Решавањето на македонското прашање е решение за мир на Балканот и во Европа

1370

Тони Менкиноски, правен застапник на Македонците во Бугарија

Г. Менкиноски, заменик-премиерот и министер за одбрана на Република Бугарија, г. Красимир Каракачанов, поведе кривична постапка против вас. Ќе може ли да ни објасните зошто и кој е поводот еден од највисоките претставници на извршната власт на земја-членка на Европската Унија да се осмели на еден ваков чекор?
– За жал, историјата негативно се повторува, некои феномени кај нашиот источен сосед како да живеат во времето на 1892 година, кога во Софија му е судено на Александар Караѓуле за конспиративна дејност дека се борел за македонска национална посебност и го поттикнувал отпорот на Македонците против Бугарската егзархија. Александар Караѓуле, како уредник на весникот „Македонски глас“, во последниот број објавил повик до сите Македонци во Бугарија да се борат за ослободување на Македонија. Поради тоа, тогашната бугарска влада, на чело со Стефан Стамболов, го апси Караѓуле Охридски и, заедно со други Македонци, го осудува на смрт со бесење во таканаречениот „Македонски процес“. За мачењата во софискиот затвор овој македонски патриот и музичар самиот си ја испеал песната „Послушајте патриоти“. Неговата жена Клио Караѓулева, во 1897 година, за овој настан објавува книга, која сѐ уште е забранета во Бугарија, со наслов „Едно сведоштво за себичниот тиранин Стефан Стамболов“, во која го опишува целиот настан.
И сега имаме ист контекст на збиднувања! Повторно заменик-премиерот и министер за одбрана на Република Бугарија, г. Каракачанов, користејќи ги институциите на системот за репресија кон етничките Македонци од т.н. благоевградска област во Бугарија или Пиринска Македонија се обидува да ги заплаши, со намера тие да не ја истакнуваат својата македонска посебност здружени во културно-уметнички друштва! Но бидејќи сеништата од минатото би требало да се само кратки епизоди во сегашноста, Македонците не можејќи своите права да ги добијат во бугарската држава, истите тие ги поставија пред Европскиот суд за човекови права. Јас сум нивен бранител повеќе години во судот во Стразбур, а наедно тоа е и поводот за поднесување обвинение против мене како адвокат (притоа тој ја напаѓа и „Нова Македонија“ поради две статии поврзани со правата на македонското национално малцинство) и против основачите на овие организации, исто како во 1895 година – за „конспиративен процес против бугарската држава со намера за создавање македонска нација“!

Ќе сакате ли да ни појасните што точно се случува сега во Европскиот суд за човекови права и во Советот на Европа по ова прашање?
– Бугарија е на колена од ретроградниот процес што го спроведува со години по прашањето за Македонците и нивната посебност и право на здружување! Во моментов таа е под засилен мониторинг од страна на Советот на Европа, а неисполнувањето на пресудите и игнорирањето на препораките од европските институции може да го доведе под прашање и нејзиното исклучување од Советот на Европа. Внимавајте, Бугарија ја забрани политичката партија ОМО Илинден – ПИРИН, која успеа за многу краток период да собере 7.000 члена од потребните 5.000, партија што е членка на Европската слободна алијанса (ЕФА) и индиректно е присутна во Европскиот парламент, партија што покажа дека има повеќе членови отколку што официјална Софија за време на последните пописи попишува Македонци. Од друга страна, во изминативе месеци под страв од губење на процесот за здружението „Македонски клуб за етничка толеранција“ (нерегистрирана невладина организација од Република Бугарија) во Судот во Стразбур, Бугарија ги регистрира „Граѓанското здружение за заштита на основните човекови права“ и здружението „Антички Македонци“. Но за краток период и веднаш ги забрани, а со намера само да прикаже пред европските институции дека ги следи нивните упатства.
Да не заборавиме, ваков несериозен однос и перманентно лажење ја доведоа Република Грција да биде исклучена од Советот на Европа, од 1969 година до 1974 година. Стравот од непризнавање на македонското малцинство може само да ја врати Бугарија назад во времето и надвор од цивилизираниот свет.

Дали сметате дека обвиненијата се поврзани со процесите?
– Сосема е јасно дека се! Главен јавен обвинител на Бугарија може со огромна сигурност да резултира со мое целосно или делумно спречување или попречување во натамошното навремено и правилно вршење на моите адвокатски услуги за овие мои клиенти пред Европскиот суд. Ова директно негативно ги засега мојата способност и слобода да патувам и слободно да ги консултирам моите клиенти, како и таквата способност и слобода на моите клиенти да патуваат и да се консултираат со мене. Домашните органи на секоја тужена држава – договорна страна пред Европскиот суд, мораат да се воздржат од секаква форма на притисок врз жалителите за да ги повлечат или да ги изменат своите жалбени барања. Според стразбуршкиот суд, притисокот може да биде во форма на директна принуда и со флагрантен акт на заплашување на жалителите или на потенцијалните жалители, нивните семејства и/или нивните законски застапници, но, исто така, и во форма на несоодветни индиректни дејства или контакти.
Со еден збор, фактичката состојба во која моментално се наоѓам јас како адвокат се сведува на целосна неизвесност и директен ризик за моето натамошно вршење на мојата професионална адвокатска улога, што е спротивно на сите меѓународни инструменти за заштита на бранителите на човековите права и основни слободи, вклучувајќи ги тука посебно Основните принципи на ООН за улогата на адвокатите (1990); Декларацијата на Комитетот на министри на Советот на Европа во врска со акцијата за подобрување на заштитата на бранителите на човековите права и промовирање на нивните активности (2008); Препораката бр. Р (2000) 21 на Комитетот на министри до земјите-членки за слободата за остварување на професијата адвокат; Препорака на парламентарното собрание на СоЕ 2085 (2016) за зајакнување на заштитата и улогата на бранителите на човековите права во земјите-членки на Советот на Европа итн.

Г. Менкиноски, сега во ваква ситуација, што сметате вие дека треба да преземете за да се надмине оваа состојба и кои се вашите очекувања?
– Во ноември лани јас испратив отворено писмо до г. Каракачанов и му порачав да не се плаши од нас Македонците, зашто нашите намери се искрени, чесни и правдољубиви. Исто онака како што ги опишал во 1872 година, седејќи во Истанбул помеѓу џамијата „Јени“ и мостот „Галата“, патријархот на бугарската литература Иван Вазов, во неговата песна „Една кратка од Цариград“.
Сакам да истакнам дека досега во повеќе наврати успешно и непопречено се имам појавено како адвокат на апликанти од Република Бугарија, практика што е целосно во согласност со релевантните одредби на самата Европска конвенција за човекови права и особено Правилникот на почитуваниот Европски суд за човекови права. Е сега, за да се надмине целосно настанатата состојба, за да го демократизираме нашиот источен сосед и еднаш веќе да разбере дека македонското прашање е решение за мир на Балканот и во Европа, јас нема само да ги информирам туку ќе барам да се преземаат соодветни постапки пред релевантните институции при Советот на Европа и Обединетите нации. Тоа значи дека ќе дадеме придонес кон почитувањето на човековите права и демократизацијата на Република Бугарија во насока на признавање на македонското малцинство. Би сакал да истакнам дека веќе неколку делегации на Парламентарното собрание на Европа изразија интерес ова прашање да се постави за време на првата јануарска сесија во 2020 година. Започнати се и неколку внатрешни истраги при овие институции. Па да видиме, а моите очекувања се дека овој процес е започнат и ќе трае. Ние нема да отстапиме и ќе се раководиме од Аристотеловата поговорка дека „трпението е горчливо, но има највкусни плодови“! Н.М.