудат да замолчи: дека зел 50 милиони евра од Сорос, дека крадел пари од тајните фондови на грчкото министерство за надворешни работи и оти на нелегален и за него профитабилен начин одбрал компанија за издавање грчки визи. Откако адвокатот на Коѕијас ја достави тужбата, се огласи и Панос Каменос, кој кажа дека е подготвен да ги достави до судот сите докази. Иако се тресеше гората, од неа не излегоа на светло на денот ниту волкот ниту лисицата, сите обвинувања и оправдувања се покриени со превезот на тајноста.

Пари и за македонските медиуми

Во февруари 2019 г., медиумот со име „Ефимерида“ објави напис, во кој соопшти за основано сомнение за користење милионски суми од грчките тајни фондови за финансирање медиуми во Албанија и во Македонија, како и за лобирање за црковните интереси. Новинарот Димитрис Такис, добар познавач на околностите и во Грција и во Македонија, кој ја објави аферата, пишуваше дека на прашањето зошто биле финансирани медиуми во Албанија и во Македонија, одговорот бил дека овие пари се користеле за да се финансираат позитивни новински написи за Грција во македонските и во албанските медиуми и да се лобира кај новинари и сопственици на медиуми да работат за грчките интереси.
По објавата во „Ефимерида“, грчкото обвинителство нареди итна истрага за објавување доверливи информации, а од кабинетот на премиерот Алексис Ципрас реагираа велејќи дека објавувањето наводни информации за распределувањето на тајните фондови на Министерството за надворешни работи директно влијае врз националните интереси. Во Македонија е познато дека сопственик на поранешниот „Независен весник“ беше Грк и дека набрзо по постигнувањето на спогодбата го запре финансирањето, по што весникот престана да излегува. Овде треба да се наведе дека грчкото обвинителство поведе каква-таква истрага, а македонското се направи наглуво, од него не дојде иницијатива ни по допрен глас, иако информацијата беше објавена и во македонски медиуми.

Спогодба или договор – не е исто

Документот потпишан меѓу Грција и Македонија официјално го носи насловот „КОНЕЧНА СПОГОДБА ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 (1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 г. И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ“. Македонското собрание го има усвоено тој документ со наведеното заглавие. Претседателот на државата, Пендаровски, претседателот на Владата, Зоран Заев, министрите, службените лица и медиумите наместо спогодба го користат терминот договор, што не е ниту точно ниту правилно. И порано сум пишувал дека има формалноправна разлика меѓу едното и другото, на едни принципи се заснова спогодба постигната преку медијација, а на други договор постигнат директно меѓу две засегнати страни.
Без да се навлегува до други детали, треба да се каже дека по успешно завршена медијација медијаторот добива соодветна парична награда. Наградата ја исплатуваат еднакво двете страни во спорот, освен ако поинаку не е усогласено меѓу нив. Во македонско-грчкиот случај, на медијаторот Метју Нимиц, освен дневниците и хонорарите што ги добивал, на крајот му следува награда за успешно завршената работа. Дали добил, колкава сума му е исплатена ако добил, досега не е познато. Исто така, непознато е кој му платил – Американците, кои ја наметнаа спогодбата, како што некои спомнуваат, Обединетите нации, како нивни застапник, или Грција и Македонија еднакво. Би било интересно во име на транспарентноста и отчетноста тие работи јавноста да ги знае.

Награда за медијаторот

И во медијацијата парични награди добиваат застапниците на странките (ако страните во спорот не учествуваат директно), во случајов тоа би биле Никос Коѕијас и Никола Димитров како потписници и Алексис Ципрас и Зоран Заев како страни во спорот. Во потпишаната спогодба нема клаузула за награда. Но тешко е да се поверува дека Нимиц, како врвен правник и Американец работел за „црни очи“ за тоа што ја сакал Македонија и уживал во митовите од грчката историја. Никогаш не е кажано ни тоа дали парични награди добиле и четворицата застапници, по двајца од двете страни. Дека во согласност со принципите на медијација следува таква награда би ви појаснил секој постручен и пообучен медијатор насекаде во светот.
Не треба сто отсто да се тврди, но може да се каже дека една од причините зошто се избегнува вистинскиот и официјален термин „спогодба“ и се употребува терминот „договор“ е токму тоа што договорот има други начела, поинакви од медијацијата. Договорот, дури и политичкиот, е секогаш поврзан со пари за оние што договараат, пари што не се награди туку чисто договорени провизии, кои во бизнисот подлежат на соодветни закони, но се легални.
Јавноста во Македонија може да се надева дека еден убав ден во име на транспарентноста, вистината и чесноста ќе бидат објавени и некои финансиски детали од спогодбата со која Република Македонија го промени името. Се разбира, ќе бидат објавени доколку не ја загрозуваат националната безбедност и ако актерите се согласат да кажат дали имало или немало парични награди или провизии и во какви износи.

[email protected]