Родовиот императив на пандемијата

97
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со оглед на тоа што кризата со ковид-19 ги погодува мажите и жените на различни начини, мерките за нејзино решавање мора да го земат предвид родот. За жените и за девојчињата, мора да се решат ранливостите во домот, во првите редови на здравствената грижа и на пазарот на трудот

Каде и да погледнеме, жените се тие што го носат најголемиот дел од одговорноста за општествата да останат функционални, било да е тоа во домот, во системот за здравствена грижа, на училиште или во грижата за стари лица. Во многу земји, жените ги извршуваат овие задачи без паричен надомест. Сепак, дури и кога работата ја извршуваат професионалци, во овие професии најчесто доминираат жени, а истите тие во просек се и помалку платени од професиите во кои доминираат мажите. Кризата со ковид-19 дополнително ги заостри овие родови разлики. Регионалните рамки, мултилатералните организации и меѓународните финансиски институции мора да согледаат дека жените ќе играат клучна улога во решавањето на кризата и дека мерките за решавање на пандемијата и економските последици од неа треба да опфатат и родова перспектива. Гледаме три области каде што жените и девојчињата се изложени на зголемен ризик и имаат потреба од посилна заштита во тековната криза.

Прво, искуството покажува дека семејното и сексуалното насилство и насилството засновано на род се зголемуваат за време на кризи и катастрофи. Тоа се случи за време на епидемијата на ебола во 2014-2016 и на епидемијата на зика во 2015-2016 година, а се чини дека се случува и сега. Во услови на карантин или мерки за останување дома, жените и децата што живеат со насилни или репресивни мажи се изложени на многу поголема опасност.
Потребата да се обезбеди поддршка за овие жени и деца ќе биде уште поголема кога ќе заврши кризата и луѓето ќе можат повторно слободно и непречено да се движат. Мора да поведеме сметка засолништата за жени и другите форми на помош соодветно да се одржуваат и зајакнуваат. Владите и граѓанските организации мора да обезбедат повеќе ресурси, како што се сместување во итни случаи и телефонски линии за помош, можеби и користење на мобилните технологии на иновативни нови начини, како што се случува во многу други области.

Второ, најголем дел од луѓето во првите редови на пандемијата се жени, затоа што жените сочинуваат 70 отсто од целиот здравствен и социјален персонал на глобално ниво. Итно треба да ги зајакнеме овие жени, првично со обезбедување повеќе ресурси за оние што исто така преземаат примарна одговорност за работата во домаќинството. Згора на сѐ, тоа може да вклучува грижа за заразени членови на семејството, што би значело дека овие жени се изложени на уште поголем ризик.
Жените исто така го сочинуваат поголемиот дел од постарото население во светот, особено оние над 80 години, па, следствено, претставуваат и мнозинството на потенцијални пациенти. Сепак, тие почесто имаат помал пристап до здравствени услуги отколку мажите. Уште полошо, во неколку земји што искусиле претходни епидемии, обезбедувањето услуги за сексуално и репродуктивно здравје, вклучувајќи и пренатална грижа и грижа за мајките и пристап до контрацептивни средства и безбедни абортуси, се намалило штом се појавила потреба ресурсите да бидат пренаменети за кризата. Ваквото одлевање средства има сериозни последици за жените и девојчињата и мора да се спречи по секоја цена.

Жените се особено економски ранливи. На глобално ниво, личните финансии на жените се пониски од оние на мажите, а нивната позиција на пазарот на труд е понестабилна. Покрај тоа, поголем процент самохрани родители се жени, а тие ќе бидат посилно погодени од економскиот пад што се одвива сега.
Со оглед на овие разлики, од клучна важност е мерките за справување со економската криза да ја земат предвид поинаквата позиција на жените. Особено во зоните на конфликт и во другите области каде што нема заложби за родова еднаквост, жените и девојчињата се под ризик да бидат исклучени од процесите на одлучување, а можно е тие да бидат и целосно изоставени.
Оваа година се одбележува 25-годишнината од четвртата светска конференција за жените на Обединетите нации, кога меѓународната заедница ги усвои декларацијата во Пекинг и платформата за акција. Ги повикуваме сите влади да ја потврдат својата обврзаност кон начелото дека жените имаат еднакво право да учествуваат во одлучувањето како и мажите, односно дека нивните перспективи мора да бидат земени предвид.

За таа цел, оние што ги создаваат политиките на сите нивоа треба да слушаат и да стапат во интеракција со организациите за женски права при утврдувањето начини за справување со оваа криза и при подготовките за следната. Водечкото прашање секогаш треба да биде дали овој проблем различно ги погодува жените и мажите и, ако е така, како можеме да постигнеме поправедни исходи.
Мора да водиме грижа девојчињата да имаат еднакво време на располагање за учење како и момчињата и да не ја носат сета одговорност за грижата за браќата и сестрите и родителите. Исто така, мора да ги научиме вистинските лекции од кризата со ковид-19, што наложува внимателно да погледнеме како ги цениме и плаќаме придонесите на жените за здравствената грижа, социјалните услуги и за економијата. Како можеме да бидеме сигурни дека жените не се исклучени од важни политички процеси сега и нема да бидат во иднина?

Денес сите земји се соочени со иста криза и никој нема да го победи ковид-19 ако дејствува сам. Со оглед на тоа што ја делиме истата иднина, сите мора да вложиме напори за да бидеме сигурни дека иднината ќе биде изградена на солидарност и партнерство. Владите и ООН мора да покажат водство. Знаеме дека родово еднаквите општества се попросперитетни и поодржливи од оние со големи разлики. Оние што ги носат одлуките во светот имаат можност да ја стават родовата еднаквост како главен приоритет. Апелираме да ја искористат можноста и да не потфрлат.

(Ан Линд е министерка за надворешни работи на Шведска, Аранча Гонзалез е поранешна извршна директорка на Меѓународниот трговски центар и министерка за надворешни работи на Шпанија)
(Проџект синдикејт)