Фото: Игор Бансколиев

Заложбите за брзо решение, предизвикани и од специјални емисари однадвор, но и од поединци што го искористија својот „минат труд“ како носители на високи државни позиции во минатото, ги зголемија тензијата и реакциите во македонскиот јавен простор, а прашањето „дали треба избрзани решенија да се носат под притисок на ветото, во ситуација на политички и општествени турбуленции“ легитимно го отворија граѓаните на Македонија…

Новото вето на Бугарија и часовникот што
отчукува да не се прифатат како притисок
за избрзани решенија

Појавата на т.н. харвардска двојка Петков – Василев, на бугарскиот политички хоризонт создаде некаков привид на „нов прозорец“ за пробив на македонско-бугарските односи и преговори за отстранување на ветото. Но тој процес сѐ уште е закочен заради продолжување на бугарската кампања за ретуширање на историските факти и вистини за настани и ликови, што оди во пакет со флагрантното кршење на меѓународното право, а сето тоа генерирано од официјална Софија. ЕУ сѐ уште премолчено го толерира сето тоа, а времето што минува создава сѐ поголем притисок кон македонската страна…

Решенијата донесени под притисок не се покажуваат како вистински

Надежта за пробивот на заглавените преговори, на македонска страна се виде во изјавата на Петков, дека иако „ставот на Бугарија за Македонија останува непроменет, сепак таа позиција треба да се надгради за да биде од корист за двете земји“. Во извесна смисла, тоа засили одредени заложби во Македонија да се забрза со решението за блокадата од Бугарија, за да се „фати (уште еднаш) датумот за почеток на преговори“. Таквите заложби за брзо решение, што предизвика ситуација во која специјалниот преговарач од македонска страна, Владо Бучковски, кажа дека „немаме споделена, туку заедничка историја со Бугарија“ и дека затоа во Македонија „ќе се менуваат учебниците по историја, географија и литература“, ги зголеми тензијата и реакциите во македонскиот јавен простор. Промените, на политички план во Македонија, што беа ефектуирани изминатиот викенд (избор на нов лидер на владејачката СДСМ и веројатно нов мандатар на македонската влада), се очекува да имаат влијание и врз овој процес на преговори со Бугарија, па се поставува прашањето дали треба избрзани решенија да се носат под притисок на ветото, во ситуација на политички и општествени турбуленции.
Историчарот Тодор Чепреганов цени дека нема да има промени во бугарските позиции спрема македонските евроинтеграции, сѐ додека е во сила Декларацијата на нивното собрание, со која се бара прифаќање на бугарската историја како заедничка, а македонскиот јазик да биде прифатен како дијалектен дериват на бугарскиот.
– Имајќи ја предвид целата бугарска политика, од времето на Санстефанскиот договор до денес, не треба да се очекува позитивен исчекор од нивна страна во смисла на повлекување на ветото за македонските евроинтеграции. Сѐ додека не се промени Декларацијата на нивното собрание, ниту една нивна влада нема да отстапи од ветото. Во такви услови, апсурдни се секакви македонско-бугарски преговори, особено под притисок дека ако ги исполниме бугарските услови, веднаш ќе ги започнеме преговорите за членство во ЕУ. Во реалната состојба, кога немаме информација за што се преговара од политичарите, какви се заклучоците од работата на историската комисија… изгледа дека тешко од оваа ситуација да излеземе како Македонци. Државата е ставена на распродажба, а со секоја нова уцена го губиме државниот суверенитет. Дури и работата на историската комисија, со чие формирање практично се согласивме да ни се пишува „политичко-комисиска историја“, нарушен е суверенитетот на Македонија. Во таа смисла, Македонија треба да ги прекине преговорите со Бугарија под притисок на уцени со вето за евроинтеграциите. Извесен исчекор е можен кога на ЕУ и на САД ќе им снема трпение да ѝ угодуваат на Бугарија, а притисокот за решение на спорот да не го насочат спрема Македонија. Ни оваа нова, ни која било друга бугарска влада нема да промени ништо во односите со Македонија, додека не се промени Декларацијата на бугарското собрание. Оттука, сѐ друго за Македонија е залажување со датум, за датум – вели историчарот Тодор Чепреганов.

Маневрите на идниот премиер на Бугарија, во однос на ЕУ-ветото за Македонија се ограничени

Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика – Скопје, не гледа голема веројатност за исчекор на Бугарија во блиска иднина, во однос на почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
– Не мислам дека новата влада во Бугарија ќе брза со одлуките во однос на нашата преговарачка рамка, поради што и не гледам голема веројатност за исчекор до крајот на оваа година. Допрва ќе видиме како ќе се развива позицијата на владата на Петков, со оглед на најавеното проширување на дијалогот, надвор од историските прашања, и позициите на новата министерка за надворешни работи – вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика – Скопје.
Поранешната амбасадорка и новинарка, Мелпомени Корнети, смета дека од Бугарија никој не може да вети ништо оптимистички во однос на ветото за Македонија, сѐ додека постои Декларацијата на нивното собрание.
– Маневрите на новиот премиер/мандатар на Бугарија, во однос на ЕУ-ветото за Македонија се ограничени со Декларацијата на бугарското собрание. Во моментов, тој не може да вети ништо поинаку од таа декларација. Добро би било ако развојот на македонско-бугарските односи го насочи на реални и витални прашања за двете држави и ги прошири преговорите на други пореални теми за соработка, со што на некој начин би се олабавил притисокот за барање решенија исклучиво за историските прашања. Ако преговорите останат само на историјата, евидентно е дека нема да се најде решение. Пренасочување на преговорите на други теми, сметам дека би придонело да се разводни притисокот за историјата и да остане за неа да расправаат историчарите, без да биде услов за нашите евроинтеграции. Од друга страна, и ние би можеле да „купиме време“ за да ја оправиме државата, па ЕУ да не се гледа единствено како можност за бегство и егзистенцијален спас. Очекувам новиот бугарски премиер дека нема да размислува толку тврдо како неговите претходници – вели амбасадорката Мелпомени Корнети.